fbpx

3 предлог-рецепти за пролетни тестенини

tonus

Тестенините може да бидат одлична намирница и да се применат во многу рецепти за ручек. Во комбинација со разни пролетни зеленчуци, се добиваат рецепти кои се вкусни, здрави и нутритивни. За тестенините се смета дека се храна која е калорична и дебелее, но тоа е точно само доколку тие се користат неправилно, прекумерно и често.

 

Содржат јаглехидрати, но тоа не ги прави храна која „дебелее“

 

Тие се богати со јаглехидрати, кои се есенцијален микронутриент и нивниот сложен тип, односно генерално скробната храна, не само што не треба да се избегнува, туку таа треба да нѝ биде основа во нашата исхрана – леб, компири, житарки, ориз, мешунки итн. Под ова се подразбира да консумираме леб од полнозрнесто брашно, полнозрнасти житарки, интегрален ориз итн.

"“Online”/

Ваквите тестенини добиени од полнозрнесто брашно содржат:

  • растителни влакна – над 6g во 100g несварени тестенини, што е околу 20% од дневните потреби. Ваквите растителни влакна особено се губат при процесот на добивање на бело брашно.
  • сложени јаглехидрати – главно скроб, но дел и резистентни, односно недигестибилни, разгранети сложени јаглехидрати
  • протеини – над 12g
  • Приближно 0g масти

 

но и низа на микронутриенти:

  1. повеќе витамини од Б групата,
  2. калиум
  3. железо
  4. бакар
  5. манган
  6. цинк итн.

Ваквите микронутриенти се исто така позастапени во тестенините од полнозрнесто брашно, наспроти оние добиени од бело брашно.

 

 

Одлично одат во комбинација со разни зеленчуци и сосови од зеленчуци

 

Денес ќе ви предложиме три варијации за подготовка на интегрални тестенини на неколку начини кои ги вклучуваат сегашните актуелни зеленчуци. Тие се богати со разни витамини и минерали, а се лесно достапни и карактеристични за овој дел од годината и во рецептите со тестенини може да се додадат како зготвени или да се дел од сосот.

 

  1. Паста со млад грашок

 

Овој рецепт се подготвува за околу 25 минути и од него се добиваат околу 4 порции

За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви бидат:

  • 500g интегрални тестенини по ваш избор
  • Околу 400g млад грашок
  • 1 голема главица кромид, исецкана
  • 5 млади кромитчиња, ситно исецкани
  • Малку свежно нане
  • Китка свеж магдонос, ситно исецкан
  • 2 лажички маслиново масло
  • Сок од еден лимон
  • 100g спанаќ
  • Малку сол и мелен црн бибер
  • По желба малку урда или козјо сирење

 

Начин на подготовка:

  1. Сварете ги тестенините според инструкциите на пакувањето. Во последните неколку минути од варењето, додадете го младиот грашок во водата со тестенини, и дозволете само кратко да се бланшира.
  2. Кога грашокот има силно зелена боја, тргнете го тенџерето од оган, процедете ги тестенините и грашокот и ставете ги во голем сад, додавајќи маслиново масло, сок од лимон и малку сол и бибер
  3. Во тавче, на капка масло, сосем кратко пропржете ги младите кромитчиња и кромидот, а потоа додадете ги нането, магдоносот и спанаќот. Гответе околу 1 минута, колку да омекнат листовите спанаќ и магдонос.
  4. Измешајте ги тестенините со грашок и содржината од тавчето и измешајте.
  5. По желба додадете малку маслиново масло и урда или козјо сирење.

 

 

  1. Тестенини со кремав сос од морков

 

За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви се околу 45 минути и се добиваат 3-4 порции.

 

Потребни состојки:

  • 300g интегрални тестенини по ваш избор

За сосот:

  • 1 главица кромид, исецкан
  • 5 чешниња лук, ситно исецкани
  • 2 лажички маслиново масло
  • 3 средно големи моркови, исецкани
  • 150ml вода
  • Околу 150ml сос од домати
  • Малку сол и црн бибер
  • Неколку лажици соја сос
  • 20-30g индиски ореви, ситно исецкани

 

По желба може да се додаде во сосот:

  • 1-2 китки магдонос, исецкани
  • Сок од лимон

 

Начин на подготовка:

  1. Сварете ги тестенините според упатството на пакувањето.
  2. Загрејте маслиново масло на тавче, додадете ги кромидот и лукот и динстајте додека не заруменат и омекнат (околу 5 минути). Додајте ги морковите, индиските ореви, водата и сосот од домати и зачинете со сол и бибер. Гответе околу 15 минути, додека морковите не омекнат. Додадете 1-2 лажици соја сос и тргнете го тавчето од оган.
  3. По желба додадете ги и магдоносот и сокот од лимон
  4. Ставете ја смесата во блендер и постепено блендирајте додека не добиете кремава смеса.
  5. Измешајте ги процедените тестенини со сосот и послужете.

 

 

  1. Шпагети со тиквичка и спанаќ

 

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 35 минути и е доволно за 4 порции

 

Потребни состојки:

  • 400g интегрални шпагети
  • Неколку лажички маслиново масло
  • Еден голем или две средно големи главици кромид, исецкани
  • 2 средно големи тиквички, исецкани
  • 3 чешниња лук
  • Малку сушено ориган и црвен пипер
  • 100ml сос од домати
  • 1 свеж домат, исецкан
  • 1-2 свежи пиперки, ситно исецкани
  • Околу 400g свеж спанаќ
  • Сол и мелен црн бибер
  • По желба, при сервирање, пармезан

 

Начин на подготовка:

  1. Сварете ги шпагетите според упатството на пакувањето.
  2. За сосот – загрејте маслиново масло во големо тавче. Додадете го кромидот и пропржете 3-5 минути. Додадете ги тиквичките, лукот, ориганото, црвениот пипер, свежите пиперки и малку сол. Динстајте околу 5-8 минути, додека зеленчуците не омекнат делумно, често промешувајќи. Додадете го и доматниот сос и гответе уште 2-3 минути.
  3. Додадете го и исецканиот свеж домат и гответе додека течноста во тавчето делумно не испари (околу 10-15 минути).
  4. Кога сосот е згуснат, тргнете го од оган и додадете го свежиот спанаќ и босилок. Промешајте и потоа додадете ги шпагетите и оставете ја ваквата смеса некоја минута. Шпагетите треба да впијат од сосот, а спанаќот од топлината и влагата да омекне.
  5. Повторно промешајте и послужете.

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор