fbpx

Растителните влакна може да го подобрат одговорот на телото кон одредени типови терапија

tonus

На нашиот блог континуирано зборуваме за важноста на разновидност во исхраната. Само преку разновидна исхрана може да ги внесеме сите потребни нутриенти, во соодветни количини. Но, нажалост на луѓето често им недостасува внесот на одредени нутриенти поради разни причини – јадење на готова-купечка храна, јадење брза храна, често консумирање на процесирана храна, недоволен внес на свежи овошки и зеленчук и сл. Еден од нутриентите кој најчесто е занемарен и недоволно внесуван се всушност растителните влакна. Иако тие не спаѓаат во класичната дефиниција за нутриент, истите имаат низа на позитивни ефекти врз нашето здравје. Некои понови истражувања покажуваат дека растителните влакна дури може да имаат и позитивен ефект за одредени карциноми или во случајот на ова истражување – меланом.

Што претставуваат растителните влакна и зошто е важно да ги внесуваме?

Растителните влакна или фибер припаѓаат на групата на јаглехидрати. Познато ни е дека јаглехидратите се есенцијални или неопходни макронутриенти. Сепак, иако припаѓаат во оваа група, растителните влакна се недигестибилни или несварливи за нашиот дигестивен систем, поради отсуството на соодветни ензими. Тие сепак се сметаат за нутриенти кои имаат низа на позитивни влијанија во организмот. Имено, растителните влакна ја попречуваат работата на дигестивните ензими со што се успорува дигестијата и на тој начин се избегнуваат шеќерните пикови, а потоа и наглите падови кои се ризични по здравјето. Ваквите осцилации во нивото на шеќер во крвта (кои најчесто се јавуваат по внес на храна која е богата со рафиниран шеќер) може да предизвикаат да се чувствуваме постојано гладни. Овој ефект на растителните влакна всушност го намалува нејзиниот гликемискиот индекс.

 Истражувањата покажуваат дека исхраната богата со фибер, значително го намалува ризикот од развивање на дијабет тип 2. Поради ваквиот заситувачки ефект на влакната, но и со нивното стабилизирање на нивото на шеќер, тие индиректно допринесуваат за подобра регулација на гладта, а со тоа и на телесната тежина.

"“Online”/

Растителните влакна исто така ја подобруваат цревната перисталтика и го намалуваат ризикот од појава на најчестите дигестивни заболувања. Дополнително, ризикот за појава на дијареа, констипација сериозно се намалува. Во цревата, фиберот подлежи на делумно метаболизирање и поради тоа има улога на пребиотик, односно храна за цревната микрофлора. Ова е исто така една од неговите неопходни улоги и нешто што значително допринесува за нашето здравје.

Растителните влакна се смета дека го намалуваат и ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања, а тоа е докажано и преку повеќе истражувања и студии. Една таква студија, од Универзитетот Харвард, САД, следела над 40 илјади машки здравствени работници, при што утврдила дека оние што имале исхрана најбогата со фибер, имале намален ризик од срцеви заболувања за дури 40%. Покрај овие импресивни ефекти на фиберот, во продолжение ќе погледнеме и понови истражувања кои покажале дека тој може да има и заштитнички, позитивен ефект и кај некои типови карцином – или во случајот на истражувањето – меланом.

Истражување – растителните влакна може да го намалат прогресирањето на меланом

Поврзаноста меѓу здравјето и функцијата на цревната микрофлора со нашето целокупно здравје е сè повеќе проучувана. Неретко среќаваме комерцијално достапни пробитоци и пребиотици кои луѓето ги користат како суплемент, покрај секојдневната исхрана. Едно неодамнешно истражување ја проучувало поврзаноста меѓу внесот на растителни влакна и одговорот на телото кон терапијата кај лица со меланом. Истражувањето покажало дека за секои дополнителни 5g на растителни влакна кои се внесуваат, ризикот за прогресирање на овој тип карцином се намалувал и за дури 30% кај испитаниците. Интересно е што најдобри резултати имала групата која внесувална доволно растителни влакна преку исхраната, но не користела пробиотици како суплемент. Научниците откриле дека оние кои најдобро реагирале на терапијата имале здрава и разновидна микрофлора, особено од бактеријата Ruminococcaceae и Faecalibacterium prausnitzii.

Студијата вклучила 128 испитаници и нивните навики за исхрана биле испитани преку прашалник. Како соодветна и доволна количина во студијата, се сметал внес од 20g растителни влакна дневно. Од вкупниот број испитаници, само 37 внесувале доволно влакна. По период од 13 месеци, токму тие имале најдобри шанси за преживување, односно најдобра реакција кон терапијата.

Ова претставува мала студија, но постојат голем број поголеми студии кои потврдуваат за големиот број позитивни, здравствени бенефити кои им се препишуваат на растителните влакна.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор