fbpx

Исклучително вкусен и здрав – два рецепти со СЛАДОК КОМПИР!

tonus

Ладните зимски денови се одликуваат со зачестената употреба на скробните зеленчуци. Еден од нив, за кој не зборуваме доволно често е и слаткиот компир. Тој има доста интересен вкус, но и одлична нутритивност, па затоа денес издвојуваме два рецепти со сладок компир.

Нутритивни карактеристики на слаткиот компир

Слаткиот компир е скробест, сладок, коренест зеленчук од  фамилијата Convolvulaceae. Иако имаат речиси ист назив и слична форма, слаткиот компир и обичниот компир имаат големи нутритивни разлики. Затоа е важно почесто да се консумираат различните видови компир.

Во 100g сиров сладок компир се содржат:

"“Online”/
  • 86 калории
  • 1,6g протеини
  • 20g јаглехидрати (од кои 4g шеќери и 3g растителни влакна)
  • Само 0,1g масти

Слатките компири се на прво место по содржината на растителни влакна, железо, калциум, Б витамини и витаминот А, во споредба со другите зеленчуци. Еден од клучните здравствени бенефити за овој плод е неговото високо количество на антиоксидантот, провитаминот – бета-каротен, кој кога ќе се внесе во организмот се конвертира во витамин А. Овој витамин, покрај познатиот факт дека го чува здравјето на очите, е  особено важен за нормална и здрава фунцкија на срцето, белите дробови, бубрезите итн.

Печен сладок компир со наут

За овој рецепт потребен ќе ви е околу еден час за подготовка, а истиот е доволен за околу 4 лица.

Потребни намирници:

  • 4 големи слатки компири
  • Маслиново масло
  • 1 конзерва подготвен наут
  • Малку мелен кумин, сушено оригано, сол, бибер и мелен црвен пипер
  • 2 мали лажички сусам
  • 100g козјо сирење
  • 4 млади кромидчиња, исецкани
  • Малку свеж магдонос, исецкан

За преливот:

  • 150g неутрален грчки јогурт или поретка павлака
  • Малку сок од лимон
  • 1-2 чешниња лук, ситно исецкани
  • Мелен црн бибер и сол

Подготовка:

  1. Измијте ги слатките компири, прободете ги неколку пати со вилушка или нож, а потоа наредете ги во тавче обложено со хартија за печење. Капнете малку маслиново масло и ставете ги да се печат во рерна на 200℃, околу 45-50 минути. На крајот, проверете со нож дали лесно се сече компирот. Доколку е доволно печен, ножот лесно ќе го прободе и лесно ќе искочи од компирот.
  2. Додека се печат компирите, подгответе го преливот, така што ќе ги искомбинирате намирниците во помал сад.
  3. Наутот процедете го од конзервата и 10-ина минути пред да ги извадите компирите, ставете го во тавата заедно со нив.
  4. Кога компирите ќе се испечат, извадете ги заедно со наутот. Компирите исечете ги и префрлете ги во чинија за послужување. Наутот распоредете го врз нив, а потоа прелијте ги со сосот. Врз тоа издробете од козјото сирење, додајте го исецканиот магдонос и младиот кромид. При послужувањето, по желба, пропрскајте ги компирите со сок од лимон.
  5. Послужете.

Супа од црвени пиперки и сладок компир

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 55-60 минути, а истиот е доволен за 4 лица. За подготовка на оваа супа ќе ви биде потребен и рачен блендер.

Потребни состојки:

  • 4 големи или 6 помали црвени пиперки, исецкани покрупно и со отстранети семки
  • Маслиново масло
  • 1 голема главица кромид, исецкана
  • 2-3 чешниња лук, ситно исецкани
  • 4 слатки компири, излупени и исецкани на поголеми парчиња
  • Околу 1200ml растителен бујон
  • Малку сол, бибер, мелен црвен пипер и зачини по желба
  • Сок од лимон

Подготовка:

  1. Во тавче обложено со хартија за печење, наредете ги црвените пиперки. Печете ги околу 40 минути во рерна на околу 200 степени. Потоа извадете ги и оставете ги околу 20-30 минути да се оладат.
  2. Во големо тенџере, загрејте малку маслиново масло и додајте го кромидот. Пропржете го околу 5-7 минути, а потоа додајте го лукот и гответе уште 1-2 минути. Додајте го слаткиот компир, бујонот и зачинете. Доведете до вриење, а потоа намалете ја температурата и оставете да се готват зеленчуците околу 20-25 минути. Слаткиот компир треба да е омекнат.
  3. Кон тенџерето, додајте ги и печените црвени пиперки. Со употреба на рачен блендер, испасирајте ги зеленчуците. Треба да добиете кремава и густа супа. Доколку сакате да ја разредите, едноставно додајте малку вода.Истата можете да је префрлите во друг сад или директно да ја послужите. Кога истата малку ќе се олади, додајте сок од лимон и зачини по желба.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор