fbpx

Зошто ПОВОЗРАСНИТЕ често се жалат на ВЛОШЕНО СПИЕЊЕ?

tonus

Квалитетот и времетраењето на спиењето е нешто што често варира и зависи од повеќе фактори. Еден од тие фактори е и возраста, па така повозрасните често спијат помалку, а дел од нив се жалат и на намален квалитет на спиење. Од друга страна, голем дел од повозрасната популација е сосем одморена и свежа и после само 6-7 часа сон. На што се должи ова и како спиењето се менува со возраста? Токму за ова ќе зборуваме во продолжение.

 

Зошто е важна добрата „хигиена на спиење“?

Проценките се дека приближно една третина од нашиот живот ќе го поминеме спиејќи. Тоа значи дека сонот е незаменлив и голем дел од нашиот живот, а тоа е така со причина. Во нашето тело постои внатрешен биолошки часовник или т.н циркаден ритам. Ваквиот ритам претставува збир на физички и ментални промени, како и промени во однесувањето, кои го следат 24 часовниот циклус на денот. Овие природни промени во телото главно се придвижувани од светлината, односно од денот и ноќта. При крајот на денот и почетокот на ноќта, телото започнува со лачење на хормонот мелатонин кој нè прави да се чувствуваме поспано и помага при одржување на ваквата поспаност низ целата ноќ.

Имањето на квалитетен сон во текот на ноќта ни овозможува нормално функционирање наредниот ден, контрола на нашиот метаболизам и телесна тежина, добро расположение, го намалува ризикот за појава на разни заболувања и сл.

"“Online”/

Науката потврдува дека голем дел од нашето здравје може да се поврзе со добриот сон. Во претходни статии ја имаме и дискутирано поврзаноста на сонот со нашето целокупно здравје и имуниот систем.

 

Како се менува циркадниот ритам со годините?

Бидејќи циркадниот ритам најчесто се асоцира со сонот, важно е да ја разбереме нивната поврзаност. Циклусот на будење и заспивање претставува јасен и клучен пример за функционирањето на циркадниот ритам.

Кога надвор е разденето, светлината делува врз нашиот „внатрешен часовник“. Тоа доведува до создавање на сигнали кои ни даваат чувство на концентрираност, будност и активност. Ваквата состојба продолжува и во текот на целиот ден, односно додека светлината постои како надворешен стимул.

Со пристигнувањето на ноќта, започнува создавањето на мелатонинот. Тој претставува хормон кој е заслужен за поспаноста што ја чувствуваме. Неговото дејство продолжува и во текот на целата ноќ.

Циркадните ритами се менуваат за време на нашиот живот и ваквите промени се честа причина за проблеми со спиењето кај постарата популација. Се смета дека ваквиот ритам во адолесцентноста е најмногу „закаснет“, а како старееме се враќа во нормала па потоа „подранува“.

Започнувајќи на возраст од 60 до 65 години, ритамот „подранува“. Ова значи дека лицата на оваа возраст ги извршвуаат подобро потребните задачи рано наутро, а нивната потреба за сон доаѓа порано во ноќта. Ваквите промени се постепени и се проценува дека циркадниот ритам се „поместува“ за околу половина час секоја декада, започнувајќи по четиересеттата година. Истражувања покажуваат дека промените во ваквиот ритам доведуваат и до поголема чувствителност кај старите, во поглед на спиењето. Доколку не го запазат ритамот на спиење, тие имаат немирен, неконстантен сон.

 

Зошто доаѓа до вакви промени?

Една од најчестите причини поради кои повозрасните имаат поразличен и некогаш влошен ритам и квалитет на спиење, се смета дека е промената која се јавува во делот од мозокот задолжен за контролирање на циркадниот ритам. Стареењето влијае врз функцијата на овој дел од мозокот, нарушувајќи го циркадниот ритам и менувајќи ги навиките за спиење на повозрасните. Исто така, споменавме дека ваквиот ритам зависи од изложеноста на дневна светлина, но нажалост се смета дека голем дел од повозрасните немаат доволна изложеност на светлина, па така доаѓа до дополнително намален квалитет на спиење. Ова влијае на создавањето на хормоните кортизол и мелатонин – два клучни хормони за ритамот на спиење.

Покрај тоа, одредени проблеми со физичкото и менталното здравје може да влијаат врз квалитетот на спиење. Најчестите состојби кои може да го влошат спиењето се: депресија, анксиозност, проблеми со кардиоваскуларното здравје, дијабетот, артритисот и сл. Бидејќи повозрасните може да имаат и повеќе од една од овие набројани состојби, тие често земаат и разновидна терапија. Понекогаш проблемите со спиењето се јавуваат и од самите лекарства. Но, најчесто станува збор за збир од повеќе различни фактори кои нажалост го намалуваат квалитетот на спиење кај повозрасните. Тука може да ги вклучиме и физичката неактивност, изолираноста и намалена социјализација, често будење во текот на ноќта и сл. Факт е дека овие фактори некому ќе влијаат повеќе, а некому помалку. Исто така, сосем е очекувано времетраењето на спиење да се намали со текот на возраста. Но, најважно е да се чувствуваме одморени, свежи и енергични. Доколку тоа не е така, потребно е да направиме одредени измени со цел да го подобриме нашиот квалитет на спиење, а тоа секако ќе се одрази позитивно врз нашето целокупно здравје.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор