fbpx

Како стресот влијае на плодноста кај мажите и жените?

tonus

Денешниот начин и темпо на живеење подразбира честа изложеност кон непредвидливи, стресни и тешки ситуации. На нашиот блог често говориме за ефектот кој го има стресот врз здравјето и потенцираме дека тој, нажалост, е составен дел на животот и некогаш е невозможно да се избегне.

Затоа, треба да внимаваме на изложеноста кон стрес и на начинот на кој нашето тело реагира во такви ситуации, бидејќи стресот може да остави сериозни здравствени проблеми. Еден од тие потенцијални проблеми е поврзан и со фертилноста односно плодноста. Затоа, во продолжение ќе зборуваме малку повеќе за стресот и поконкретно за неговото влијание врз плодноста.

Зошто доаѓа до појава на стрес?

Стресот се смета за нормална човечка реакција кон штетни и потенцијално опасни ситуации – без разлика дали се тие реални и навистина опасни или нашата перцепција за нив е едноставно таква. Изложувањето на ваква ситуација предизвикува бројни хемиски реакции во телото кои го подготвуваат истото да се бори или да ја избегне опасноста.

"“Online”/

Ваквата реакција е позната како „fight or flight“ или „бори се или побегни“. Тоа е автоматска човечка реацкија и била клучна за нашите предци и за нивниот опстанок. Стресот го зголемува пулсот, го забрзува дишењето, ги затега мускулите и го зголемува крвниот притисок. Телото на овој начин е подготвено да делува, односно да се одбрани.

Проблемот е што денес, ситуациите најчесто не се животно загрижувачки, односно изворот на стрес е често од безопасни извори. Сепак, перцепцијата за стресни ситуации е различна и индивидуална за секого. Нешто што е стресно за еден човек, може воопшто да не е за некој друг. Некои луѓе едноставно подобро се справуваат и функционираат со стресот.

Понекогаш стресот во умерени дози може да делува и позитивно. Тој може да ни помогне да завршиме некоја важна задача со зголемена концентрација, фокусираност и прецизност. Но, долгорочниот – хроничен стрес има сосем поинакви ефекти врз телото.

Стресот и неговиот ефект врз плодноста кај жените

Стресот може негативно да влијае и на машката и на женската плодност. Да започнеме со неговиот ефект врз плодноста кај жените. Имено, оваа тема била покриена преку бројни истражувања и студии. Во едно такво истражување биле вклучени 373 жени, на возраст од 18 до 40 години, кои немале претходни проблеми со плодноста. Покрај мерење на алфа-амилазата во плунката, бил мерен и стрес хормонот – кортизол. Истражувањето покажало дека жените кои имаат високо ниво на алфа-амилаза во плунката (ензим кој е добар индикатор за изложеност кон стрес) имале дури 29% помалку шанси да забременат. Тие исто така имале двојно повеќе шанси за да бидат клинички класифицирани како неплодни, односно да не можат да забременат 12 месеци по ред, иако се обидуваат.

Стресот исто така може да допринесе кон помалку здрав начин на живеење – намалена физичка активност, лош квалитет на сон, нездрава исхрана, пушење и консумирање на алкохол и сл. Ваквите фактори исто така имаат значително влијание врз плодноста.

Едно друго истражување покажува дека околу 40 проценти од жените испитаници кои имале проблеми со плодноста и со забременувањето, имале веќе некаков тип на анксиозност пред да се обидат да добијат дете. Дополнително, самиот неуспех за забременување може да предизвика дополнителен стрес кај жените и додатно да ги намали шансите.

Како стресот влијае врз плодноста кај мажите?

Механизмот преку кој стресот влијае врз плодноста кај мажите не е во целост разјаснет, но се смета дека тој директно влијае врз квалитетот на спермата. Според некои истражувања, проблемот лежи во мажите кај дури 40% од паровите кои имаат проблеми со забременувањето. Најголем проблем се смета дека се одредени абнормалности кои може да се јават кај спермата.

Едно истражување следело 193 мажи на возраст од 38 до 49 години, во период од 3 години. Кај мажите преку повеќе различни тестови бил проценет степенот на изложеност кон стрес. Нивната сперма била проучувана од научниците во поглед на бројот на сперматозоиди, нивната подвижност и морфологија (форма).

Научниците откриле дека мажите кои имале два или повеќе стресни настани во изминатата година, имале сперматозоиди со помала подвижност и имале помал процент на сперматозоиди со нормална морфологија, во споредба со мажи кои немале стресни ситуации. Во истражувањето биле земени во предвид и  други фактори кои може да играат улога: возраст, останати здравствени проблеми и сл. Но, и покрај вклучувањето и на тие фактори, ефектот на стресот бил речиси ист кај мажите.

Се смета дека еден од главните фактори преку кои стресот влијае на плодноста е преку неговото влијание врз хормоните во телото – првенствено тестостеронот. Покрај тоа, стресот може да го зголеми и оксидативниот стрес во телото, односно изложеноста кон штетните слободни радикали – ефект кој други студии го поврзуваат со намалена плодност.

Како да го намалиме или контролираме стресот?

Иако стресот е природна и нормална реакција на телото кон надворешни ситуации, хроничниот стрес е опасен по здравјето. Промени и здрави навики кои може да ви помогнат да го намалите или целосно елиминирате стресот се:

–     Избегнувајте ги целосно или обидете се да ги намалите изворите на стрес

–     Здрава и балансирана исхрана

–     Честа физичка активност

–     Поддршка и разговор со најблиските

–     Уживање и искористување на слободното време за релаксација

–     Помош и разговор со стручно лице

–      Добра хигиена на спиење

–   Активности и прошетки во природа

–   Читање на книга, слушање на музика, практикување на одредено хоби

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор