Искорисете го ваквиот период од годината и освежете ги вашите јадења со свежо подготвен таратор. Тој претставува една лесна и хранлива замена на било која салата, а може да се употреби како прилог на било кој ручек, но и на појадокот и вечерата.
Краставицата е една од намирниците со најмала калориска вредност. Покрај тоа, таа содржи низа на микронутриенти, што ја прави навистина густо-нутритивна. Од 150g краставици, покрај само 22kcal, добиваме и:
- 0,2g маснотии
- 5,5g јаглехидрати
- 1g протеини
- 1g растителни влакна
- 7% од Дневно Препорачаниот Внес за витамин Ц
- 31% од ДПВ за витамин К
- 5% од ДПВ за магнезиум
- 7% од ДПВ за калиум
- 6% од ДПВ за манган
Таа во својот состав содржи дури 96% вода, а тоа ја прави исклучително освежителна и лесна за во топлите денови.
Таратор со кисело млеко
Ваквиот рецепт за таратор е особено нутритивен, а сепак ниско калоричен. Урдата и киселото млеко се добар извор на протеини и минерали и го прават ваквиот таратор исклучително вкусен. Набројаните состојки се доволни за околу 4 лица.
Потребни состојки:
- 2 средно големи краставици, исецкани на коцкички
- Едно канче кравјо кисело млеко (400ml)
- 150g урда
- 4 чешниња лук, ситно исецкани
- Магдонос, босилок, малку мешавина од зачини за тартар сос
- Малку мелен црн бибер
- Неколку капки маслиново масло за декорација
Начин на подготовка:
- Во голема здела ставете ги исецканите краставици, лук, кисело млеко и урдата. Фино промешајте (урдата треба да е фино распределена низ киселото млеко)
- Украсете со набројаните зачини и пропрскајте со малку маслиново масло.
- Послужете како прилог на некој оброк, или како ужина со потпечено парче интегрален леб.
Нутритивна вредност на 1 порција:
Калории | Јаглехидрати [g] | Протеини [g] | Масти [g] |
120 | 9 | 9 | 6,5 |
Овој оброк ги содржи витамините од Б групата, како и витамините Ц, А и К. Исто така, се содржат минералите : калциум, магнезиум, фосфор, натриум, селен и калиум.
Таратор со павлака и ореви
Ова е слична верзија на претходниот рецепт, но киселото млеко и урдата се заменети со павлака. Оревите се додатен извор на здрави масти (особено на омега-3 масните киселини) и протеини,а даваат интересен, богат вкус на тараторот. Набројаните состојки се за околу 4 порции.
Потребни состојки:
- 2 средно големи краставици, исецкани на коцкички
- 250-300ml павлака (пожелно е со помала масленост)
- 30g ореви, ситно исецкани
- 3-4 чешниња лук, ситно исецкани
- Кари, куркума, оригано и мелен црн бибер како зачини
- Малку маслиново масло и магдонос за декорација
Начин на подготовка:
- Во голема здела ставете ги исецканите краставици, лук, павлака и оревите. Фино промешајте, додека парчињата орев не се еднакво распределени низ смесата.
- Украсете со набројаните зачини и пропрскајте со малку маслиново масло.
- Послужете како прилог на некој оброк, или како ужина со интегрален крекер или двопек.
Нутритивна вредност на 1 порција:
Калории | Јаглехидрати [g] | Протеини [g] | Масти [g] |
150 | 12,5 | 6 | 10 |
Овој оброк ги содржи витамините од Б групата, како и витамините Ц, А и К. Исто така, се содржат минералите : калциум, магнезиум, фосфор, натриум, селен и калиум.
Оревите исто така допринесуваат за внес на голем процент од потребните омега-3 масни киселини.