fbpx

Преку ВЕЖБИ СО ТЕЖИНА до поздрав и ПОБРЗ МЕТАБОЛИЗАМ?

tonus

Секој од нас има свои преференци за физичка активност. Некои сакаат да пешачат, други да возат велосипед, а некои уживаат во пливањето. Навистина има многу опции и секоја од нив е одлична идеја, бидејќи секоја форма на некакво раздвижување нуди здравствени придобивки. Во изминатите неколку децении популарност добиваат и вежбите со тежина. Некој ги прави дома, а некој во теретана, но истите се доста популарни, даваат одлични резултати и секако, се корисни по здравјето. Денес ќе зборуваме за ефектот кој вежбите со тежина го имаат врз нашиот метаболизам.

 

Што претставува вежбањето со тежина и кои се неговите ефекти?

Вежбањето со тежина вклучува било каква физичка активност преку која вежбате и зајакнувате одредена мускулна група на вашето тело. Под тоа се подразбира вежбање со некаков отпор – тегови, ластици, сопствена тежина и сл. Преку континуирано „изложување“ на мускулите на ваков отпор и стрес тие растат и се зајакнуваат. Ова е основниот принцип и кон истот не мора да се гледа како одење во теретана или вежбање исклучиво со тегови. Вакви вежби постојат практично за сите возрасни групи, а особено се погодни за луѓе со здравствени проблеми од типот на прекумерна тежина, дијабет, срцеви заболувања и артритис.

Овие вежби се лесно прилагодливи и може да се практикуваат и во вашиот дом. Не ви е потребна додатна опрема, а доколку сте во можност слободно може да искомбинирате и вежби со тегови или ластици и вежби со сопствена тежина. Важно е меѓу тренинзите да дозволите вашето тело да одмори и да закрепне од вежбањето, а токму во овој период се случува репарација и зајакнување на мускулната група која била подложена на вежбите. Овој тип вежби се особено корисни за зајакнување и градење на ново мускулно ткиво, нешто што е важно и за повозрасните, бидејќи со годините доаѓа до природно опаѓање и намалување на мускулното ткиво.

"“Online”/

 

Дали вежбите со тежина може да влијаат и на метаболизмот?

Вежбите со тежина се смета дека имаат големо влијание врз метаболизмот, влијаејќи на непосредните и долгорочните метаболички процеси. Еден од примарните ефекти на тренингот со тегови е зголемување на мускулната маса. Мускулите се метаболички активни ткива, што значи дека им треба енергија (калории) за нивното одржување. Како што споменавме, вежбите со тежина го зголемуваат мускулното ткиво преку предизвикување на „микроскопски“ оштетувања во мускулните влакна, поттикнувајќи го телото да ги поправи и обнови, правејќи ги посилни и поголеми преку процесот на синтеза на мускулни протеини. Овој процес на поправка бара енергија, што доведува до зголемување т.н базичен метаболизам – односно бројот на калории што телото ги согорува при мирување за да ги извршува основните функции. 

Дополнително, интензитетот на тренингот со тежина води до феномен на прекумерна потрошувачка на кислород по вежбањето. Ова значи дека и по завршување на вежбањето со тежини, телото продолжува да троши кислород со зголемена стапка за да ги обнови и одржи физиолошките процеси во нормала и да ги надополни резервите на енергија, што пак доведува до дополнително трошење на калории после тренингот. 

Со текот на времето, доколку вежбите со тежина редовно се практикуваат, веќе споменатиот базичен или базален метаболизам се зголемува и забрзува што резултира со поголемо вкупно согорување на калории во текот на денот, дури и за време на периоди на одмор. Ова не само што помага во управувањето со тежината и губењето на масно ткиво, туку придонесува и за подобрен метаболизам преку зголемување и на чувствителноста на инсулин и подобрувајќи го метаболизмот на липидите. 

Освен тоа, тренингот со тегови ја зачувува, одржува и зголемува мускулната маса за време на периоди на калориски дефицит, како на пример за време на следење на режим на исхрана, помагајќи да се спречи метаболичкото забавување и губење на мускуланта маса – феномени кои често се среќаваат при слабеењето. 

Како заклучок, може да воочиме дека  метаболичките придобивки од вежбите со тежина се прошируваат надвор од обичното согорување калории за време на тренинзите, промовирајќи забрзан и поздрав метаболизам, не само во поглед на калориите туку и во одржувањето на целокупното здравје. Ова особено се одразува преку полесно менаџирање и контролирање на телесната тежина, а се рефлектира и на хормонскиот баланс, нивото на енергија, кондицијата, менталното здравје итн.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор