Кога помислуваме на здрава храна, а особено онаа за подобрување на имунитетот, една од првите намирници која ни доаѓа на ум е често спанаќот. Спанаќот е синоним за здрава храна и нешто со кое го зајакнуваме нашето здравје. Тој има широка примена и е прилично достапен, односно го има во поголемиот дел од годината на пазарите, како свеж, но и редовно се наоѓа во маркетите во замрзната форма. Затоа, денес издвојуваме два интересни рецепти кои ќе ве потсетат да подготвите нешто здраво и вкусно со спанаќ.
Спанаќ – еден од најздравите лиснати зеленчуци
Спанаќот се смета за еден од најздравите зеленчуци. Во нашата традиционална кујна спанаќот е застапен во различни рецепти и салати. Спанаќот е одличен извор на микронутриенти, витамини, минерали, па и растителни влакна. Од друга страна има доста ниска калориска вредност.
Во 30g спанаќ се содржат:
– 7kcal
– 1,1g јаглехидрати
– 0,9g протеини
– 0,1g масти
– 0,7g растителни влакна
– 145mcg витамин К или 181% од Дневно Препорачаниот Внес
– 2813IU витамин А или 56% од ДПВ
– 58,2mg витамин В9
– 8,4mg витамин С
– 0,8mg железо
Дополнително, спанаќот содржи помали количества и на калциум, цинк, селен, бакар, фосфор,витамин В6 и витамин Е. Термички подготвениот спанаќ содржи неколку компоненти во поголема концентрација отколку свежиот.
Сепак, присуството на оксална киселина делува инхибирачки на апсорпцијата на калциум и на железото, па спанаќот има помала биодостапност во однос на нив. Инаку, оксалната киселина преку врзувањето на дел од присутните железо и калциум ја намалува и отежнува нивната апсорпција во организмот.
Чорба од спанаќ, наут и нудли од ориз
За овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 45-50 минути за подготовка, а истиот е доволен за 4 лица.
Потребни намирници:
- Маслиново масло
- 1 главица кромид, ситно исецкана
- 4 чешниња лук, ситно исецкани
- 1-2 свежи домати, исецкани
- Околу 500ml растителен или пилешки бујон
- Околу половина килограм смрзнат спанаќ
- 1 конзерва подготвен наут (може да употребите и околу 300g домашно сварен наут)
- Малку свеж магдонос
- Сол, бибер, коријандер, мелен црвен пипер и останати зачини по желба
- Сок од еден лимон
- Нудли од ориз
Подготовка:
- Во големо теџере, загрејте малку маслиново масло и во истото пропржете го кромидот и лукот додека истите не омекнат (околу 5 минути). Додајте ги доматите, спанаќот, наутот и бујонот. Додајте го и магдоносот и зачините. Промешајте и доведета ја смесата до вриење, а потоа намалете ја температурата и оставете ја да се готви без капак.
- Гответе околу 25 минути, повремено мешајќи.
- Во меѓувреме, во мало тавче ставете малку маслиново масло и ставете ги нудлите од ориз. Гответе сосем кратко, односно додека истите не добијат кафеаво-златна боја. Внимавајте истите да не загорат. Потоа додајте ги во манџата и оставете да вријат заедно со зеленчуците уште дополнителни 10 минути.
- Послужете ја ваквата чорба со нудли додека е топла, со капка сок од лимон.
Традиционален спанаќ со ориз
За овој рецепт потребни ќе ви бидат само околу 30 минути за подготовка, а истиот е доволен за 2-4 лица.
Потребни состојки:
- Половина килограм свеж спанаќ
- 1 главица кромид (може и 2-3 млади кромидчиња), исецкана
- 1-2 чешниња лук, ситно исецкани
- Маслиново масло
- Малку сушено нане
- Околу 200ml вода
- Околу 60g ориз
- Сол и бибер и зачини по желба (мајчина душица, босилок и сл.)
- Сок од лимон
Подготовка:
- Во тавче, на малку маслиново масло динстајте го спанаќот неколку минути, односно додека истиот не омекне и се намали неговиот волумен, а потоа тргнете го на страна.
- Во тенџере пропржете ги кромидот и лукот на малку маслиново масло. Додадете го кон нив спанаќот, сушеното нане и додајте ја водата. Доведете ја ваквата смеса до вриење, а потоа додајте го оризот и зачините. Гответе околу 20 минути со капак. Доколку е потребно, додајте дополнително количество вода.
- Послужете топло, со малку сок од лимон и по желба со парче фета сирење.