fbpx

Може ли БРЗАТА ХРАНА да го влоши МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ?

tonus

Сведоци сме на глобален пораст на популарноста и зачестеноста на „брзата храна“ во нашето секојдневие. Најчесто поради достапноста и недостатокот од време за готвење, таа е замена за готвено јадење. Но нажалост, истата е најчесто само извор на голем број калории и низа на штетни и несакани нутриенти – заситени и транс масти, големи количества јаглехидрати и прости шеќери, сол итн. Луѓето кои често ја одбираат брзата храна, ќе забележат низа на промени во нивното здравје и телесна тежина. Но, можеби еден здравствен аспект кој не би се очекувал е влошеното ментално здравје, а токму тоа е темата на едно поново истражување кое ќе го опфатиме во оваа денешна статија. 

 

Што подразбираме под „брза храна“ исто наречена и високо процесирана?

Под процесирана храна се подразбира било кој тип на храна или намирница кои трпи некој начин на обработкафизички или хемиски. Најчесто тоа се процесите на миење, сецкање, димење, термички обработки (пастеризирање, мрзнење, печење), ферментирање или пак додавање на одредени конзерванси.

Ваквите обработки не се ништо ново и човекот ги употребува веќе илјадници години. Тие се одличен начин да се заштити храната од расипување, а и често  се користат и за полесен транспорт и подолго складирање. Во некои случаи (како мрзнењето и ферментирањето) нутритивниот состав на храната сосем малку се променува, па некогаш дури и се подобрува и зачувува.

"“Online”/

Но, проблемот настанува со високо процесираната храна, односно храна која е преполна со шеќери, сол, масти и конзерванси. За ваквата храна е потребно сосем малку или не е потребно воопшто било каква подготовка, односно таа е веднаш погодна за консумирање. Во овој тип на храна се вбројуваат :

 

  • Кондиторските производи (чоколади, бомбони, смоки, слатки и сл.)
  • Пржените производи – пример чипсот
  • Брзата храна
  • Процесираните месни производи
  • Сладоледи, торти и слични слатки производи
  • Безалкохолни пијалоци
  • Низа на млечни продукти со додаден шеќер

 

Како истата влијае на здравјето?

Една студија покажува дека за секој 10% пораст во употребата на високо-процесираната храна кај популацијата, ризикот за предвремена смрт се зголемува за 14%. Друга студија ја утврдила поврзаноста меѓу консумацијата на ваквата храна и гојазноста кај децата и тинејџерите.

Некои истражувања ја испитувале и поврзаноста меѓу доминантноста на ваквата храна на пазарот и дебелината на населението. Биле проучувани и споредувани стапките на гојазност и застапеноста на ваквата храна во различни држави. Утврдена била позитивна корелација помеѓу достапноста и консумацијата на високо-процесираната храна и покачената телесна тежина кај населението. Во Англија, стапката на прекумерна тежина била 24,5% (највисока во истражувањето) и достапноста до ваква храна исто така била најголема за Англичаните – односно 50,4% од нив имале лесно достапна процесирана храна. 

Воглавно, честото јадење на брза храна се асоцира со зголемен ризик од прекумерна тежина, дијабет, влошено кардиоваскуларно здравје, покачен холестерол и притисок, покачени триглицериди, замастување на црниот дроб итн.

 

Може ли брзата храна да го влоши менталното здравје и да го зголеми ризикот од депресија?

Храната можеби не е првиот фактор кој го асоцираме со големо влијание врз нашето ментално здравје. Но, истата е всушност од огромно значење, па така истата можеби да допринесе кон подобро, но и кон влошено ментално здравје. 

Една студија анализирала податоци од над 140.000 луѓе од Обединетото Кралство. Анализираните податоци ги вклучувале навиките за исхрана на испитаниците, но и состојбата на нивното ментално здравје – поконкретно, застапеноста на анксиозноста и депресијата. Времето на следење било околу 11 години. При крајот на студијата, депресија била дијагностицирана кај над 12700 испитаници, а анксиозност кај речиси 8300. 

Било утврдено дека консумирањето на повеќе од една порција (количина која зависи од типот на храна) брза храна на ден, довело до 12% поголем ризик од анксиозност и 7% поголем ризик од депресија, споредено со испитаници кои не јаделе брза храна. Резултатите покажале дека помлади мажи, кои исто така биле и пушачи, биле доминантно оние кои најмногу консумирале брза храна. 

Биле истражувани и можни механизми за ваквата поврзаност. Акриламид било едно од соединенијата кое било испитувано и притоа биле утврдени неколку можни несакани дејства. Инаку, акриламидот често се среќава во пржена храна, како пржени компири. 

Сепак, потребни се повеќе истражувања на темата, со цел да се утврди дали ваквата исхрана е ризик фактор за појава на депресија, или пак луѓето кои имаат повеќе други фактори за депресија и анксиозност, едноставно бараат утеха и се насочуваат повеќе кон овој тип на храна. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор