fbpx

Чести главоболки и мигренa? – Виновникот може да се цигарите!

tonus

Оние кои го следат нашиот блог добро се запознаени со нашата кампања за штетноста и ризикот поврзан со пушењето. Цигарите се штетни за речиси секое ткиво во нашето тело и пушењето веќе подолго време продолжува да биде број еден проблем и закана по јавното здравје. Пушењето исто така се смета за најпревентабилна „навика“ која го крати човековиот живот. Досега, имаме зборувано на повеќе теми поврзани со човековото здравје и пушењето – здравјето на срцето, покачениот холестерол, здравјето на белите дробови, ризиците од пасивното пушење и сл.

Денес ќе зборуваме за една малку поинаква тема, односно за поврзаноста меѓу пушењето и зачестените главоболки и мигрени кои тоа може да ги предизвика.

Пушењето во нашата држава – алармантна и загрижувачка статистика

Дури 48,4% од населението во нашата држава посегнува по цигарите и ваквата бројка нè прави лидери во регионот, но и во Европа. Покрај тоа, истражувањето покажало дека и над 30% од младите се пушачи. Ние се наоѓаме и високо на светската топ 10 листа на држави кои имаат највисок процент на население – пушачи.

"“Online”/

Ваквите информации, особено кога ќе ги поврземе со фактот дека и како држава високо сме рангирани и по бројот на денови со екстремно загаден воздух, треба да го вклучи алармот и да биде поттик за промена.

Дополнително, штетноста од чадот од цигарите не ги засега само пушачите, туку и луѓето околу нив кои го вдишуваат чадот, наречени „пасивни пушачи“. Особено загрижувачки е ваквото „пасивно пушење“ кое се јавува кај децата. Родителите пушејќи близу до децата или во затворени простории ги изложуваат на штетните ефекти од чадот. Ризикот од појава на пневмонија, бронхитис и астма кај овие деца е зголемен како резултат на вдишувањето на чадот од цигарите.

Пушењето директно влијае и врз протокот на крвта и доведува до стеснување на крвните садови. Ова може да биде причина за појава на зачестени главоболки, па во одредени случаи и мигрени, а на оваа тема нешто повеќе во продолжение.

Поврзаноста меѓу пушењето и главоболките

Главоболките и мигрените се сметаат за меѓу позастапените невролошки заболувања ширум светот. Тие може да бидат искличително болни и да го отежнат и нарушат секојдневието. Иако некогаш се случува тие да се појават без никаков знак или најава, сепак некогаш постојат одредени индикатори што може да значат дека следи главоболка или мигрена. Исто така, постојат и одредени фактори кои се сметаат дека ги зголемуваат шансите за појава на ваквите состојби. Меѓу другото, тука се вбројуваат: атмосферски и промени во временската состојба, изложеност на силна светлина, хормонални промени, недоволно или премногу сон, консумирање на кофеин или алкохолни пијалоци и сл. Но, пушењето исто така се смета за „активатор“ на главоболките и мигрените.

Имено, одредени истражувања директно ги поврзуваат цигарите со зголемениот ризик за појава на мигрена. За некои тоа може да е понагласено и одредени лица да се почувствителни кон цигарите, додека кај други тоа може да се случува поретко. Но, за многумина и пасивното пушење, односно вдишувањето на чадот од околните цигари може да предизвика главоболка или мигрена.

За ваквиот штетен ефект на цигарите, се смета дека никотинот е најмногу заслужен. Никотинот присутен во димот од цигарите ги стеснува крвните садови (низ целото тело, но и особено оние во мозокот) со што се намалува протокот на крв до органите и околните ткива. Ваквиот намален проток на крв во мозокот, а со тоа и на нутриенти и кислород, се смета за причина поради која се јавуваат главоболките или мигрените. Исто така, никотинот ја зголемува сензитивноста на рецептори за болка во мозокот, нешто што исто така може да се поврзе со појавата на главоболки.

Во одредени случаи, кај редовните пушачи, може да се јават и главоболки како резултат на недостаток од никотин. Во тој случај, значи дека пушачот има потреба од нов внес на никотин и всушност вака се одржува зависноста. Затоа, важно е луѓето кои се откажуваат да бидат свесни дека и главоболките се нормален дел од процесот и дека истите се повлекуваат по одреден период.

Ефектот на цигарите врз главоболките и мигрените бил тема на едно истражување во Шпанија во кое биле вклучени 361 испитаник. Од нив, дури 29% од луѓето кои се жалеле на мигрени биле пушачи, додека 20% од лицата кои имале чести главоболки исто така биле пушачи. Кај жените, 22% од вкупниот број жени во испитувањето биле пушачи, а дури 34% од пушачите се жалеле на чести мигрени. Истражувањето исто така покажало и поврзаност меѓу бројот на испушени цигари и зачестеноста на мигрените, односно повеќе цигари значело и почести мигрени.

Откажувањето на цигарите е клучот за подобро здравје

Иако најдобар начин да го заштитите здравјето на вашето срце е никогаш да не пушите, откажувањето сепак доведува до значително подобрено здравје со тек на времето.

–       По 20 минути од гасењето на цигарата, вашиот пулс и притисок се враќаат во нормала

–       По 12 часа, нивоата на јаглероден моноксид во крвта се нормализираат, овозможувајќи повеќе кислород да се пренесе до виталните органи и срцето

–       По 1 година, ризикот за појава на инфаркт или мозочен удар е преполовен, а по 4 години непушење, ризикот за мозочен удар е еднаков како и на непушач.

Откажувањето не е лесно, но е неопходно за подобро здравје. Не чекајте да се јават проблемите за да реагирате. Пушењето е штетно за вашиот организам и доведува до помал квалитет на живеење. Со ваша волја и решителност, како и поддршка од средината, можете трајно да ги откажете цигарите.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор