fbpx

Редовната физичка активност значи и посилен ИМУНИТЕТ!

tonus

Преку повеќе статии на нашиот блог се обидуваме да ја нагласиме и истакнеме важноста, но и придобивките кои ги дава редовната физичка активност. Таа е клучна во одржувањето на нашата кондиција, телесна тежина, но се смета дека има и незаменлив допринос кон подобро целокупно здравје – физичко и ментално. Особено може да има позитивно дејство и врз нашата самодоверба, расположение и ниво на енергија. Речиси сите здравствени препораки велат поредовно и поактивно да се движиме, спортуваме, вежбаме. Покрај големиот број позитивни ефекти, физичката активност се смета и како одлична алатка за одржување и зајакнување на нашиот имун систем. Па поради тоа, во продолжение ќе зборуваме за тоа како редовното вежбање го зајакнува имуниот систем и зошто е всушност важно да имаме здрав имун систем.

Која е функцијата на имуниот систем?

Имуниот систем е исклучително комплексен и неопходен механизам со кој нашиот организам се заштитува. Тој е незаменлив за нашиот опстанок и без него нашето живеење не би било возможно. Нашето тело е во постојан контакт со безброј надворешни закани. Бактерии, вируси, паразити и останати микроорганизми постојано се обидуваат да го нападнат и искористат нашиот организам. Нашиот имун систем преку огромна, комплексна мрежа на ткива и клетки, постојано нè штити од ваквите закани. Дел од плеадата на клетки кои го даваат овој заштитувачки ефект се: леукоцитите (бели крвни зрнца), фагоцитите, лимфоцитите итн. За оптимално функционирање на ваквата сложена машинерија, потребно е секако и здрав организам. Затоа, сето она што допринесува за нашето општо здравје (исхрана, здрав начин на живот, редовна физичка активност, квалитетен сон), ќе допринесе и кон поздрав и посилен имун систем.

Како вежбањето може да го зајакне имуниот систем?

Ваквата област била тема на повеќе различни истражувања, а една студија од 2019 година покажала јасна поврзаност меѓу редовната физичка активност и подобрената функција на имуниот систем. Имено, студијата се фокусирала на „акутно“ или кратко вежбање (вежбање помалку од еден час). Главно било проучувано пешачењето како физичка активност, но не се исклучени и другите типови. Научниците сметаат дека позитивниот ефект се должи првенствено на начинот на кој вежбањето го подобрува и забрзува протокот на крвта, но и на лимфата низ телото. На тој начин се подобрува и циркулацијата на заштитните (имуни) клетки низ телото, кои инаку вообичаено се локализирани и сконцентрирани во одредени регии од организмот. Поради ваквата зголемена циркулација, клетките со заштитнички ефект се повеќе распространети и може да делуваат поефективно. Истражувањето покажало дека испитаниците кои практикувале 45-минутно пешачење имале зголемени нивоа на ваквите клетки во крвта во период од околу 3 часа по пешачењето. Тоа значи дека се јавува моментално подобрување, но тоа сепак се повлекува по некое време. Но, ако движењето и физичката активност редовно се практикуваат, ефектот може да е кумулативен и значителен.

"“Online”/

Друга студија од 2011 година, покажала дека луѓето кои практикуваат некаков тип на кардио вежба (пливање, возење велосипед, пешачење, трчање) барем 5 пати неделно, во период од 4 месеци имале дури 40% помалку инфекции на горниот респираторен тракт. Покрај подобрување на крвотокот, се смета дека физичката активност допринесува кон подобар имун систем и преку намалување на стресот и стрес хормоните, како и зајакнување и подобро создавање на антителата во организмот.

Вежбањето ја намалува инфламацијата

Дополнителен начин преку кој вежбањето директно влијае врз имуниот систем е преку намалување на инфламацијата во телото. Акутната инфламација или воспаление е нормален и природен процес при појава на одредена повреда. Но, хроничната инфламација која трае доста подолго, може навистина штетно да делува врз здравјето.

Една студија ја проучувала ваквата поврзаност и открила интересни резултати. Само 20-минутно вежбање со умерен интензитет е доволно за да се јават анти-воспалителните ефекти. Истражувањето покажало дека ваквото вежбање ги намалило воспалителните маркери за 5%. Ваквите резултати значат дека вежбањето преку намалување на инфламацијата, влијае директно кон подобра функција на имуниот систем. Истражувањата покажале дека самата физичка активност не мора да е значително тешка за да има анти-воспалителни дејства. Само 20-30 минутна полесна физичка активност, што може да биде и брзо пешачење,  е доволна за да се јават ваквите бенефити.

Овие резултати го потврдуваат она што веќе е добро познато, а тоа е дека редовното движење или практикување на некоја физичка активност е особено корисно за имуниот систем и за нашето целокупно здравје. Важно е при вежбањето да се запази некаков континуитет и да се настојува да се искористи барем мал дел од слободното време за практикување на некаква лесна физичка активност.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор