fbpx

4 начини како да го намалите опасното ХРОНИЧНО воспаление

tonus

Секој од нас некогаш во животот имал искуство со воспаление: повреда на кожата од некакво парченце метал или дрво и создавање на црвенило околу местото, исчашување на зглоб, кој потоа отекува и различни модринки кои се пропратени со затемнување на кожата на повредените области.

 

Акутно, наспроти хронично

 

Овие симптоми или реакции на организмот се наречени и акутни воспаленија. Тие претставуваат начин со кој телото се заштитува себеси преку создавање и праќање на бели крвни клетки на повреденото место, односно реакција на имуниот, заштитниот систем, за да поттикне заздравување и справување со инфекцијата на даденото место. Tипични знаци или симптоми кои укажуваат на акутно воспаление се: црвенило, топлина, oтекување и болка. Со текот на заздравувањето, тие исчезнуваат.

Но, постои друг тип на воспаление, за кое повеќето луѓе немаат ниту слушнато, а тоа е хроничното воспаление. Иако повремените (акутните) воспалителни процеси се клучни за преживување на физичките повреди и инфекциите, другиот тип на воспаление, оној хроничниот, не е процес на лекување, напротив, тој е деструктивен или уништувачки процес и претставува абнормална состојба на постојано ,,вклучен аларм”. Аларм кој укажува дека нешто не е во ред со нормалното функционирање на организмот. Ваквата абнормална состојба, според истражувањата кои сè повеќе се водат во последно време на оваа тема, може сериозно да влијае на физичкото и менталното здравје на индивидуата.

"“Online”/

 

Хроничното воспаление води кон многу болести

 

Според истржувањето на група научници, со наслов ,,Хроничната инфламација во етиологијата на заболувањата, низ животниот век” заболувањата поврзани со хроничното воспаление се оние заболувања со најголема стапка на смртност, одговорни за повеќе од половината смртни случаи низ светот. Овде спаѓаат срцевите заболувања, дијабетот, високиот крвен притисок, ракот, деменција итн. Истражувачите исто така посочуваат чекори кои што можат да се превземат, со цел да се превенира или да се намали хроничната инфламација. Според нив, иако истражувањата на оваа тема се во првичната фаза, не треба да чекаме години за да превземеме превентивни чекори.

Најзначаните превентивни чекори, ќе бидат сумирани во продолжение:

1) Зголемена физичка активност – како најдобра мерка за превенција!

 

Една неодамна објавена студија, која го испитувала ефектот на вежбањето на здравјето и нивото на инфламација кај повозрасни индивидуи, укажува на значајно влијание на физичката активност врз нивото на воспаленост на организмот. Студијата утврдила дека група од 75 годишни мажи, кои редовно биле физички активни низ годините, имале профил на инфламација или ниво на воспаленост на организмот кое е доста поблиско до она на 25 годишни физички активни мажи, отколку до она ниво на инфламација на нивните врсници кои биле здрави, но не биле физички активни. Заклучокот бил дека редовната физичка активност делува анти-воспалително.

Исто така, утврдено е дека редовната физичка активност влијае на обемот и јачината на мускулите, па со тоа и на нивната функционалност. Ова е од големо значење кај луѓето во поодмината возраст.

 

2) Начинот на исхрана е исто така клучен!

 

Начинот на исхрана исто така игра клучна улога во борбата со хроничното воспаление. Истражувањето кое се занимава со влијанието на храната на хроничните воспалителни процеси, објавено во медицинското списание The Nature Medicine, ја дели храната на анти-воспалителна и про-воспалителна.

Во првата група спаѓа свежата храна (овошје и зеленчук кои се богати со состојки како полифенолите кои имаат анти-воспалително дејство), омега 3 масните киселини, храната богата со растителни влакна и со цинк и магнезиум.

Во втората група спаѓа процесираната храна, особено пржена храна, храна која во составот содржи висок процент на шеќери и сол, како и храна со различни конзерванси, на пример емулгаторите. Исто така тука спаѓаат и алкохолните пијалаци.

 

3) Омега 3 и пробиотиците помагаат

 

Во 2018 година, тим од доктори и експерти за исхрана, во САД спровеле истражување за влијанието на исхраната и медикаментите врз хроничната инфламација. Резултатите од нивниот објавен труд покажуваат дека одредени медикаменти кои се користат за намалување на крвниот притисок, можат да помогнат и во намалувањето на хроничното воспаление, но исто така резултатите покажале дека од значителна помош можат да бидат и омега 3 масните киселини, а особено на пробиотиците. Иако сметале дека позитивно ќе делуваат и витаминот D и ресвератролот, сепак тоа резулататите не го покажале.

За истражувачите, изненадувачки биле податоците околу пробиотиците, но подоцна повеќе студии ги покажале истите резултати. Значи, здравјето и нормалното функционирање на цревната микрофлора се од големо значење за нормалното функционирање на организмот во целина.

Прекумерната телесна тежина пак, се поврзува со хроничното воспалување, но со промовирачко, а не супресирачко дејство. Податоците дека бројот на деца и млади кои се соочуваат со гојазноста е сè поголем, се доста загрижувачки и од овој аспект.

 

4) Престанете со пушењето и избегнувајте изложување на загаден воздух!

 

Цигарите се докажан предизвикувач на хроничното воспаление, но исто така тоа може да биде предизвикано и од електронските цигари. Ова е уште една причина да се обидете да ја смените оваа лоша навика. Кај нас во последно време актуелна е ситуацијата со загадениот воздух кој исто така има про-воспалително влијание. Затоа, избегнувајте да излегувате на отворено во деновите кога има големо загадување или користете соодветни маски.

Поинакви пристапи и дијагностицирање

 

Некои ескперти ја поддржуваат хипотезата дека обрнуваме премногу внимание на хигиената. Тие веруваат дека претходните генерации имале пониско нивоа на хронично воспаление, во одреден дел и заради поголемата изложеност на микроби од нечистотијата и од животните.

Хроничното воспаление не може да се утврди на едноставен начин како крвниот притисок или температурата. Тоа се прави со посебни тестови на крвта. Ваквите тестови можат да бидат од корист за согледување на потребата од промени во животниот стил.

Од сè наведено, заклучокот е едноставен: промената во животните навики која подразбира, правилна, балансирана исхрана и физичка активност е клучна и во борбата со хроничната инфламација.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор