Постојат многу здрави намирници кои можеме да ги искористиме за подготовка на вкусен ручек или вечера. Но, можеби најдостапни и најлесни за подготовка се мешунките и притоа се исклучително богати со нутриенти и се ниско калорични.Токму затоа, денес издвојуваме два едноставни и здрави рецепти кои можете да ги подготвите со употреба на една од најчесто користените и најздравите мешунки – леќата.
Леќа – една од најздравите и најпопуларни мешунки
Леќата припаѓа во семејството на мешункасти плодови заедно со гравот, грашокот, наутот итн. Присутна е во различни варијанти, односно облици и бои: црвена, кафена, црна и зелена. Но, сите имаат слична нутритивна вредност.
Оваа мешунка е особено богата со протеини (еден од најбогатите растителни извори на протеини), растителни влакна, железо и други компоненти со низа корисни дејства за нашето тело. Дополнително, лесна е за приготвување, а има и доста ниска цена.
Како мешунка често е потценета, иако за многу ниска цена, добивате продукт богат со низа на есенцијални хранливи компоненти. Во суштина, оваа храна може да се смета за супер-храна. На пример, леќата е продукт кој покрај високиот процент на протеини, содржи витамини од Б групата, магнезиум, цинк, железо и калиум во значителни количества.
Во својот состав содржи дури 25% протеини и има солидна количина на железо. Ова ја прави леќата добра замена за месните производи. Ова е многу важно за вегетаријанците.
Во 200g зготвена леќа се содржат:
- 232kcal
- 40g јаглехидрати (од кои дури 16g се растителни влакна)
- 18g протеини
- 1g масти
Свежа и лесна салата од леќа
За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 30 минути, а истиот е доволен за 3-4 лица.
Потребни намирници:
- Околу 400-500g сварена леќа
- Една краставица, исецкана на кругчиња
- 1-2 домати, исецкани
- Една главица кромид, ситно исецкана (може и младо кромидче)
- Неколку маслинки
- Малку свеж магдонос, ситно исецкан
- Околу 100g фета сирење (или 200g урда)
За преливот:
- Маслиново масло
- Малку балсамико оцет
- Половина исцеден лимон
- Една лажичка сенф
- Мала лажичка мед
- Сол, бибер и малку суво оригано
Подготовка:
- Свежите зеленчуци заедно со подготвената леќа ставете ги во длабок сад за салата.
- Во помал сад измешајте ги состојките за преливот, а потоа истиот додајте го кон салатата и добро промешајте.
- Послужете како прилог на главното јадење или како здрава и лесна опција за вечера.
Посна чорба од леќа
За подготовка на овој рецепт ви се потребни околу 20-30 минути, а истиот е доволен за 4-6 лица.
Потребни намирници:
- Маслиново масло
- 1 голема главица кромид, ситно исецкана
- 2-3 моркови, исецкани на кругчиња
- 3-4 чешниња лук, ситно исецкани
- 200ml доматно пире
- Околу еден литар растителен бујон
- Околу 400g леќа
- 1-2 свежи домати
- Сол, бибер и куркума за зачинување
Подготовка:
- Во подлабоко тенџере загрејте малку масло и додајте го кромидот и морковите. Гответе околу 4-5 минути, а потоа додајте го лукот и гответе уште 1-2 минути. Додајте го доматното пире, промешајте и динстајте уште 1-2 минути.
- Потоа додајте го бујонот, леќата, свежите домати и зачинете и посолете по желба. Доведете ја смесата до вриење, а потоа намалете го огнот и покријте го тенџерето со капак. Гответе на тивок оган околу 40 минути, односно додека леќата не е омекната и сварена. По потреба, додајте врела вода за време на готвењето.