fbpx

Кои секојдневни НАВИКИ најмногу влијаат на здравјето на МИКРОБИОМОТ?

tonus

Улогата на микробиомот или наречен и како цревна микрофлора добива се повеќе внимание и е тема на голем број истражувања. Имено, микробиомот не е само збир на „добри“ бактерии кои помагаат во искористување на нутриентите од храната. Тоа е цел, засебен систем кој има сериозни и комплицирани интеракции во организмот, но и големо влијание врз нашето здравје. Едноставно кажано, без здрав микробиом, нема здрав организам. На оваа тема ќе зборуваме малце повеќе во продолжение, одосно ќе се задржиме на сите секојдневни навики кои всушност влијаат на здравјето на микробиомот.

 

Зошто е важно здравјето на цревната микрофлора?

Некои научници проценуваат дека за секоја човечка клетка постојат 10 клетки на микроорганизми во нашето тело. Други научници го поставуваат ваквиот сооднос на 1:1. Во секој случај, очигледна и јасна е застапеноста и важноста на микроорганизмите за нашиот организам. Тие се присутни во огромен број и имаат низа на функции. Голем дел од микроорганизмите ги колонизираат цревата, каде се навистина неопходни и незаменливи.

Ваквата микрофлора во гастроинтестиналниот тракт е уникатна и различна кај сите луѓе. Таа е дом на микроорганизми кои заедно имаат околу 3 милиони гени, односно таа е 150 пати генетски поразновидна од човековото тело. Поединечниот и уникатен состав на микрофлората може да одреди како еден човек ќе ја дигестира храната, ќе се справува со инфекции и болести и сл. Ваквите микроорганизми во цревата имаат и незаменлива улога кога станува збор за искористување на нутриентите од храната. Бактериите помагаат да се разложат сложени соединенија кои се наоѓаат во повеќето намирници, до попрости соединенија кои телото може да ги искористи. Микрофлората е вклучена во дигестијата на сите три макронутриенти – липиди, протеини и јаглехидрати. Здравата цревна микрофлора може да го заштити организмот од размножување на непосакувани и штетни видови на бактерии. Разновидноста на храната значи и  поразновидна микрофлора, а токму тоа ја прави и поефикасна, подобра и поздрава. Како што споменавме, речиси и да нема аспект од нашето здравје кој не е под влијание на функцијата на овој комплексен систем од микроорганизми, па така редовно се истражуваат различни здравствени аспекти и секојдневно науката ја увидува важноста и моќта која микробиомот ја има врз нашето целокупно здравје. 

"“Online”/

 

Кои секојдневни навики влијаат на здравјето на микробиомот?

Веќе споменавме дека одржувањето на здрав микробиом е клучно за целокупната благосостојба, а секојдневните навики играат значајна улога во неговиот диверзитет, здравје и функција. 

  • Прво, исхраната може да ја издвоиме како секојдневна навика која има огромно влијание врз микробиомот.  Консумирањето разновидна исхрана, базирана на овошје, зеленчук, полнозрнести житарки, јатки, семиња и ферментирана храна, обезбедува основни хранливи материи за цревните микроорганизми, промовирајќи ја нивната разновидност. Храната богата со пребиотици (растителни влакна) претставува храна за бактериите, додека пробиотската храна како јогурт, кефир или туршија е извор на живи микроорганизми кои можат да го колонизираат цревата и да ја подобрат неговата микробна разновидност. 
  • Друга корисна секојдневна нaвика е минимизирање на внесот на високо процесирана храна, брза храна, храна богата со шеќер и вештачки адитиви. Избегнување на овој тип храна помага да се спречи нарушување на составот и здравјето на микробиомот, бидејќи ваквата храна се смета за штетна и проинфламаторна за целиот организам.
  • Покрај исхраната, останатите параметри од начинот на живот како што се управувањето со стресот и квалитетот на спиењето, исто така влијаат на здравјето на цревата. Хроничниот стрес може да ја наруши комуникацијата меѓу мозокот и миркобиомот и доведува до воспаление и гастроинтестинални проблеми. Адекватниот сон е исто така од суштинско значење за здравјето на цревата, бидејќи нарушувањата во т.н циркаден ритам може негативно да влијаат на микробната разновидност и функција. 
  • Покрај овие фактори се смета дека и редовната физичка активност позитивно влијае на здравјето на цревата. Истражуањата покажуваат дека вежбањето ја зголемува микробната разновидност, го подобрува бројот на корисни бактерии и го намалува воспалението во цревата. Бидејќи физичката активност влијае на целокупниот метаболизам и имунитет, таа го подобрува целокупното здравје, а секако микробиомот не е исклучок.
  • За крај, избегнувањето на прекумерна употреба на антибиотици и други лекови секогаш кога е можно, помага да се зачува деликатната рамнотежа на цревната микрофлора. Додека антибиотиците понекогаш се неопходни за лекување на бактериските инфекции, прекумерната употреба може да доведе до долгорочни нарушувања во составот на микробиомот, зголемувајќи ја подложноста кон инфекции и метаболички нарушувања.

[Поврзано: 6 конкретни здравствени придобивки од ПРЕбиотиците!]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор