fbpx

Зошто МАСЛИНОВОТО МАСЛО е особено корисно за ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ?

tonus

Добро ни е позната фразата „балансирана“ исхрана и многу често слушаме дека клучот на здравјето лежи во неа. Тоа би подразбирало консумирање на разни намирници во соодветни количини кои всушност би ги задоволиле во целост нашите потреби за макро и микронутриенти, како и за низа на други соединенија. Во поглед на макронутриентите, балансираната исхрана би требала да ги задоволи потребите за протеини, јаглехидрати и масти. Токму мастите многумина ги асоцираат со нешто проблематично и нездраво. Но, реалноста е сосема друга и мастите всушност се неопходни и незаменливи за одржување на нашето здравје. Целта е да ги одбереме вистинските, здрави масти и да ги консумираме во најздравата нивна форма.

Тие може да бидат корисни и за одредени здравствени состојби. Во тој поглед, денес ќе го издвоиме можеби најдобриот извор на корисни масти – маслиновото масло и ќе позборуваме малку повеќе за неговото изненадувачко корисно дејство кај дијабетичарите.

 

Зошто се препорачува редовната употреба на маслиновото масло?

Маслиновото масло има незаменлива улога во медитеранската исхрана. Тоа редовно се користи во повеќе различни типови рецепти, а се смета и дека голем дел од здравствените придобивки кои се асоцирани со овој начин на исхрана се директно поврзани со маслиновото масло. Тоа претставува извор на особено здрави – незаситени масти во чија градба спаѓаат и омега-6 и омега-3 масните киселини. Главната масна киселина претставува мононезаситената олеинска киселина – со околу 73% од вкупните липиди. Оваа масна киселина има докажани позитивни ефекти за човековото здравје – анти-воспалително дејство, го намалува холестеролот, го подобрува кардиоваскуларното здравје и сл. Маслиновото масло е исто така и одличен извор на низа антиоксиданти, а ги содржи во умерени количини и витамините Е и К. Присуството на овие витамини и антиоксиданти допринесува за бројни корисни ефекти на маслиновото масло врз нашето здравје. Особено се смета како корисно за одржување на здравјето на мозокот, кардиоваскуларното здравје, а може да биде корисно и за превенција од прекумерна телесна тежина и како што споменавме – намален ризик за појава на дијабет тип 2. Сепак, иако е особено здраво и корисно, маслиновото масло треба да се консумира умерено, бидејќи како сите масла – истото е доста калорично. Во еден грам маслиново масло се содржат 9 калории, па така голема супена лажица од 10-15g би содржела од 90 па до 135 калории. Затоа, маслиновото масло се препорачува да се употребува редовно и секојдневно, но во умерени, помали количини.

"“Online”/

 

Маслиновото масло може да помогне при дијабет тип 2?

Дијабетот тип 2 е доста сложена здравствена состојба која може да се јави поради низа на различни ризик фактори –  телесна тежина, генетика и фамилијарна историја, физичка неактивност, прекумерни масни наслаги, возраст, покачени масти во крвта и сл. Една од најчестите и најдобри препораки за дијабетичарите е да внимаваат на својата исхрана. Покрај тоа, редовната физичка активност како и намалување и регулирање на телесната тежина може да имаат особено позитивен ефект.

Во поглед на здравата исхрана, маслиновото масло можеби не е намирница која веднаш се асоцира како корисна и препорачлива за дијабетичарите. Но, голем број студии го покажуваат токму тоа – маслиновото масло може да биде особено корисно при дијабет тип 2. Ова се должи на повеќе различни ефекти на маслиновото масло за кои ќе зборуваме во продолжение.

 

На кој начин маслиновото масло помага кај лицата со дијабет?

 

1 . Делува на гликемискиот одговор

Првиот начин на кој маслиновото масло помага кај лицата со дијабет е преку намалување на гликемискиот одговор во организмот. Начинот на кој маслиновото масло го постигнува ваквиот ефект е преку неговата содржина, односно како резултат на присутните антиоксиданти и незаситените масни киселини. Ова би значело дека храната која се консумира заедно со маслиновото масло ќе доведе до помало покачување на шеќерот во крвта и избегнување на оние несакани „пикови“. Антиоксидативното соединение олеуропеин, кое припаѓа на групата на полифеноли се смета дека има голема заслуга за ваквиот ефект.

2 . Помага при долгорочна контрола на шеќерот

Маслиновото масло помага при долгорочна контрола на шеќерот во крвта. Една мета-студија од 2017 година покажала дека луѓето кои редовно консумираат маслиново масло имаат, во просек, 16% помал ризик за појава на дијабет тип 2. Тие исто така имаат значајно намалување во вредностите за т.н 3-месечен просек. Кон овие резултати се надоврзуваат и низа на други студии кои го покажуваат позитивниот ефект на медитеранската исхрана (каде редовно се користи маслиновото масло) и контролата на шеќерот во крвта.

3 . Помага при одржување на телесната тежина

Маслиновото масло влијае позитивно на телесната тежина. Во една студија, жените испитаници кои консумирале 1,5 лажички маслиново масло заедно со нивниот појадок, имале значително подобрување во нивната телесна тежина. Споредено со контролната група, жените кои го користеле маслиновото масло за 80% повеќе ја намалиле својата телесна тежина. Тие исто така имале и намален крвен притисок. Телесната тежина е сериозен ризик фактор за појавата на дијабет и нејзиното намалување е еден од првите чекори кои се препорачува. Ваквите ефекти на маслиновото масло повторно се смета дека се поради неговиот импрсивен липиден состав, првенствено поради високата содржина на незаситени масни киселини.

4 . Делува анти-воспалително

За крај, маслиновото масло има особено изразено и моќно анти-воспалително дејство. Оваа карактеристика е добро позната за науката и впрочем се смета дека голем дел од позитивните ефекти на маслиновото масло се должат токму на неговото анти-инфмалаторно дејство. Поради тоа, истото се асоцира со намален ризик за: кардиоваскуларни заболувања, тип 2 дијабет, Алцхајмерова болест, артритис, па дури и канцер. Преку намалување на инфламацијата, особено на онаа штетна – хронична инфламација и преку неговите антиоксидативни ефекти, маслиновото масло се смета дека помага кај лицата со дијабет тип 2.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор