fbpx

Ви здодеа овесната каша? Подгответе вкусни мафини од овесно брашно!

tonus

Овесoт е една од најупотребуваните житарки со речиси безброј примени. Тој е речиси синоним за појадок, а покрај тоа може да се употреби и во разни пекарски рецепти, во форма на овесно брашно. Убавината во овие рецепти е што ви е потребно само некаков тип на блендер и обичниот овес за неколку секунди може да го претворите во овесно брашно од кое ќе подготвите здрави и вкусни пецива. Токму затоа, денес издвојуваме два класични рецепти за подготовка на благи овесни мафини на кои тешко ќе им одолеете.

Зошто се препорачува редовно јадење овес?

Хранливот состав на овесот е добро балансиран. Тој претставува  добар извор на сложени јаглехидрати, но во исто време и на растителни влакна, вклучително можеби најмоќниот фибер, бета-глуканот.

Овесот е исто така подобар извор на протеини и масти од повеќето житарки.

"“Online”/

Во 50g (околу 4-5 големи лажици) овес се содржат:

  • 190 калории
  • 38g јаглехидрати (од кои дури 5g се растителни влакна)
  • 3g масти
  • 7g протеини

Овесот има и исклучително богат микронутритивен состав и во само една чаша (oколу 80g) или еден овесен оброк има:

– Манган – 191% од Дневно Препорачаниот Внес

– Фосфор – 41% од ДПВ

– Магнезиум – 34% од ДПВ

– Бакар – 24% од ДПВ

– Железо – 20% од ДПВ

– Цинк – 20% од ДПВ

– Витамин В9 – 11% од ДПВ

– Витамин В1 – 39% од ДПВ

Овесот се смета за одличен извор на растителни влакна, особено бета-глуканите – тип на растворливи растителни влакна. Тие докажано помагаат при: намалување на холестеролот, намалување и регулирање на нивото на глукоза во крвта, зголемување и одржување на заситеноста, а со тоа и полесно одржување на телесната тежина, како и позитивно дејство врз здравјето на цревната микрофлора. Сето ова го прави овесот една од најздравите житарки, кои треба редовно да ги консумираме.

Овесни мафини со банана

Потребни намирници:

  • Една и пол чаша овесни снегулки (изблендирани во овесно брашно)
  • 2 јајца
  • 6-7 свежи урми
  • Малку мелени лешници или бадеми (по желба)
  • 1-2 испасирани банани (во зависност од големината)
  • По желба, една голема лажица путер од кикирики
  • 100ml јогурт
  • 1 ќесичка прашок за пециво
  • Малку чиа семе
  • Цимет
  • Неколку лажички какао
  • По потреба, вода или млеко (во зависност од густината на тестото)

Подготовка:

  1. Овесните снегулки изблендирајте ги во блендер додека не добиете ситно овесно брашно. Префрлете ги во сад и додадете ги кон нив останатите суви состојки (лешници, прашок за пециво, чиа семе, урми, цимет и какао)
  2. Во друг сад, измешајте ги влажните состојки (пасирани банани, јогурт, путер од кикирики, јајца и по потреба вода или млеко).
  3. Измешајте ги влажните и сувите состојки и фино промешајте додека не се добие хомогена смеса. Структурата на смесата треба да е густа, но сепак да може слободно да тече од садот.
  4. Во калапи за мафини, ставете од смесата (би требало да добиете околу 12 мафини).
  5. Печете на 200 степени, околу 25-30 минути. Проверете дали мафините се печени со чепкалка за заби. Доколку го прободете мафинот со чепкалката и на неа нема траги од тесто, мафините се печени.

Мафини сo јаболка и цимет

Потребни состојки:

  • 2 шолји овесно брашно
  • 2 лажички цимет
  • 2 лажички прашок за пециво
  • Половина лажичка сода бикарбона
  • Половина лажичка сол
  • 4-5 лажици масло
  • 6-7 свежи урми (замена за шеќер)
  • 2 пасирани јаболка
  • 2 јајца
  • По потреба малку вода или млеко

Подготовка:

  1. Првин измешајте ги сувите состојки (овесно брашно, цимет, сода бикарбона, прашок за пециво и сол) во посебен сад.
  2. Во друг поголем сад, ставете го маслото, урмите и пасираните јаболки. Промешајте. Додадете ги и јајцата и повторно промешајте.
  3. Сувите состојки додадете ги кон влажните и промешајте додека не добиете хомогена смеса. По потреба, додадете малку вода или млеко. Треба да добиете смеса која е густа, но сепак делумно течна.
  4. Со ваквата смеса наполнете ги калапите за мафини и ставете ги да се печат во рерна на 190 степени, околу 20 минути. Проверете ги мафините со чепкалка за заби. Доколку на неа нема траги од тестото, мафините се печени.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор