Овој дел од годината претставува еден од најбогатите и плодни периоди во поглед на достапните овошја и зеленчуци. Пазарите изобилуваат со свежи намирници и би било штета доколку овој период не се искористи за подготовка на вкусни и здрави јадења. Секако, еден од најкористените зеленчуци се пиперките, а подеднакво вкусни и здрави се и бабурите, кои се особено популарни и достапни во овој период. Постојат безброј рецепти за нивна подготовка, а денес издвојуваме два рецепти за вегетаријански, посни полнети бабури.
Нутритивни карактеристики на пиперките
Пиперката (Capsicum annuum) е повеќегодишно зеленчуково растение од семејството цветни растенија Solanaceae, во кое се и компирот, доматите итн. Се сретнува во повеќе бои и облици, а на нашите простори најзастапени сорти се: бабурите, зелените пиперки, црвените пиперки, фефероните и сл.
Пиперките се густо-нутритивна храна, односно имаат висока нутритивна, а ниска калориска вредност. Содржат висок процент на вода(над92%).
Во 100g свежа пиперка се содржат само 31kcal, од 6g јаглехидрати(4,2g шеќери), 1g протеини и 0.3g масти.
Исто така, количеството на растителни влакна е одлично – 2,1g.
Содржат фруктоза и глукоза кои се одговорни за слаткиот вкус.
Што се однесува до микронутритивниот состав, тој е фасцинантен. Освен што се еден од најбогатите извори на витамин Ц (169% од дневно препорачаниот внес), пиперките се и добар извор на витамин Б6, витамин К, калиум, железо, фолна киселина и провитамин А.
Дополнително, тие содржат бројни антиоксидативни соединенија кои даваат разни корисни бенефити за нашето здравје.
Вегетаријански полнети бабури со ориз и пченка
За подготовка на овој рецепт потребни ви се околу 60 минути и е доволен за околу 6 порции.
Потребни намирници:
- 1 чаша ориз
- 1 црвена пиперка, исецкана
- 1 главица кромид, исецкана
- 1-2 свежи домати, исецкани
- 500-600ml растителен бујон
- 1 конзерва подготвен грав
- 1 шолја смрзната пченка
- 3-4 големи жолти бабури, исечени на половина со отстранети семки
- Малку пармезан
- Маслиново масло
- Сол и црн бибер
Начин на подготовка:
- Во големо тавче ставете ги оризот, црвената пиперка, кромидот, доматот и растителниот бујон. Додадете малку маслиново масло и динстајте ги зеленчуците. Покријте со капак и гответе околу 20 минути на ниска температура. Потоа додадете го гравот од конзерва и пченката. Измешајте ги и нив во смесата.
- Бабурите исечете ги на половинки и во тавче со хартија за печење, наредете ги. Наполнете ги со смесата од зеленчуци. Печете во рерна на 200 степени, околу 30 минути, со фолија. По 30 минути, извадете ја фолијата и печете дополнителни 10 минути.
- Послужете со малку рендан пармезан.
Полнети бабури со печурки и киноа
За подготовка на овој рецепт ви се потребни околу 20 минути и околу 80 минути за печење. Истиот е доволен за 4 порции.
Потребни состојки:
- 4-5 жолти бабури, исечени на половина
- Половина чаша киноа
- Маслиново масло
- Околу половина килограм печурки по ваш избор
- 1 главица кромид, ситно исецкана
- 2-3 чешниња лук, ситно исецкани
- Околу 500g ситно исечкани свежи домати
- Сол и мелен црн бибер
- Малку рендан пармезан
- 30-40g бадеми
- Малку свеж магдонос, ситно исецкан
- Сок од половина лимон
- Малку урда или моцарела (околу 100g)
Начин на подготовка:
- Во тенџерче со вода, сварете ја киноата – пропорцијата вода киноа треба да е отприлика 2:1.
- Во тавче, пропрскајте малку маслиново масло и кога истото ќе се загрее додадете ги печурките и кромидот. Динстајте на средно висока температура, околу 10 минути.
- Додадете го лукчето и динстајте уште дополнителни 1-2 минути. Додадете ги и доматите и зачинете со сол и бибер по желба. Гответе уште дополнителни 10 минути.
- Во тавчето додадете ја сварената киноа, пармезан, бадеми и магдонос. Фино промешајте.
- Во тавче обложено со хартија за печење, наредете ги половинките бабури. Наполнете ги со смесата од киноа и кога ќе ги наполните сите, пропрскајте ги со маслиново масло и сок од лимон.
- Печете на околу 200 степени, во тавче покриено со фолија околу 50-60 минути. Потоа извадете ја фолијата, додадете ја урдата или моцарелата и печете дополнителни 10 минути.