fbpx

Дали исхрана богата со СОЛ може да значи и покачена телесна тежина?

tonus

Неодамна зборувавме за огромното количество на сол кое се содржи во голем број комерцијални прехранбени производи, како и за штетниот ефект на солта врз организмот. Имено, се смета дека голем дел од популацијата, особено лицата кои не внимаваат, може многу лесно да ги надминат дневните препораки за внес на сол. Ова може да биде сериозен проблем бидејќи прекумерниот внес на солта е доста опасен и штетен по кардиоваскуларното здравје или поконкретно – доведува до покачување на крвниот притисок. Покрај проблемите со здравјето на срцето кои може да се јават, некои истражувања покажуваат дека солта може да допринесе и кон полесно покачување на телесната тежина. Зошто е тоа така и како да внимаваме на внесот на солта, прочитајте во продолжението на денешната статија.

 

Ефектот на солта врз нашиот организам

Готварската сол, позната и како натриум хлорид претставува соединение кое секојдневно се внесува преку исхраната. Солта е еден од главните извори за натриум, минерал и елемент кој му е неопходен на нашиот организам. Имено, тој има повеќе различни функции: учествува во спроведувањето на нервните импулси, контракцијата на мускулите и ја одржува рамнотежата на вода и минерали во организмот. Потребите од натриум за овие функции се релативно мали и се смета дека само половина грам дневно е доволно. Но, често се случува да се внесува премногу сол, а со тоа и премногу натриум преку исхраната. Ваквата прекумерност во нивоата на натриум доведува до повеќе различни промени – покачување на крвниот притисок, задржување на водата во телото (потеченост), оптеретување на бубрезите итн. Покрај ваквите проблеми, неколку студии го поврзуваат прекумерниот внес на сол и со покачување на телесната тежина.

 

Како прекумерниот внес на сол може да влијае на телесната тежина?

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои имаат исхрана која е богата со сол, најчесто имаат и поголема телесна тежина. Тие исто така имаат повисока вредност за BMI (Body mass index) – општа мерка за класифицирање на телесната тежина. Ваквата поврзаност се смета дека се должи на повеќе различни фактори. Имено, истражувањата покажуваат дека исхраната која содржи многу сол најчесто содржи и повеќе калории. Намирниците кои се високо процесирани содржат поголеми количества на сол, но и на масти и јаглехидрати, за разлика од свежите, помалку процесирани намирници. Исто така, ваквата високо процесирана храна (пржена храна, сувомеснати производи, кондиторски производи) не нè заситува толку ефективно, а тоа доведува до потреба од почесто јадење, грицкање и сл. Во овој поглед, количеството на сол кое се консумира може да се гледа и како индикатор за целокупниот квалитет на исхраната.

"“Online”/

Едно истражување кое опфатило околу 1200 деца и возрасни исто така покажало дека оние кои имаат поголеми концентрации на натриум во урината имале и повисока телесна тежина. Студијата покажала дека секој грам на натриум, кој се внесува во вишок во текот на еден ден, доведува до 28% поголем ризик за прекумерна тежина кај децата и 26% за возрасните. Причината за овие резултати, како што споменавме, е во калориската вредност на храната која е богата со сол.

Солта во комбинација со јаглехидратите и мастите ја прави храната вкусна и посакувана. Бидејќи таа храна е и високо калорична, доаѓа најчесто до прекумерен внес, а со тоа и прекорачување на дневните потреби за калории.

Покрај тоа, некои студии ги земале во предвид и калорискиот внес и физичката активност и повторно, солта (натриумот) била поврзана со покачување на телесната тежина. Научниците не се целосно сигрно зошто доаѓа до оваа појава, но дел мислат дека постои поврзаност меѓу исхраната богата со сол и акумулацијата на мастите во телото.

Друг начин на кој солта влијае врз телото и тежината е преку задржување на течностите, односно водата во организмот. Преголемата концентрација на натриум во крвта доведува до задржување на водата со цел да се намали и концентрацијата. Ова може да доведе и до задржување на дури 1 литар вода во даден момент, што може да биде доста видливо и по нашето тело. Добрата вест е што со текот на времето, оваа вода ќе се исфрли и телесната тежина ќе се врати во нормала.

 

Како да се намали внесот на солта?

Внесот на солта може прилично лесно да се намали доколку внимателно ги одбираме намирниците кои ги купуваме и начинот на кој ги подготвуваме. Дел од најдобрите препораки за намалување на внесот на сол се:

–       Внимателно читајте го пакувањето на храната – преку читање на нутритивната табела можеме значително да го намалиме и ефективно да го контролираме внесот на сол, односно натриум преку исхраната

–       Избегнувајте ги намирниците кои имаат огромни количества сол – колбасите, сувомеснатите производи, чипсот, соленките, сирењата, маслинките и голем број други намирници имаат огромни количества сол. Настојувајте нивниот внес да биде минимален или целосно елиминирајте ги од исхраната. Ваквата храна заменете ја со здрави, свежи алтернативи, зеленчуци, житарки, цели парчиња месо, семки, јатки и сл.

–       Внимавајте на купечката храна – голем број ресторани и локали кои продаваат готова храна, ја употребуваат солта неодговорно. Најдобро е ваквата храна да се избегнува или да се консумира сосем ретко и во помали количини. Доколку постои опција за посвежа и помалку солена храна, секако, одберете ја.

–       Внимавајте со различните типови на сол – многумина сметаат дека термините „морска“ или „хималајска“ сол значи дека таквата сол е безбедна за употреба. Иако натриумот е можно да е застапен во помали количества во ваквата сол, тој сепак може да ги предизвика истите несакани ефекти доколку го внесеме во прекумерни количини.

–       Намалете ја употребата на солта при готвењето – наместо сол, употребете повеќе различни зачини кои ќе допринесат кон побогата арома на храната.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор