fbpx

Каков е ефектот на КОФЕИНОТ врз КРВНИОТ ПРИТИСОК и кој треба особено да внимава?

tonus

Во оваа денешна статија ќе се задржиме на покачениот крвен притисок, односно поконкретно, за ефектите кои кофеинот може да ги има на притисокот и зошто кафето треба умерено да се консумира, особено од лица со хипертензија.

 

Што претставува хипертензијата и зошто доаѓа до истата?

Крвниот притисок е мерка за силата (притисокот) со кој крвта притиска врз ѕидовите на крвните садови. Тој се мери преку две вредности:

  • Систолички или т.н горна вредност за крвниот притисок, ја покажува вредноста за притисокот во артериите во текот на една контракција на срцевиот мускул
  • Диастолички или долната вредност при мерењето, го покажува притисокот во артериите измеѓу две срцеви контракции.

Висок крвен притисок или хипертензија, е состојба кога ваквото притискање врз крвните садови е прекумерно, за време на подолг временски период. Притисокот подложи на промени во текот на денот, во зависност од нашите активности. Но, доколку преку целиот ден имаме покачени вредности за крвен притисок, тоа значи дека е можно да имаме состојба на хипертензија. Најчесто вредносите при кои се смета дека има покачен притисок се 140/90 mmHg.

"“Online”/

Постојат две форми на хипертензија:

  • Примарна – се појавува со стареењето и за неа нема очигледна причина.
  • Секундарна – се јавува побрзо и нагло и може да биде поизразена и опасна од примарната.

Како главни ризик фактори за нејзина појава се:

  • Бубрежни заболувања
  • Опструктивна спиечка апнеа
  • Вродени срцеви заболувања
  • Проблеми со тироидната жлезда
  • Честа употреба на алкохол
  • Проблеми со надбубрежните жлезди

 

Како влијае кофеинот врз крвниот притисок?

Кофеинот, претставува стимуланс на централниот нервен систем, а го среќаваме во различни пијалоци како: кафе, чај и енергетски пијалоци. Но, тој може да има и акутни ефекти врз крвниот притисок.

Научните истражувања покажуваат дека консумирањето кофеин може да доведе до привремено зголемување на крвниот притисок. Овој ефект првенствено се припишува на способноста на кофеинот да ги блокира рецепторите на аденозин, што пак го стимулира ослободувањето на адреналин и норадреналин, хормони кои можат да предизвикаат стеснување на крвните садови и забрзано чукање на срцето. Неколку студии покажале дека кај лица кои вообичаено не внесуваат пијалоци со кофеин, одговорот на телото има тенденција да биде поизразен, односно да дојде до позначително зголемување на притисокот.

Сепак, луѓето кои често консумираат пијалаци со кофеин може да развијат толеранција на овие ефекти со текот на времето. Дополнително, влијанието на кофеинот врз крвниот притисок може да варира во зависност од факторите како што се количината што се консумира, индивидуалната чувствителност кон кофеин и целокупната здравствена состојба. Додека умерениот внес на кофеин можеби не претставува значителен ризик за повеќето поединци, треба да се земе предвид претераното консумирање или чувствителноста на кофеин особено за луѓето со  хипертензија или влошено кардиоваскуларно здравје. Од суштинско значење за лицата со висок крвен притисок или кардиоваскуларни состојби е да го следат нивниот внес на кофеин и да се консултираат со здравствените работници за персонализирани препораки.

 

Што велат препораките?

Лицата со хипертензија или кардиоваскуларни проблеми треба да го ограничат внесот на кофеин на не повеќе од 200-300 милиграми дневно, што е приближно еднакво на 1-2 шолји кафе.

За сите останати, студиите покажуваат дека кофеинот е безбеден и дури корисен за луѓето доколку се консумира во ниски до умерени количини. Бидејќи кофеинот се среќава во нашите омилени пијалоци, можно е лесно и неприметно да дојде до негово прекумерно консумирање. Се препорачува внесот на кофеин да се лимитира до околу 400mg на ден или околу 4 лажички кафе. Секако, количеството на кофеин ќе зависи од типот на зрно кафе, неговото печење и слично, па може и во 2-3 лажички да го сретнете истото количество.

Кофеинот не треба да се консумира од страна на децата и особено треба да се внимава кај адолесцентите – тие не треба да внесуваат повеќе од 100mg кофеин дневно. Исто така, бремените жени и оние кои сеуште дојат, треба да го лимитираат внесот на кофеинот до околу 200mg дневно.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор