Мешунките се едни од најздравите растителни намирници, кои се карактеристични и често употребувани во Медитеранската кујна. За нивна подготовка постојат безброј рецепти, а нивниот неутрален вкус ги прави одлични за комбинирање со разни намирници и на тој начин подготвување на доста разновидни и нутритивни јадења. Токму ваквата способност за комбинирање ќе ја искористиме денес, за да ви предложиме два интересни рецепти во кои го комбинираме наутот.
Наутот – извонредно нутритивна и здрава мешунка
Наутот спаѓа во семејството мешунки, заедно со гравот, грашокот, леќата, боранијата итн.
Во последно време, со сè поголемата заинтересираност за здравата храна, оваа мешунка повторно се враќа на голема врата. Причината е пред сè нејзиниот импресивен нутритивен состав: протеини, витамини, минерали, растителни влакна и многу други хранливи материи од кои телото, на најразлични начини има корист. Исто така, една од предностите е ниската цена на леблебијата.
Лесно може да се вклучи во исхраната, како здрави грицки, во различни чорби, салати, но во последно време, најпопуларно е подготвувањето на хумус, традиционално јадење од Блискиот Исток, со навистина специфичен вкус.
Тој има навистина импресивен нутритивен состав. Во 100g подготвен наут има:
- 160 калории
- 27g јаглехидрати (од кои 7g растителни влакна)
- 10g протеини
- 3g масти
- Oколу 35% од ПДВ за витаминот Б9
- Околу 17% од ПДВ за железо
- Околу 35% од ПДВ за манган
Медитерански микс од наут и кус-кус
Потребни намирници:
- 250ml вода
- Околу 120g кус-кус
- Маслиново масло
- 1 средно голема главица кромид, исецкана
- 2 чешниња лук, ситно исецкани
- 1 конзерва подготвен наут
- 1-2 свежи домати
- Неколку зелени маслинки, исецкани и исчитени од семки
- Малку лимонов сок
- Малку сушено оригано
- Сол и мелен црн бибер
Подготовка:
- Во мал сад, зовријте вода и ставете го кус-кусот во неа. Тргнете го садот од оган и покријте го со капак. Оставете го кус-кусот во зовриената вода околу 5-10 минути, додека не ја впие целата течност. Потоа промешајте го со вилушка.
- Во меѓувреме, загрејте маслиново масло на тавче и додајте го кромидот. Гответе неколку минути, а потоа додајте го и лукот и динстајте уште 1-2 минути. Додајте ги и останатите состојки и повремено мешајте. Ваквата смеса послужете ја со подготвениот кус-кус.
Манџа со наут и спанаќ
За овој рецепт ќе ви се потребни околу 25 минути, а истиот е доволен за околу 4 порции.
Потребни состојки:
- Маслиново масло
- 2 средно големи главици кромид, ситно искецкани
- 2 чешниња лук, ситно исецкани
- Малку суво оригано и црвен пипер
- 2 свежи домати, исецкани
- 1 чаша растителен бујон
- Малку балсамико оцет
- 2 конзерви подготвен наут
- Околу 200g спанаќ
- Малку фета сирење или урда
- Сол и мелен црн бибер
- По желба, свеж магдонос
Подготовка:
- Во тавче, загрејте маслиново масло, а потоа ставете го кромидот да се динста околу 5 минути. Додадете го потоа лукот и зачинете. По 1-2 минути, додајте ги и доматите, растителниот бујон и оцетот. Динстајте на умерен оган, околу 10 минути, односно додека сосот не се згусне.
- Потоа, додајте го наутот, спанаќот и фета сирењето. Поклопете го тавчето со капак и оставете смесата да се динста околу 3-5 минути. Посолете и зачинете по желба, а потоа послужете дур е врело.