Оризот претставува едно од најкористените зрна ширум светот. Постојат повеќе различни видови, како и начини на негова употреба, па во зависност од тоа тие можат да варираат во вкусот и хранливоста.
Главните два типа на ориз во светот, па и кај нас се: интегралниот и белиот ориз. Двете намирници потекнуваат од истото зрно, но белиот ориз минува низ повеќе степени на рафинирање и процесирање. Интегралниот ориз може да се смета за полнозрнеста храна. Тој е лесен за подготовка и може да се искомбинира во многу рецепти.
Нутритивна вредност
Нутритивната вредност на интегралниот ориз (200g) е:
- 245kcal
- 5,5g протеини
- 1,9g масти
- 51,7g јаглехидрати
- 3,2g растителни влакна
Дополнително, овој тип на ориз содржи и фолна киселина (Б9), железо и низа други витамини и минерали.
Помалиот степен на рафинација значи дека интегралниот ориз ги задржува своите компоненти, а тоа го прави и далеку понутритивен од рафинираниот, бел ориз. Интегралниот ориз содржи повеќе витамини, минерали и растителни влакна, а поради различниот состав тој исто така поинаку се дигестира во организмот, па со тоа и различно делува на шеќерот во крвта. Имајте во предвид дека на интегралниот ориз му е потребно малку повеќе време и вода за да се подготви.
Рижото со праз и грашок
За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви бидат околу 35 минути и истиот е доволен за 4 порции.
Потребни намирници:
- Околу 200g ориз (по можност интегрален)
- Околу 1300ml растителен бујон
- 1-2 китки праз
- 2-3 главици кромид
- Малку маслиново масло
- Околу 250-300g смрзнат грашок
- Околу 200ml крем за готвење (хопла)
- Околу 100g урда
- Малку соја сос по желба
- Сол и бибер
- Малку свеж босилок и магдонос
Начин на подготовка:
1 . Празот и кромидот исецкајте ги и пропржете ги на тавче со маслиново масло околу 5 минути. Кога ќе омекнат, додадете го оризот и гответе уште околу 2-3 минути.
2 . Додадете ¾ од растителниот бујон. Оставете смесата да се готви околу 25-30 минути, односно додека оризот не е сварен. Доколку ви е потребно повеќе течност, слободно додадете обична вода или бујон.
3 . Кога оризот ќе се свари, тргнете го садот од оган и кон него додадете ги грашокот, хоплата, урдата, соја сосот, магдоносот и босилокот. Добро промешајте и повторно вратете го садот на оган. Гответе дополнителни 5-7 минути. Зачинете со сол, бибер и зачини по желба. Послужете со свежа, сезонска салата.
Ориз со наут на медитерански начин
За подготовка на овој рецепт ќе би бидат потребни околу 25-30 минути и истиот е доволен за 4 порции.
Потребни состојки:
- 2-3 лажички маслиново масло
- 1 главица кромид, исецкана
- 2-3 чешниња лук, ситно исецкани
- Околу 200g интегрален ориз
- 1 конзерва сварен, подготвен наут
- Малку сушено оригано и свеж магдонос
- 700ml растителен бујон
- Сок од еден лимон
- Малку сол и бибер
Начин на подготовка:
1 . Во тавче со маслиново масло, пропржете го кромидот неколку минути. Кога ќе омекне, додадете го исецканиот лук и динстајте уште 1 минута. Потоа додадете го оризот и зачинете со малку сол, бибер и оригано.
2 . Потоа додадете го бујонот, наутот од конзерва и сокот од лимонот. Додадете го и магдоносот. Гответе околу 20-25 минути, односно додека оризот не се свари и омекне. Повремено мешајте.
3 . Послужете со малку фета сирење или урда, како и со вкусна, сезонска салата од цвекло, марула и морков.