fbpx

Зошто јадењето БЛАГО пред СПИЕЊЕ не е најдобрата идеја?

tonus

Знаеме дека децата стануваат хиперактивни и енергични после јадење на благо. Исто така знаеме дека благото не се препорачува за децата непосредно пред спиењето, особено кога се помали. Но, овие правила не важат само за децата. Шеќерот има низа на ефекти врз нашиот организам, а еден од тие ефекти е и врз нашиот квалитет на спиење. Денес ќе зборуваме зошто шеќерот и благата храна е можеби најдобро да се прескокне во доцните вечерни часови, особено пред спиење.

 

Што се случува во телото по внесување на храна богата со шеќер?

Уште на самиот почеток треба да се напомене дека под изразот шеќер подразбираме бел, рафиниран шеќер – сахароза. Иако изразот шеќери погрешно се асоцира и со некои останати соединенија, пр. скробот, тоа се всушност сложени јаглехидрати и во телото имаат различен ефект од оној на белиот шеќер. Просто кажано, сите шеќери се јаглехидрати, но не сите јаглехидрати се шеќери.

Сахарозата претставува шеќер, дисахарид, изграден од моносахаридите глукоза и фруктоза. На нашето тело му е потребна глукозата како извор на енергија, па така таа е корисна и неопходна за нас. Јаглехидратите и шеќерите внесени во телото се доведуваат до молекули на глукоза и таа потоа со помош на хормонот инсулин, навлегува во нашите клетки. Доколку е внесено умерено количество на шеќери, здрав организам може да произведе доволно инсулин и на тој начин да се транспортира шеќерот до клетките. Но, консумирањето на голема количина шеќери (особено доколку се прости шеќери како сахарозата) доведува до нагло и големо количество на создаден инсулин. Ова со текот на времето може да доведе до проблеми во количината која се создава и ефикасноста на овој хормон.

"“Online”/

Колку е повеќе инсулин испуштено во крвта, толку побрзо нивото на шеќер во крвта се стабилизира и ние всушност сме повторно гладни. Со внесот на нов оброк богат со шеќер, ваквиот циклус се повторува.

 

Како влијае шеќерот на квалитетот на спиење?

Консумирањето шеќер пред спиење може значително да го наруши сонот и неговиот квалитет, главно поради влијанието врз физиолошките процеси и активноста на одредени невротрансмитери. Високиот внес на шеќер поттикнува брзо зголемување на нивото на глукоза во крвта, што доведува до пораст на секрецијата на инсулин. Ова ослободување на инсулин предизвикува „влез“ или употреба на аминокиселини во мускулните клетки, со исклучок на триптофанот, оставајќи ја оваа аминокиселина достапна во крвотокот. Триптофанот инаку служи како прекурсор на серотонинот, невротрансмитер вклучен во регулирањето на расположението и циклусите на спиење и будење. Следствено, покачените нивоа на триптофан може да доведат до зголемена синтеза на серотонин, потенцијално промовирајќи релаксација и поспаност. Сепак, истовремената потрошувачка на други амино киселини значи „натпревар“ со триптофанот за нивен влез во мозокот, ограничувајќи ја неговата достапност за синтеза на серотонин. 

Згора на тоа, скокот во нивото на инсулин предизвикува последователен пад на нивото на глукоза во крвта, што доведува до зголемено лачење на кортизол, што пак може да го попречи заспивањето, но и целокупниот квалитет на сон. Дополнително, високиот внес на шеќер може да го наруши и балансот на орексин, невротрансмитер одговорен за будноста, како и на аденозинот, соединение кое го поттикнува спиењето. 

Исто така, прекумерното консумирање шеќер пред спиење може да придонесе за гастроинтестинални непријатности, како што се киселини и надуеност, што дополнително го нарушува квалитетот на сонот. Сумирано, внесот на шеќери пред спиење е можеби нешто што би требало да го избегнуваме бидејќи истиот влијае негативно на квалитетот на спиење на повеќе различни начини. Наместо нешто благо, може да си подготвиме шолја хербален чај, да изедеме малку несолени јаткасти плодови или банана, јогурт, киви и сл. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор