Есента е период кога пазарите се особено богати со исклучително нутритивни и здрави намирници. Сезонските овошја и зеленчуци се најдобриот избор кога сакаме да ја подобриме нашата исхрана и здравје. Особено зеленчуците може да се искористат овој период и да се подготват во разни јадења, зимници, салати и сл. Салатите иако често се користат како прилог на главното јадење, може да послужат и како здрава ужина или вкусна вечера. Затоа, во продолжение издвојуваме два сезонски рецепти кои се подготвуваат со употреба на еден од најздравите претставници на есента – цвеклото.
Цвекло – богат извор на микронутриенти, но и на антиоксиданти
Цвеклото е двегодишно растениe со темноцрвен вретенест корен и темнозелени листови и спаѓа во категоријата на најкорисни и најлековити градинарски култури. Се користи целото растение и може да се употребува во текот на целата година. Многу често се ферментира заради повеќе причини. Ова растение изобилува со есенцијални хранливи материи како голем број на разни микронутриенти но и некои фитохемикалии кои нудат повеќе различни здравствени придобивки.
Цвеклото е ниско калорично, а од друга страна има висок процент на витамини и минерали. Практично, ги содржи речиси сите потребни витамини и минерали за човекот, секако во различни количества.
100g приготвено цвекло има само 44kcal, а ни обезбедува и:
- 10g jaглехидрати
- 1,7g протеини
- 0,2g маснотии
- 2g растителни влакна
- 6% од Дневниот Препорачан Внес за витамин Ц
- 20% од ДПВ за витамин Б9
- 16% од ДПВ за манган
Застапени се и други елементи во помали колични, но и неоргански нитрати и пигменти, кои имаат низа на корисни дејства по здравјето на човекот.
Цвеклото поради присутните нитрати може да има особено корисно дејство во поглед на крвните садови и кардиоваскуларното здравје. Некои спортисти дури го употребуваат сокот од цвекло за подобрување на нивниот перформанс.
Медитеранска тава со цвекло
За овој рецепт потребни ви се околу 30 минути, а истиот е доволен за 3-4 порции.
Потребни намирници:
- 2 домати, исечени на поситни парчиња
- 2 чешниња лук, ситно исецкани
- Малку свеж магдонос
- Сол, бибер и сушено оригано
- Малку балсамико оцет
- Неколку маслинки
- 3 парчиња цвекло, тенки исечкани
- Една мала главица кромид, ситно и тенко исецкана
- Фета сирење (околу 100-150g)
- 2 моркови, исецкани на кругчиња
- Маслиново масло
Подготовка:
- Рерната загрејте ја на 200°C. Во големо тавче за печење ставете ги доматите, лукот, фета сирењето, цвеклото, кромидот и морковите. Фета сирењето нека биде централно позиционирано, а зеленчуците распоредете ги околу и врз него. Пропрскајте со малку маслиново масло.
- Покријте го тавчето со алуминиумска фолија и ставете го да се пече, околу 20 минути. Зготвениот зеленчук посолете го и зачинете го по желба. Пропрскајте со капка маслиново масло и додајте балсамико оцет по желба. Фино промешајте и сервирајте со малку свеж магдонос и свежи, исецкани маслинки.
Салата со киноа и цвекло
За подготовка на оваа салата ќе ви бидат потребни околу 30 минути, а истата е доволна за околу 4 лица.
Потребни намирници:
- 1 шолја киноа
- Малку маслиново масло
- 3 поголеми парчиња цвекло, излупени и исецкани
- 1 врзоп младо кромидче, исецкано
- 2 чешниња лук, ситно исецкани
- Малку сок од лимон
- Свеж магдонос
- Сол и мелен црн бибер
- Балсамико оцет
- Малку фета сирење или урда
Подготовка:
- Подгответе ја киноата така што ќе ја измешате со 2 чаши вода. Ваквата смеса доведете ја до вриење, а потоа оставете ја со капак да врие околу 15-20 минути, односно додека киноата не омекне и не ја впие целата вода. Тргнете ја од оган и оставете ја покриена со капакот уште 3-5 минути.
- Во меѓувреме, во тавче со маслиново масло ставете ги цвеклото и младиот кромид и динстајте ги околу 10 минути. Потоа, додајте го лукот и гответе уште 2-3 минути. Кон ова, додајте ја зготвената киноа, сокот од лимон и магдоносот. Зачинете со сол, бибер и балсамико оцет по желба.
- Ваквата салата послужете ја топла со малку фета сирење или урда на врвот.