fbpx

Дали недостатокот од СОН може да биде причина за ДЕХИДРИРАНОСТ?

tonus

Покрај внесот на разновидна и здрава храна, важно е да внимаваме и да сме свесни за типот, но и количеството на внесените течности. Особено во тој поглед, луѓето често забораваат и не внесуваат доволно вода, а тоа може да се одрази преку повеќе различни симптоми – главоболки, умор, безенергичност, вртоглавица и сл. Но, интересно е што внесот на вода може да влијае и врз нашето спиење, па токму на оваа тема ќе се задржиме во оваа денешна статија.

Зошто е важен сонот?

Спиењето претставува незаменлива и неопходна потреба на организмот со која истиот се обновува, одмара и репарира. Сонот е клучен за секое ткиво и клетка, за одржување на нормалната функција на метаболизмот, имуниот систем, растот, развојот итн. Без доволно сон, првенствено страда нашиот мозок, со што се намалуваат неговите нормални способности и функционирање. Општите препораки за возрасната популација велат 7-9 часа сон секоја ноќ. Ваквите потреби се различни за помладата популација, каде екогаш се потребни и над 10 часа сон.

Секако, ваквата потреба за сон не секогаш соодвестува со секојдневниот распоред и обврски, па често луѓето спијат помалку од препорачаното. Тоа доведува до нарушени когнитивни функции, како и промени во нивото на енергија, расположение, нарушен имунитет и сл. Дополнително загрижувачки е што луѓето градат еден вид на толеранција кон хроничниот недостаток од сон, па така тие често се залажани дека на тој начин можат да живеат без никаков проблем и последици. Недостатокот од сон науката го поврзува со зголемен ризик за повеќе различни здравствени состојби: покачена телесна тежина, тип 2 дијабет, хипертензија, срцеви заболувања, нарушено ментално здравје, зголемени нивоа на стрес хормони и сл.

"“Online”/

Зошто е неопходно да внесуваме доволна количина на вода?

Нашето тело во просек е изградено од околу 60% вода. Водата има клучна функционална, но и структурна улога во организмот. Таа е главниот агенс за прочистување на телото, но и средина во која се одвиваат повеќето физиолошки процеси. Така, водата е неопходна за секоја една клетка од телото и е потребна за телото да може да се ослободи од сите токсини кои ги вдишуваме или внесуваме преку устата.

Секое едно ткиво и орган во телото имаат потреба од вода за правилно да функционираат. Регулацијата на температурата, отстранувањето на непотребните материи, подмачкувањето на зглобовите, сите тие се процеси кои имаат потреба од вода.

Под поимот хидрација, подразбираме внес на течности од храната и од пијалоците. Препорачаниот дневен внес за вода е околу 2,7 литри за жени и 3,7 литри за мажи. Тоа не значи дека целото потребно количество мора да го внесуваме преку обичната вода, но препорачливо е да се избегнуваат пијалоците кои прават повеќе штета во телото, отколку што нè хидрираат. Како такви може да ги издвоиме пијалоците богати со додадени шеќери

Како хидрираноста е поврзана со спиењето?

Како што споменавме, недостатокот од внесени течности може да доведе до повеќе различни степени на дехидрираност, а со тоа да се јават непосакувани симптоми како вртоглавица, главоболки, замор и сл. Но, прекумерниот внес на течности може исто така да биде непосакувано кога се обидуваме да спиеме во континуитет. Честото мокрење во текот на ноќта го нарушува квалитетот на спиењето и ги попречува нормалните фази низ кои треба да протече сонот. Дополнително, голем број луѓе заспиваат со потешкотија после ваквото често будење. Доколку се разбудите во текот на ноќта и имате потреба од мокрење, обидете се да не го пролонгирате презаспивањето преку проверување на вашиот телефон, бидејќи ова се покажала како една од главните причини кои го отежнуваат презаспивањето.

Од друга страна, недостатокот од сон некои студии го поврзуваат со дехидратација. Во една студија спроведена врз околу 20.000 испитаници, резултатите покажале дека оние кои спиеле помалку од 6 часови, имале значително поголем степен на дехидрираност, наспроти лицата кои спиеле 8 часови. Исто така, за време на ноќта, телото дополнително губи вода преку кожата и преку дишењето, со што некогаш може да се чувствуваме жедни и дехидрирани после спиењето. Бидејќи телото не добива нов внес на течности за време на сонот, постои одреден механизам, односно создавање на хормон наречен вазопресин, кој помага водата да се задржи и да се одржи нејзино оптимално ниво. Доколку сонот е неконтинуиран (преку често будење) или е недоволно долг, ваквиот природен процес е нарушен. На овој начин се смета дека недоволниот сон влијае врз дехидрираноста

Како да избегнеме дехидрираност за време на спиењето?

Губиток на вода за време на спиењето е нормална и очекувана појава. Прв и најдобар начин со кој можеме да ја осигураме правилната хидрираност е преку редовен и квалитетен сон. Спиењето е период кога телото проаѓа низ комплексни процеси кои се неопходни за нашето целокупно здравје. 

Исто така, пиењето доволно течности во текот на денот ќе значи и подобар и поквалитетен сон за време на ноќта. Секако, избегнувајте пиење на големи количини вода непосредно пред спиењето. Температурата во просторијата каде ќе спиеме е исто така важен параметар, бидејќи премногу топлите простории може да допринесат кон зголемено количество на вода кое ќе го  изгубиме. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор