fbpx

Кои се последиците од ИСХРАНА која е сиромашна со РАСТИТЕЛНИ ВЛАКНА?

tonus

Иако не се признаени како типичен нутриент, растителните влакна се исклучително потценети и недоволно употребувани, а сепак клучни за нашето здравје. Денес ќе зборуваме малку повеќе за нив и ќе се задржиме на еден сериозен проблем со денешната исхрана, а тоа е недоволниот внес на растителни влакна.

 

Што претставуваат растителните влакна и зошто е важно да ги внесуваме?

Растителните влакна или фибер припаѓаат на групата на јаглехидрати. Познато ни е дека јаглехидратите се есенцијални или неопходни макронутриенти. Сепак, иако припаѓаат во оваа група, растителните влакна се недигестибилни или несварливи за нашиот дигестивен систем, поради отсуството на соодветни ензими. Тие сепак се сметаат за нутриенти кои имаат низа на позитивни влијанија во организмот. Имено, растителните влакна ја попречуваат работата на дигестивните ензими со што се успорува дигестијата и на тој начин се избегнуваат шеќерните пикови, а потоа и наглите падови кои се ризични по здравјето. Ваквите осцилации во нивото на шеќер во крвта (кои најчесто се јавуваат по внес на храна која е богата со рафиниран шеќер) може да предизвикаат да се чувствуваме постојано гладни. Овој ефект на растителните влакна всушност го намалува нејзиниот гликемискиот индекс.

 Истражувањата покажуваат дека исхраната богата со фибер, значително го намалува ризикот од развивање на дијабет тип 2. Поради ваквиот заситувачки ефект на влакната, но и со нивното стабилизирање на нивото на шеќер, тие индиректно допринесуваат за подобра регулација на гладта, а со тоа и на телесната тежина.

"“Online”/

Растителните влакна исто така ја подобруваат цревната перисталтика и го намалуваат ризикот од појава на најчестите дигестивни заболувања. Дополнително, ризикот за појава на дијареа, констипација сериозно се намалува. Во цревата, фиберот подлежи на делумно метаболизирање и поради тоа има улога на пребиотик, односно храна за цревната микрофлора. Ова е исто така една од неговите неопходни улоги и нешто што значително допринесува за нашето здравје.

 

Проблем на денешната исхрана – премногу процесирана храна и премалку внесени растителни влакна

Недоволното внесување влакна во современите диети може да доведе до огромен број на негативни последици за целокупното здравје и благосостојба. Влакната играат клучна улога во одржувањето на дигестивното здравје преку редовно празнење на цревата и спречување на опстипација. Без адекватен внес на влакна, може да дојде до отежнато празнење и влошена дигестија, што доведува до непријатност, надуеност и потенцијални компликации како што се хемороиди и дивертикулитис. 

Исто така, растителните влакна служат и како пребиотик, односно тие се храна за „добрите“ цревни бактерии и поддржуваат здрав цревен микробиом. Микробиом кој нема доволна разновидност или пак кој е оштетен од антибиотици или друга терапија, е поврзан со различни здравствени проблеми, вклучувајќи воспаление, имунолошка дисфункција, па дури и нарушувања на менталното здравје.

Храната богата со растителни влакна често има понизок гликемиски индекс, што помага во регулацијата на шеќерот во крвта и го намалува ризикот од инсулинска резистенција и дијабетес тип 2. Недоволниот внес на влакна се поврзува и со покачени нивоа на шеќер во крвта и зголемен ризик од развој на метаболички нарушувања. Влакната помагаат во промовирање на ситост и поуспешно менаџирање со тежината преку зголемување на чувството на ситост и намалување на внесот на калории. Недостатокот од растителни влакна во нашата храна може да придонесе за прејадување, зголемување на телесната тежина и дебелина, ризик фактори за бројни хронични болести, вклучувајќи ги кардиоваскуларните заболувања и одредени видови на карцином. 

Поради ова, здравствените препораки редовно ја нагласуваат потребата и важноста од внес на храна богата со растителни влакна. Во оваа категорија може да ги наброиме: овошјето и зеленчукот (или општо, сите растителни намирници), полнозрнестите житарки, јаткастите плодови, семињата и сл.

[Поврзано: Фиброгел за ХЕМОРОИДИ, ОПСТИПАЦИЈА и ДИЈАРЕА!]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор