fbpx

Може ли ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ да го подобри КОГНИТИВНОТО ЗДРАВЈЕ?

tonus

Сè повеќе физичката активност се препознава како една важна и силна алатка во одржувањето и подобрувањето на менталното здравје. Веќе добро е познато дека таа е одличен начин за подобрување на расположението, намалување на стресот и анксиозноста, па дури и ублажување на симптомите на депресија. Покрај овие позитивни ефекти, физичката активност се смета и за здрава навика која може да го подобри и когнитивното здравје, односно когнитивните функции. Во продолжение ќе зборуваме токму за ваквата поврзаност.

 

Што претставува когнитивното здравје?

Когнитивното здравје или когнитивните функции, се еден аспект и дел од здравиот мозок. Како основни когнитивни функции се сметаат:

  • Внимание
  • Успешно извршување на сложени движења
  • Говорење
  • Процесирање на визуелни и просторни сигнали
  • Учење на нови работи и вештини
  • Меморија
  • Социјална интеракција
  • Контрола врз емоциите

Ова се дел од „задачите“ што би требало човек со добро когнитивно здравје да ги извршува без никаков проблем. Тоа значи и нормално функционирање во општеството, добра интеракција и комуникација со луѓето од средината, способност за извршување на работата и обврските и сл. Врз когнитивното здравје се смета дека големо влијание има возраста, па со стареењето истото може да ослабне и да се влоши. Затоа како што старееме, клучно е да го одржуваме и негуваме здравјето на нашиот мозок, а тоа едноставно може да го постигнеме со здрав начин на живот.

"“Online”/

 

Зошто е важно да сме физички активни?

Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.

Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:

  • Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.
  • Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.
  • Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење. Повеќе на оваа тема може да прочитате во една од нашите претходни статии, која можете да ја најдете тука.
  • Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.
  • Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност и токму за ова ќе зборуваме во продолжение.
  • Подобрени когнитивни функции – постојат многу истражувања на оваа тема кои утврдиле поврзаност меѓу редовната физичка активност и когнитивното здравје. 

 

Каков е ефектот на физичката активност врз когнитивните функции?

Како што споменавме, постојат голем број студии кои покажале дека физичката активност може да ја подобри меморијата, вниманието, како и способностите за носење на одлуки и извршување на задачи. Се смета дека еден од механизмите за ваквиот ефект е зголемениот крвоток, а со тоа и доток на кислород до мозокот за време на вежбањето. Дополнително, физичката активност се асоцира и со лачење на голем број хормони, а дел од нив директно или индиректно влијаат и на когнитивните функции. 

Едно ново истражување покажува како физичката активност влијае на активноста на невроните во хипокампусот. Хипокампусот е дел од мозокот кој е поврзан со долгорочна меморија. Студијата покажува дека одредени хемиски сигнали кои се јавуваат како резултат на контракција на мускулите може да „активираат“ одредена област од мозокот. Се смета дека самите клетки од мускулното ткиво создаваат одредени соединенија кои се заслужни за ваквиот позитивен ефект. 

Истражувањето ја истакнува и нагласува важноста на астроцитите, специјализирани клети кои ги опкружуваат и ја поддржуваат функцијата на невроните во мозокот.

Ова би значело дека самото вежбање може да ја подобри меморијата и останатите когнитивни функции, а може да делува и превентивно во поглед на одредени заболувања – како на пример, деменцијата или Алцхајмеровата болест. Исто така, резултатите покажуваат дека вежбањето може да се употреби како една форма на „терапија“ на одредени невролошки нарушувања.

Следен чекор во истражувањата би бил оној што би утврдил дали аеробните (кардио) вежби или вежбите со тежина (анаеробни) се поефективни во овој поглед. Дополнително, интензитетот и времетраењето на физичката активност исто така би требало да се утврдат за да се добијат оптимални резултати во поглед на подобрување на когнитивното здравје.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор