fbpx

Што означува БРОЈОТ или т.н ФАКТОР на КРЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД СОНЦЕ?

tonus

Конечно пристигнаа очекуваните топли, летни денови, а со нив и ризиците кои доаѓаат со ваквите високи температури. Имено, летото е период кога треба да сме претпазливи околу внесот на течности, изложеноста на високи температури и подолгиот престој на сонце. Бидејќи знаеме колку се силни сончевите зраци, често слушаме и за разните видови на заштита од нив. Еден едноставен вид на заштита се секако кремите за заштита од сонце, а токму за нив ќе зборуваме денес и во деталност ќе објсаниме што означува самата бројка, односно фактор кој е означен на секоја крема.

 

Што претставува УВ зрачењето, односно УВ индексот?

УВ (ултравиолетово) зрачење претставува дел од природната енергија на сончевите зраци. Во електромагнетниот спектар, УВ светлината има пониски бранови должини  отколку видливата светлина, па така ваквите зраци се невидливи за нашите очи.

Постојат два вида на УВ зраци, а изложеноста и на двата е потврдено од науката како ризик фактор за појава на ракот на кожа.

"“Online”/
  • УВА (ултравиолетови А) – зраци со подолга бранова должина и се главно асоцирани со стареењето на кожата. Тие ја пенетрираат кожата подлабоко. Тие може да ги пенетрираат облаците и прозорците.
  • УВБ (ултравиолетови Б) – зраци со пократка бранова должина и се асоцирани со изгореници (горење) на кожата. Тие делуваат врз првите, надворешни делови на кожата. Ознаката SPF (sun protection factor) која е напишана на повеќето креми за заштита од сонце, е всушност ознака која дава објаснување колку долго нашата кожа е заштитена од УВБ зраците, при изложеност на сонце. УВБ зраците полесно се филтрираат и тие не ги пенетрираат прозорците.

Често во временските прогнози или на интернет, се среќаваме и со изразот УВ индекс. Тој претставува интернационален стандардизиран начин за мерење и соопштување на моќта (во поглед на изгореници на кожата) која ја имаат УВ зраците на одредено место и во одредено време. Скалата се движи од 1 до над 11, а повисока вредност значи и поголема моќност.

 

Зошто е важно да се заштитиме од УВ зраците?

Изложеноста на сонце, односно на ваквите зраци, без соодветна заштита, може да доведе до генетски промени или мутации кои се всушност причина за појава на ракот на кожата. Покрај тоа, УВ зраците, особено УВА имаат сериозен ефект врз предвременото стареење на кожата.

УВ изложеноста која довела до изгореници на кожата го зголемува ризикот за појава на меланом – најсериозниот и најопасен облик од трие типови на рак на кожа. Се проценува дека повеќето случаи на немеланомен и голем дел од меланомниот рак на кожата е поради изложеноста на УВ зраци.

Исто така, УВ изложеноста е кумулативна, што значи дека честа изложеност го зголемува ризикот од појава на заболувања на кожата со текот на времето. Телото има начини како да репарира дел од оштетената ДНК во клетките, но доколку оштетувањето е посериозно, механизмите за репарација се недоволно ефективни, а тоа може да доведе до појава на рак.

 

Како кремите за сонце нè штитат од УВ зраците?

Без да навлегуваме во детали, накратко ќе објасниме како делуваат кремите за заштита од сонце. Тие во својот состав имаат соединенија кои ја штитат нашата кожа од УВ зраците. Генерално гледано, кремите делуваат на два различни начини, па така се класифицираат и во две категории: физичка заштита на кожата и хемиска

Кремите со физичка заштита користат некој вид на минерал (најчесто титаниум диоксид или цинк оксид) кој е во форма на екстремно мали честички. Тие ја препокриваат кожата со ваквиот слој од минерали и ги одбиваат УВ зраците, како еден вид на огледало.

Хемиската заштита се базира на формирање на бариера од соединенија кои директно ги апсорбираат УВ зраците пред да пенетрираат до нашата кожа. 

Голем број од кремите на пазарот се мешавина од овие два типа. Тие имаат различни предности и маани, но на крајот од денот, употребата на било кој тип на крема за заштита е неспоредлив со изложеноста на сонце без никаква заштита. 

 

Што означува бројката, односно факторот на кремата за заштита од сонце?

Факторот, често означен како SPF (Sun Protection Factor) е бројка која го означува степенот на заштита што го нуди кремата против УВБ зраците. Колку е поголема бројката (факторот) толку е поголема заштитата. Факторот е мерка која означува колку УВ зрачење е потребно за да настанат изгореници на кожа која е заштитена со таа крема, во споредба со кожа која нема никаква заштита. Самиот фактор не е мерка за времето кое може да го поминете под сончевите зраци без вашата кожа да биде оштетена, изгорена.

 

Како се одредува факторот? – Факторот е одреден преку контролирани експерименти и тестови. Прво, се одредува дозата на УВ зраци кои се доволни за да предизвикаат блага изгореница кај испитаник. Потоа тестот се повторува, но овој пат со крема со заштитен фактор. 

Факторот, односно бројот покажува колку УВ зрачење може да блокира, односно заштити таа крема. Но, како што споменавме, тоа не е мерка за времето кое може да го поминете на сонце. 

 

На пример, употреба на крема со фактор 30 не значи дека може да седите на сонце двојно подолго, во споредба со употреба на крема со фактор 15. Кремата со фактор 30 ќе ви даде двојно повеќе заштита од УВ зрачењето, но тоа не значи двојно подолг период на изложеност. Дополнително, сечија кожа има различен степен на „толеранција“ на УВ зрачење пред да настанат изгореници. 

 

Во секој случај, поголем фактор значи и поголема заштита. Количеството на крема е исто така важен фактор. Поголема количина на крема со фактор 30 ќе даде поголема заштита отколку несоодветна, мала количина на употребена крема со фактор 50. Во тестирани, контролирани услови, кремите со фактор 30 пропуштаат околу 3% од сончевите зраци, додека кремите со фактор 50 пропуштаат 2%

Важно е да се употреби доволно количество на крема со што поголем фактор, барем 15 минути пред изложеност на сонце. Ова ќе ја максимизира заштитата и ќе го намали драстично ризикот од изгореници. 

Доколку и покрај употребата на крема со висок фактор забележите црвенило на вашата кожа, тогаш избегнувајте изложеност на сонце одреден период, а во иднина користете повеќе од кремата и намалете го времетраењето на изложеност на сонце. Исто така, внимавајте и на периодот од денот кога сте изложени, периодот од 10 наутро до 16h се смета како особено ризичен. 

Употребата на крема не гарантира целосна заштита и не треба да ве „охрабри“ да престојувате долг период под сончевите зраци. Внимавајте и чувајте ја вашата кожа за да може безгрижно да уживате во претстојните летни денови.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор