fbpx

Што се случува со нашето тело кога нема да спиеме една цела ноќ?

tonus

Ако го следите нашиот блог, најверојатно сте забележале дека постојано се обидуваме да ја потенцираме важноста на добриот и квалитетен сон. Исто така наречена и „хигиена на спиење“, практикувањето на редовен, долг и квалитетен сон има огромно влијание врз нашето ментално и физичко здравје. Но, често поради разни обврски сме во ситуација да го жртвуваме спиењето и на тој начин да имаме повеќе време за работа. Студентите доста често го прескокнат спиењето со цел да останат ноќта будни и да учат. Исто така, луѓето што работат во повеќе смени се често оние кои ја прескокнуваат ноќта како период за спиење.

Без разлика на потребата, на сите нас ни се случило да останеме будни една цела ноќ. Ова подразбира да сме будни 24 часови или повеќе. Ваквата пракса на прескокнување сон со цел завршување на некоја обврска е сè почеста, особено кај помладата популација. Но, недоволно е нагласено колку е всушност се работи за штетна и на крајот од денот непрактична активност.

Ова не треба да се помеша со несоницата, бидејќи ваквото прескокнување на сонот е нешто што го правиме целно и со сопствена желба.

"“Online”/

 

Зошто е важен сонот за време на ноќта?

 

Проценките се дека приближно една третина од нашиот живот ќе го поминеме спиејќи. Тоа значи дека сонот е незаменлив и голем дел од нашиот живот, а тоа е така со причина. Во нашето тело постои внатрешен биолошки часовник или т.н циркадијален ритам. Ваквиот ритам претставува збир на физички и ментални промени, како и промени во однесувањето, кои го следат 24 часовниот циклус ден-ноќ. Овие природни промени во телото главно се придвижувани од светлината, односно од денот и ноќта. При крајот на денот и почетокот на ноќта, телото започнува со лачење на хормонот мелатонин кој нè прави да се чувствуваме поспано и помага при одржување на ваквата поспаност низ целата ноќ.

Имањето квалитетен сон во текот на ноќта, ни овозможува нормално функционирање наредниот ден, контрола на нашиот метаболизам и телесна тежина, добро расположение, го намалува ризикот за појава на разни заболувања и сл.

Науката потврдува дека голем дел од нашето здравје може да се поврзе со добриот сон. Во претходни статии ја имаме и дискутирано поврзаноста на сонот со нашето целокупно здравје и имуниот систем.

 

Кои се ефектите од прескокнување на спиењето една цела ноќ?

 

Ваквото неспиење има силно и потенцијално сериозно штетно дејство врз нашето здравје. Спиењето е неопходно за нормална функција на организмот и е време кога речиси сите ткива во телото се обновуваат и заздравуваат. Дел од ефектите на неспиење една цела ноќ се:

 

1 . Промена во когнитивните фукнции

 

Останувањето будни една цела ноќ, веднаш влијае врз бројни функции на мозокот и врз способноста за нормално размислување. Ваквиот недостаток од сон го намалува опсегот на нашето внимание и концентрација. Времето на реакција е забавено, а конструктивното, логично размислување е отежнато. Овие потешкотии се поврзани и со емоционалната интелигенција, односно начинот на кој ги разбираме и реагираме на луѓето и случувањата околу нас.

 

Неспиењето една цела ноќ, делува и врз нашата меморија. Исто така и меморијата која има привремена функција, односно меморија потребна за извршување на неповторувачки обврски, е нарушена. Интересно е што некои истражувња ја поврзале ноќта без сон со дејството на алкохолот. Истражувањето покажува дека по 24 часа без сон, менталниот перформанс на човекот е ист како и при функционирање со 0,1 промил алкохол во крвта.

 

Доколку се обидеме и продолжиме да функционираме без сон и наредниот ден, ефектите врз телото се уште побројни и загрижувачки. Телото ќе се бори против потребата од сон, ќе се чувствуваме уморно, раздразливо и можно е да имаме т.н микро-спиење. Тоа е всушност „заспивање“ на неколку секунди, што во некои ситуации може да е навистина опасно. Се смета деја кај професии кои сносат огромна одговорност, ваквото прескокнување на спиење е недозволиво и потенцијално опасно.

 

2 . Промени во расположението

 

Недостатокот од сон е поврзан со лачењето на стрес хормонот – кортизол. Исто така, дефицитот од сон истражувањата го поврзуваат и со анскиозноста. Без доволно спиење стануваме нервозни, раздразливи, уморни и нерасположени.

 

3 . Влијанија врз физичкото здравје

 

Заморот и ниските нивоа на енергија се поизразени кога мускулите и органите во телото немале време за репарација и обновување – процеси кои се случуваат кога спиеме. Едно истражување покажува дека физичките способности, односно издржливоста при физичка активност била сериозно намалена кај спортисти кои го прескокнале спиењето една цела ноќ.

 

4 . Може да влијае на вашиот ритам на спиење

 

Доколку не спиеме една цела ноќ, може да го нарушиме нашиот ритам на спиење, особено ако веќе вакво нарушување во поблага форма постоело. Се препорачува задржување на одреден ритам на спиење и практикување добра „хигиена на спиење“.

 

Меѓутоа, една пропуштена ноќ не значи дека веднаш ќе го нарушиме нашиот биоритам. Доколку навиката за неспиење цела вечер се практикува ретко, повеќето луѓе нормално ќе си се вратат кон нивниот претходен ритам на спиење. Истражувањата главно покажуваат дека возрасните лица подобро се справуваат со недостатокот од сон отколку децата и адолесцентите. Покрај ова, една студија покажува дека и нашата генетика може да има влијание врз тоа колку ќе има влијание дефицитот на сон.

 

Дали прескокнување на спиењето со цел поголема продуктивност е добра идеја?

 

Ефектите од ваквиот дефицит се веднаш видливи и очигледни врз вашето тело и мозок. Ваквата пракса треба да се избегнува и во никаков случај не може да се смета како опција за добивање на дополнително време во кое ќе бидете продуктивни. Дури и за студентите кои би ја поминале ноќта учејќи, ова е лоша идеја и тие не добиваат голема корист. Нивната концентрација и меморија се сериозно нарушени и ефектите од останувањето буден дури може да се всушност контрапродуктивни.

 

Ефектите од прескокнувањето на ноќта како време за сон, можат да бидат особено сериозни и загрижувачки за возачите на возила или на машини. Овие активности бараат сериозна концентрација, фокусираност и будност.

 

Што доколку мора да останеме будни една цела ноќ?

 

Ако немате избор и мора да останете будни ноќта, постојат некои совети што може да ви помогнат да се чувствувате и функционирате подобро. Потребата од сон и горе споменатите појави секако ќе се јават, но може нивниот ефект да се ублажи и делумно контролира.

 

  • Пијте доволно вода
  • Работете во добро осветлена средина – светлото ќе ни олесни да бидеме будни и да се бориме со потребата од сон
  • Јадете здрава храна – избегнувајте ги процесираните јадења и храната богата со шеќери. Тие привремено ни даваат чувство на зголемена енергија, но по истекувањето на тој ефект ќе се чувствуваме уморно и поспано.
  • Бидете активни – доколку сте во можност обидете се и придвижувајте го телото повремено. Исправете се и истегнете се, на овој начин ја подобрувате циркулацијата и си помагате да останете будни

 

Покрај ова, обидете се што пократко да сте будни и првата прилика искористете ја за долг и квалитетен сон. Што подолго сме без сон, толку е тоа поштетно за телото и ефектите од дефицитот на спиење се поизразени и потенцијално опасни.

 

Важно е ваквата пракса да се објасни и штетните ефекти од нејзината примена да се доловат и појаснат. Луѓето често сè залажуваат и сметаат дека времето потрошено на спиење може да го заменат со „попродуктивни“ активности. Токму спротивното е случај.

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор