fbpx

Две особено брзи и здрави салати со ротквица!

tonus

Моментално, пазарите изобилуваат со свежи намирници во речиси сите бои. Ваквото изобилие и колоритност треба максимално да го искористиме а особено за подготвување на свежи салати кои ќе послужат како вкусен, но и нутритивен прилог на било кое јадење. Од достапните зеленчуци, денес издвојуваме еден со малку поинаква форма, боја и вкус, а тоа е ротквицата. Таа е извонредно здрава и може да се употребува како додаток во салатите, а може да биде и главната состојка. Затоа, во продолжение издвојуваме два рецепти за свежи салати со ротквица кои може да ги подготвите и кога немате многу време на располагање.

Ротквица – изобилство на здравје во мало пакување

Ротквиците се коренаст зеленчук од семејството Brassicaceae, блиски до брокулите, прокељот, карфиолот, зелката итн.

Имаат топчест облик и ги има во повеќе бои. Кај нас, најзастапена е црвената. Таа има специфичен пикантно-сладок вкус, а помалите ротквици се сметаат за подобри, бидејќи најчесто имаат подобра текстура и вкусови карактеристики.

"“Online”/

Ротквиците се храна богата со хранливи состојки, а имаат ниска калориска вредност. Во 120g содржат:

  • 19 калории
  • 4g јаглехидрати
  • 0,8g протеини
  • 2g растителни влакна
  • 18mg витамин Ц (30% од Дневниот Препорачан Внес)
  • 280mg калиум (8% од ДПВ)

Дополнително, тие содржат и помали количества на други витамини од Б групата, потоа магнезиум, натриум, цинк, манган витамин К итн. Како што можеме да видиме, ротквиците се одличен извор на нутриенти а имаат исклучително мала калориска вредност. Тие исто така се одличен извор на растителни влакна и се одлични за луѓето кои се обидуваат да ги намалат вишокот килограми.

Цацики од ротквица

За подготовка на оваа салата ќе ви бидат потребни околу 10-15 минути.

Потребни намирници:

  • 6 средно големи ротквици
  • 2 чешниња лук, ситно исецкани
  • Околу 300g грчки јогурт или ниско маслена павлака
  • Маслиново масло
  • Сок од лимон
  • 2-3 парчиња млад кромид, ситно исецкани
  • Малку свежо нане или магдонос
  • Сол и мелен црн бибер

Подготовка:

  1. Ротквицата убаво измијте ја со вода, а потоа изрендајте ја. Откако ќе ја изрендате, со хартија впијте дел од водата која ја има испуштено, а потоа измешајте ја со останатите состојки во подлабок сад. Покријте ја со фолија и ставете ја ваквата салата во фрижидер околу 30 минути.
  2. Послужете како прилог на главното јадење или во комбинација со интегрален леб како здрава опција за вечера.

Салата од ротквица и таан

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни од 10-15 минути и истиот е доволен за 4 лица.

Потребни намирници:

  • 200g ротквица, темелно измиена
  • 1 чешне лук, ситно исецкано
  • Сок од еден лимон
  • 1 голема лажичка таан (паста од сусам)
  • Маслиново масло
  • Мала лажичка кумин
  • Мала лажичка мелен црвен пипер
  • Сол и мелен црн бибер
  • Малку свеж магдонос

Подготовка:

  1. Изрендајте ги роктвиците и со хартија впијте дел од водата која ја имаат испуштено. Префрлете ги во длабок сад.
  2. За подготовка на таан сосот – измешајте го таанот, лукот, сокот од лимон и маслиново масло. Фино промешајте ги и зачинете ги со малку бибер, црвен пипер и сол.
  3. Ваквиот сос истурете го врз ренданата роктвица и фино промешајте. По желба, додајте уште малку мелен црвен пипер и сол. Декорирајте со малку свеж магдонос и послужете.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор