fbpx

Кои се главните СИМПТОМИ на АРИТМИЈА?

tonus

Во оваа статија ќе зборуваме за една состојба која е доста почеста од што мислиме, а тоа е аритмијата. Ќе зборуваме зошто се јавува и кои се нејзините главни симптоми преку кои може да ја препознаеме.

 

Што претставува аритмијата и какви видови постојат?

Сите абнормалности во брзината на срцебиењето или во ритамот на неговите контракции, спаѓаат во категоријата на аритмии. Тие може да не се манифестираат со никакви конкретни симптоми, но може да предизвикаат и чувство на непријатност, болка, стегнатост во градниот кош, отежнато дишење, вртоглавица и сл. Не сите аритмии се опасни и штетни по здравјето, но за тоа да се потврди, неопходно е преглед и проверка од вашиот лекар.

Постојат повеќе типови на аритмија, но најчестите и главни типови се:

"“Online”/
  • Атријална фибрилација – најчестиот тип на аритмија, каде доаѓа до нерегуларно и забрзано срцебиење
  • Суправентрикуларна тахикардија – епизоди на абнормално забрзано срцебиење при мирување
  • Брадикардија – забавено срцебиење (пулс под 60 срцебиења во минута)
  • Вентрикуларна фибрилација – поредок тип на аритмија каде доаѓа до нагол, забрзан и неправилен ритам на срцебиење што резултира со губење на свеста и дури и смрт доколку не се третира веднаш.
  • Вентрикуларна тахикардија – нагло, забрзано срцебиење што потекнува од абнормални електрични импулси во коморите. Забрзаното срцебиење не дозволува срцевите комори да се наполнат и да ја испумпаат ефективно крвта. Кај здрави лица ова може да не предизвика посериозни проблеми, но кај лица со срцеви заболувања потребна е итна медицинска интервенција.

Овие набројани типови на аритмија може да се јават кај сите возрасни групи, додека атријалната фибрилација почесто се среќава кај повозрасната популација. Исто така, прекумерната консумација на алкохол и прекумерна телесна тежина го зголемуваат ризикот за појава на овој тип на аритмија. Овој тип на аритмија исто така го зголемува ризикот за појава на мозочен удар. Лицата со атријална фибрилација имаат 5 пати поголем ризик за мозочен удар, од оние кои имаат нормално срцебиење.

Некои типови на аритмија доколку се јават кај лица со сериозни срцеви проблеми, може да предизвикаат инфаркт. Околу 100,000 лица во Обединетото Кралство го губат својот живот секоја година, токму поради аритмија која не била навремено дијагностицирана.

Како ризик фактори за појава на аритмија се сметаат:

  • Вирусни инфекции
  • Консумирање на алкохол
  • Пушење
  • Прекумерен внес на кофеин
  • Интензивни физички активности
  • Одредени лекарства
  • Дефицит од калиум или други електролити
  • Стрес
  • Дијабет 
  • Прекумерна телесна тежина
  • Исхрана која е богата со масти (особено транс масти), холестерол и високо процесирани намирници

 

Кои се главните симптоми на аритмија и како да ги препознаеме?

Вообичаени симптоми на аритмија се палпитациите, односно чувство на брзо треперење или чукање на срцето. Некои луѓе, исто така, може да доживеат непријатност во градите, отежнато дишење, вртоглавица, зашеметеност, замор или чувство на прескокнување или дополнително отчукување на срцето (предвремено отчукување). 

Овие симптоми може да бидат минливи и не мора да укажуваат на сериозна здравствена состојба. Меѓутоа, ако овие симптоми продолжат подолг период, се влошат или се придружени со други загрижувачки знаци како што се болка во градите, отежнато дишење, онесвестување или ненадејно започнување на силни палпитации, потребно е веднаш да се побара лекарска помош.

Дополнително, лицата со веќе загрозено кардиоваскуларно здравје, историја на проблеми со срцевиот ритам или други ризик фактори, треба да бидат особено внимателни

Навремената евалуација од страна на доктор, која може да вклучува дијагностички тестови како што се: електрокардиограм (ЕКГ), холтер мониторинг, ехо преглед и сл. – може да  е од клучно значење за правилна дијагноза и третирање на аритмиите, со цел да се спречат потенцијални компликации како што се мозочен удар, срцева слабост или срцев удар. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор