fbpx

Како да се заштитиме од СОНЧАНИЦА и ТОПЛОТЕН УДАР?

tonus

Во наредниов период ќе имаме особено топли денови со навистина високи температури. Поради тоа, се зголемува потребата од соодветна заштита, правилна хидрираност и внимателност при престојување надвор подолг временски период. Особено ризичните групи и повозрасната популација треба да внимава. За внесот на течности и правилната хидрираност, веќе имаме зборувано во претходна статија, а денес ќе се задржиме на т.н „сончаница“ или состојба позната и како топлотен удар. Ќе зборуваме за најчестите симптоми и начини за превенција.

 

Што претставува „сончаницата“ или топлниот удар?

Сончаницата или топлотниот удар (посериозна форма на сончаница) претставува вистинска опасност кога имаме екстремно жешки летни денови. Обично таа ја асоцираме со подолг престој под сонце, дехидрираност и високи температури. Сончаницата најчесто се асоцира со подолга изложеност на главата и лицето на сонце, во екстремно топли денови. Таа се смета за рана и блага форма на топлотен удар. Топлотниот удар всушност претставува прилично сериозна состојба, класифицирана како хипертермија каде доаѓа до прегревање на организмот, односно пораст на телесната температура до над 40 ℃. Таа може да резултира со оштетување на мозокот, но и на други органи, а во екстремни случаи и со смрт.

Постојат два типа на топлотен удар: 

"“Online”/
  • Топлотен удар предизвикан од напор: се јавува како резултат на некаква физичка работа или напор при многу високи температури и висока влажност на воздухот. Ваквата состојба може да се јави после неколку часа од некаков интензивен напор. 
  • „Класичен“ топлотен удар: се јавува најчесто кај повозрасните или кај лицата со некакви хронични заболувања. Може да се јави и по неколку дена на континуирана изложеност. 

 

Кога и кај кого може да се јави сончаницата/топлотниот удар?

Оваа состојба може да се јави кај секого. Како ризична група се сметаат повозрасните и новороденчињата. Лицата чија професија подразбира физички напор на отворено се исто така во оваа ризична категорија. 

Останати фактори кои влијаат и може да го зголемат ризикот за топлотен удар се:

  • Пиењето на алкохол
  • Дехидрираност 
  • Лекарства кои влијаат на терморегулацијата (најчесто диуретици, седативи, лекарства за срце и крвен притисок)
  • Состојби кои влијаат врз способноста за потење
  • Одредени здравствени состојби
  • Носењето на заштита, тешка облека
  • Веќе покачена температура
  • Прекумерна тежина
  • Слаба кондиција или пак слаба аклиматизираност на високи температури
  • Слабост и изнемоштеност

За среќа, ретко доаѓа до топлотен удар, а се смета дека најчесто тој се јавува во градовите, каде има помалку зеленило и во летниот период има навистина екстремно високи температури. Неможноста на организмот за успешно и ефективно намалување на телесната температура е причината за појава на топлотен удар. 

 

Кои се знаците, односно симптомите на топлотен удар?

За најчести симптоми на топлотен удар се сметаат:

  • Дезориентираност 
  • Сува кожа
  • Проблеми со движење и координација
  • Конфузија 
  • Вртоглавица 
  • Екстремно потење
  • Бледа кожа која е топла на допир
  • Висок или низок крвен притисок 
  • Лошење и повраќање 
  • Недоволно мокрење 
  • Тахикардија и забрзано дишење 
  • Изнемоштеност и слабост

Доколку се сомневате дека некое лице има топлотен удар, најдобро е веднаш да го однесе до најблиската болница или да се јавите на итна медицинска помош. 

 

Како да спречиме сончаница/топлотен удар?

Сончаница или топлотен удар може многу лесно да се избегне доколку се придржуваме до следниве неколку препораки:

  • Избегнувајте напорна, интензивна физичка работа или активност кога има високи температури и висока влажност
  • Бидете хидрирани – вода, спортски пијалоци, лимонада, се неколку идеи за напитоци кои може да ви помогнат да останете хидрирани, дури и при обилно потење
  • Дозволете на телото бавно и постепено да се аклиматизира на повисоки температури
  • Избегнувајте подолг престој во топли, затворени простории
  • Носете лесна, светла и поширока облека
  • Избегнувајте подолг престој под директно сонце, без разлика дали имате соодветна заштита (крема за сончање, капа, шешир и сл.) 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор