fbpx

Зошто СТРЕСОТ доведува до ПРЕКУМЕРНО ЈАДЕЊЕ?

tonus

Како и многу останати фактори од средината, стресот често се наоѓа како тема на нашиот блог. Тој има силно влијание на нашето здравје, навики и благосостојба. Особено долгорочниот, хроничен стрес е штетен по здравјето и истиот треба навремено да се минимизира. 

Инаку, стресот може да влијае и на нашите секојдневни навики и преку нив всушност индиректно повторно да влијае на здравјето. На пример, стресот може да влијае на нашиот квалитет на спиење, може да ја отежни редовната физичка активност и секако, да влијае на исхраната. Токму овој аспект – исхраната ќе биде нешто за што ќе зборуваме малку повеќе во оваа денешна статија. 

 

Што претставува стресот и која форма е особено опасна и штетна?

Стресот се смета за нормална човечка реакција кон штетни и потенцијално опасни ситуации – без разлика дали се тие реални и навистина опасни или нашата перцепција за нив е едноставно таква. Изложувањето на ваква ситуација предизвикува бројни хемиски реакции во телото кои го подготвуваат истото да се бори или да ја избегне опасноста. Ваквата реакција е позната како „fight or flight“ или „бори се или побегни“. Тоа е автоматска човечка реацкија и била клучна за нашите предци и за нивниот опстанок. Стресот го зголемува пулсот, го забрзува дишењето, ги затега мускулите и го зголемува крвниот притисок. Телото на овој начин е подготвено да делува, односно да се одбрани.

"“Online”/

Проблемот е што денес, ситуациите најчесто не се животно загрижувачки, односно изворот на стрес е често од безопасни извори. Сепак, перцепцијата за стресни ситуации е различна и индивидуална за секого. Нешто што е стресно за еден човек, може воопшто да не е за некој друг. Некои луѓе едноставно подобро се справуваат и функционираат со стресот.

Понекогаш стресот во умерени дози може да делува и позитивно. Тој може да ни помогне да завршиме некоја важна задача со зголемена концентрација, фокусираност и прецизност. Но, долгорочниот – хроничен стрес има сосем поинакви ефекти врз телото.

Хроничниот стрес може сериозно да го наруши здравјето и да го зголеми ризикот за бројни заболувања. Симптомите и ефектите од хроничниот стрес може да се поделат во повеќе категории:

  • Емоционални – надразливост, фрустрираност, потешкотии при враќање во релаксирана состојба, избегнување на контакт со други луѓе
  • Физички – ниско ниво на енергија, главоболки, несоница, болки во мускулите, чести настинки, сува уста, испотени дланки и сл.
  • Когнитивни – константна загриженост, постојано мислење и фокусирање на проблемот, проблеми со меморијата, намалена концентрација, песимизам и сл.
  • Промени во апетитот, спиењето, навиките, мотивираноста и др.

 

Како стресот влијае на изборот на храна? 

Добро знаеме дека стресот може да влијае и на изборот на храна кој го правиме, па така одбираме помалку здрава, процесирана храна. Една студија од Австралија се фокусирала токму на ова. Научниците октриле дека комбинацијата од стрес и нездрава, т.н „утешна“ храна го „изгаснува“ механизмот во мозокот кој е задолжен да сигнализира дека сме сити и треба да престанеме со јадење. Ова доведува до прекумерен внес на храна и калории, а доколку се случува често, неизбежно ќе доведе и до прекумерна тежина и низа други здравствени проблеми. 

Научниците во оваа студија користеле лабораториски глувчиња. Тие ја имаат истата област од мозокот како и ние, задолжена за ваквата супресија на апетитот.

При нормални околности, по внес на калорична, масна храна, одреден дел од мозокот ќе почне да го минимизира т.н одговор на „награда“, односно храната веќе нема да допринесува кон лачење на одредени хормони и самото уживање во неа значајно ќе опадне. Но, кога е присутен стресот, овој дел од мозокот не ја извршува правилно својата функција, па така тоа уживање во храната не се намалува и покрај поголеми количини на изедена храна. Интересно е што и изборот на храна е речиси шаблонски – стресот ја зголемува желбата за масна или за блага храна. 

Ова се смета како еден вид на еволутивна алатка. Телото смета дека стресот е индикатор за опасност, па така си прави поголеми резерви на енергија со кои ги зголемува шансите за преживување. Но, денес стресот најчесто не е поврзан со опстанокот, оваа зголемена потреба од енергија никогаш не се јавува, па така овој тип на јадење кога сме под стрес доведува до зголемување на тежината.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор