fbpx

Редовна ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ – наједноставен и докажан начин за справување со СТРЕСОТ!

tonus

Физичката активност за многумина претставува алатка кон подобро ментално здравје, физичка подготвеност, самодоверба или едноставно нешто што ги прави среќни и исполнети. И навистина е така – редовното раздвижување и вежбање делува на речиси секој аспект од нашето здравје. Ова е од особена важност бидејќи голем дел од нас константно се изложени на голем број обврски, брзање и стрес. Ваквиот начин на живот од друга страна, може да делува негативно и да ги загрози нашето здравје и благосостојба. Но, за среќа, физичката активност може да помогне и во овој поглед, бидејќи таа се смета за една од наједноставните алатки  за справување со стресот – тема на која ќе зборуваме во продолжение

 

Зошто е важно да сме физички активни?

Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.

Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:

"“Online”/
  • Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.
  • Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.
  • Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење. Повеќе на оваа тема може да прочитате во една од нашите претходни статии, која можете да ја најдете тука.
  • Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.
  • Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност и токму за ова ќе зборуваме во продолжение.

 

Физичката активност го намалува стресот?

Научните докази во голема мера го поддржуваат длабокото влијание на физичката активност врз нивото на стрес. Кога вежбаме, нашите тела ослободуваат ендорфини, невротрансмитери познати по нивната способност да ја ублажат болката и да предизвикуваат чувство на среќа и благосостојба. Овие ендорфини делуваат како природни ослободувачи на стрес, помагајќи во борбата против физиолошките ефекти кои стресот ги има врз телото. Дополнително, се смета дека редовната физичка активност го намалува нивото на кортизол, често наречен и „хормон на стресот“, кој е поврзан со зголемена анксиозност и напнатост.

Вежбањето исто така води до зголемено создавање на други невротрансмитери како серотонин и допамин, кои играат клучна улога во регулирањето на расположението и смиреноста. Физичката активност всушност се смета за еден од наједноставните, најефикасни и најдобро проучени начини за справување со стресот. Таа нуди пауза и излез од секојдневните стресни ситуации, дозволувајќи им на луѓето да го фокусираат своето внимание на сегашноста, на своето здравје и на својата благосостојба. Вежбањето исто така може да го подобри квалитетот на спиењето – уште еден клучен фактор во управувањето со стресот, помагајќи им на луѓето полесно да заспијат и да поминат подолг период во длабоката фаза од спиењето.

[Поврзано: Што претставува „длабокиот сон“ и зошто е клучен при спиењето?]

Без разлика дали се работи за брзо одење, возење велосипед, пливање или вежбање во теретана, вклучувањето на редовната физичка активност во рутината е научно докажана стратегија за намалување на стресот и промовирање на целокупната благосостојба.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор