fbpx

Најчестите ТРИКОВИ кои се користат на амбалажите од производите

tonus

Храната никогаш не била подостапна за човекот. Со посета на еден супермаркет ние можеме да си ги обезбедиме сите потребни намирници – од свежо овошје и зеленчук, месо, па до свежо печен леб. Ваквата достапност и практичност на храната е секако позитивна и корисна. Но, производството на храна станува сè поконкурентно, па борбата за местата во супермаркетите е реална и честа појава.

Често сме во ситуација кога треба да одбереме помеѓу повеќе брендови и произведувачи за една иста намирница. Во тој случај, непходно е да ја погледнеме амбалажата, односно составот, нутритивната табела и сл. Но, бидејќи некогаш сме во брзање и немаме време за тоа, често се задоволуваме со она што го гледаме на предната страна од амбалажата, а произведувачите користат навистина бројни изрази и трикови за да не убедат во квалитетот на нивниот производ. Токму поради тоа, во продолжение ќе ги дискутираме и разгледаме најчестите изрази и тврдења кои се среќаваат на амбалажите од намирниците.

 

Што треба да содржи амбалажата на еден производ?

 

Секој прехранбен продукт потребно е да исполни одредени законски критериуми пред да биде пуштен во промет. Помеѓу нив се и определни основни информации за самиот производ.

"“Online”/

Веројатно најзначајната информација за најголемиот дел од луѓето е онаа за рокот на траење на храната. Секако, рокот е многу важен за квалитетот на храната, но пред сè тој се однесува на нејзината безбедност.

За самиот квалитет и безбедноста на храната, постојат и други законски задолжителни податоци што треба да бидат истакнати на етикетата, покрај рокот за употреба, како:

 

  • Име, адреса на производител и број на серија/шаржа на производство
  • Нето тежина
  • Комплетна листа на сите употребени состојки за добивање на дадениот продукт и соодветно, нивните количества
  • Информации за хранливата вредност на храната изразени во нутритивна табела
  • Листа на алергени
  • Кратко упатство за специфична употреба и складирање.

 

Постојат 5 главни елементи на кои треба да им посветиме внимание кога ја гледаме нутритивната табела на одредена храна:

 

  • Состав
  • Информациите за сервирање
  • Калориската вредност
  • Нутритивната вредност
  • % од ДПК (дневно препорачани количества од одредена хранлива материја) или % РФ (референтна вредност)

 

Соодветното читање на овие податоци треба да ни овозможи:

 

  • Соодветно дозирање на количествата од одредена храна во еден оброк.
  • Безбедност во однос на рокот, но и присуството на некои алергени.
  • Релевантни информации за составот, енергетската вредност и количеството на хранливи и останати додадени материи (пр. протеини, витамини, минерали, различни адитиви итн.).
  • Можност за правење соодветна споредба на еден продукт со други од слична или идентична природа.
  • Информации дали продуктот има додадени нездрави состојки, како трансмасти, големи количества шеќери, заситени маснотии, сол и слично.

 

 Кои се најчестите термини на амбалажата кои може да нè залажат?

 

Честа грешка која сите од нас ја прават е тоа што продуктот го проценуваме според неговата амбалажа, односно најчесто според изгледот и информациите кои ни се дадени на предната страна. Овде најчесто ќе ги сретнеме сите маркетинг трикови и лажни тврдења кои би нè убедиле да го купиме тој продукт. Дел од овие најчести термини се:

 

1 . „Природно“

 

Ова е можеби еден од најчесто користените термини и истиот има за цел да му укаже на купувачот дека она што го купува е свежо, природно и здраво. Но, овој термин нема некоја посебна регулација за употреба, па често се пишува на амбалажите а неговото значење е нејасно и често погрешно. Храната може да биде „природна“ и да не содржи додадени конзерванси, но истата може да биде извор на низа други, далеку поштетни соединенија. Исто така, терминот „природно“ не укажува на здрава, нутритивна или квалитетна храна.

 

2 . „Без додаден шеќер“

 

Употребата на овој термин е делумно збунувачка и поради тоа често ги изненадува луѓето кога ќе погледнат во нутритивната табела. Без додаден шеќер, значи дека кон производот нема дополнително количество на шеќер додадено при производството. Но, одредени продукти како сокови, млеко, житарки природно содржат шеќери и може да се проблематични за луѓето кои имаат дијабет или пак кои внимаваат на внесот на калориите. Затоа, најдобро е секогаш да се водиме по нутритивната табела.

 

3 . „Light“ производи

 

Овие производи се често асоцирани со помалку калории и помалку масти. Но, најчесто овој израз се користи да се опише поразлична, полесна и често разводнета текстура и конзистенција на продуктот. Истиот може воопшто да нема помалку калории и наместо масти да има додадено други состојки. Ова често се среќаква на продуктите од типот на намази, маргарини и мајонези, производи кои веќе имаат слаба нутритивност, па терминот „light“ не допринесува во ниеден поглед за подобар квалитет или поздрав продукт.

 

4 . Интегрални или полнозрнести продукти

 

Употребата на зборот „интегрални“ би требало да значи употреба на исклучиво полнозрнести, нерафинирани житарки. Но, доколку ја погледнете амбалажата и составот на ваквите продукти ќе забележите дека интегралната житарка која е употребена е само мал дел од целокупниот состав. Останатите состојки може да се рафинирано брашно, употреба на помагала за регулација на текстурата и сл. Целете кон продукти кои ги содржат интегралните житарки во целост или пак кои ги имаат во повисок процент.

 

5 . „Без глутен“

 

Глутенот е протеин кој може да предизвика одредени дигестивни проблеми и потешкотии кај луѓето кои се интолерантни. Но, за останата популација, производите обележани без глутен немаат никаков здравствен бенефит. Ознаката „без глутен“ значи дека ваквите производи не содржат пченица, ‘рж или јачмен. Често ваквите продукти се и високо процесирани и преполни со нездрави масти и додадени шеќери.

 

6 . Доза за сервирање

 

Уште еден трик на произведувачите е дозата на сервирање. Најчесто, на предната страна, ќе сретнете дел каде производителот нагласува колку калории се доржат во едно сервирање. Ова може да ги залаже потрошувачите да помислат дека производот е ниско калоричен, но тие калории може да бидат изразени на 20-30g од продуктот. Кај некои продукти каде сосем нормално е да се консумираат над 100g, калориите може брзо да станат проблематични. Покрај калориите, мастите, шеќерите и низа на други нутриенти може да се „маскирани“ под малата грамажа на едно сервирање.

 

Доколку купувате за прв пат одреден производ, а сакате правилно и објективно да го процените неговиот квалитет и нутритивност, секогаш настојувајте да ја прочитате содржината, односно составот и намирниците кои се употребени, како и нутритивната табела. Горенаведените термини (природно, без глутен, без додаден шеќер итн.) се често залажувачки и не ја даваат правилната и објективна слика за квалитетот на продуктот.

 

 

 

 

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор