fbpx

Дали КРЕМИТЕ ЗА СОНЦЕ го спречуваат создавањето на ВИТАМИН Д?

tonus

Летото е период кога УВ зраците се исклучително силни и опасни. Изгорениците се чести, па затоа потребно е големо ниво на претпазливост и превенција. Во тој поглед, веќе зборувавме за кремите за сончање, а ги објаснивме и основите на УВ зраците и нивното дејство врз нашето здравје. Но, од друга страна, знаеме дека сонцето е она што најмногу допринесува да имаме оптимално ниво на витамин Д, а овој витамин е клучен, бидејќи е неопходен за одвивањето на безброј процеси во нашиот организам. Па тогаш се поставува прашањето, дали со редовна употреба на креми за сончање го спречуваме создавањето на овој витамин? Токму за ова ќе зборуваме во продолжение. 

 

Зошто е важен витаминот Д?

Кога ќе се спомене овој витамин, луѓето веднаш го поврзуваат со здравјето на коските. И тоа е точно. Витаминот Д е важен за метаболизмот на калциумот и фосфорот, минерали клучни за здравјето на коските. Сепак, популарноста која ја стекна овој масно-растворлив витамин во последно време е заради фактот што постојано излегуваат нови вести околу него во научните списанија – цел спектар на негови нови функции и влијанија. Со ова, научниците ни покажуваат дека витаминот Д има значително поголема важност од тоа што претходно се сметаше, па треба и повеќе да внимаваме дали го имаме во доволни количини.

Имуномодулатор, значајно влијание кај автоимуните болести, кај малигните заболувања, при метаболички синдром, а листата станува сé подолга и подолга.Колку е важен витаминот Д, покажува и самиот факт што секоја една клетка од телото има потреба од него, односно е одговорен дури за 4000 клеточни процеси. Многу повеќе на оваа тема, може да прочитате тука.

"“Online”/

 

Дали кремите за сончање го попречуваат создавањето на овој витамин?

Како што имаме зборувано во претходни статии, кремите за сонце, а особено оние со повисок фактор, ги блокираат повеќето од УВБ зраците. Овој тип на УВ зраци се смета дека е главно заслужен за изгорениците на кожата и зголемен ризик за појава на карцином, но и за синтезата, односно создавањето на витаминот Д во кожата. Но, голем број студии покажуваат дека редовната употреба на креми за сончање не се поврзува со дефицит на витамин Д. Напротив, се охрабрува употребата на кремите за сончање со цел намалување на ризикот од оштетување на кожата и зголемување на ризикот од рак. 

Во реалноста, голем дел од луѓето никогаш не користат доволно количество, аплицирано по секој дел од кожата изложен на сонце, за да ги филтрираат сите УВ зраци. Дури и при употреба на поголема количина крема за сонце, мал дел од УВ зраците сепак пенетрираат до кожата, со што редовната изложеност на сонце сепак е доволна за создавање на витамин Д. Исто така, кај лицата со посветол тен, всушност и не е потребно предолго и често изложување на сонце за создавање на потребните количества на витамин Д.

Ова би значело дека нема никаква потреба од грижа за дефицит на витамин Д, дури и при редовна, секојдневна употреба на креми за сончање. Тие се одличен начин за заштита на кожата и се неопходни и задолжителни во летните денови каде сончевите зраци се навистина силни и штетни. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор