Нажалост, состојбата со загадениот воздух е константно и сè уште присутна во нашата држава. Последиците од ваквото загадување се многубројни и сериозни. Денес ќе се задржиме на влијанието на аерозагадувањето врз кардиоваскуларното здравје.
Зошто е загадувањето на воздухот еден од најсериозните проблеми на денешницата?
Загадувањето на воздухот се смета за еден од водечките ризици по човековото здравје, во светски рамки, но и во нашата држава. Некои проценки велат дека дури 9% од смртните случаи може да се поврзат со ефектите кои ги има загадувањето. Ваквиот проблем нам ни е добро познат, бидејќи дел од градовите во нашата држава неретко се наоѓаат во првите 5 најзагадени градови во светот. Ова е нешто што е исклучително алармантно и загрижувачки.
Имено, загадениот воздух е комбинација од цврсти честички и испарливи гасови во воздухот. Издувот на автомобилите, оџаците на фабриките, домаќинствата и голем број други извори допринесуваат кон ваквото загадување. Голем дел од овие „загадувачи“ се токсични и нивното вдишување може да предизвика голем број здравствени проблеми. Особено се ранливи луѓето со хронични заболувања, постарите лица и децата. Ваквото загадување не е присутно само надвор, туку со текот на времето навлегува и во нашите домови, каде константно не изложува на овие ризици. Во поглед на градските средини, често се користи и терминот смог – кој претставува комбинацијата од англиските зборови smoke+fog. Смогот претставува комбинација од влажен воздух (магла), чад и гасови испуштени од страна на автомобили, фабрики, домаќинства и сл. Ваквата комбинација формира прилично густ „облак“ од штетни честички кој потешко се елиминира од воздухот.
Во поглед на штетноста, можеби најопасни се најситните честички, т.н PM 2.5. Тие имаат димензии помали од 2,5 микрони и со леснотија навлегуваат во нашиот организам и се депонираат. Загадувањето на воздухот е често и „тивок убиец“ бидејќи не предизвикува никакви моментални здравствени проблеми, освен можеби блага кашлица. Здравствените проблеми како резултат на изложеноста на загаден воздух се јавуваат постепено и бавно. Затоа, важно е константно, а особено во зима да се заштитуваме од оваа опасност и да внимаваме на нашето здравје.
Како влијае аерозагадувањето врз кардиоваскуларното здравје?
Научните докази постојано ги покажуваат и потврдуваат штетните ефекти на аерозагадувањето врз кардиоваскуларното здравје. Изложеноста на честички (PM), азот диоксид (NO2) и други загадувачи на воздухот се поврзува со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања. Особено фините честички (PM2.5), можат да навлезат длабоко во респираторниот систем, да влезат во крвотокот, предизвикувајќи системско воспаление и оксидативен стрес. Овие механизми придонесуваат за развој и прогресија на артериосклероза – таложење на наслаги во артериите, што доведува до состојби како што се коронарна артериска болест и инфаркт. Долготрајната изложеност на загаден воздух се асоцира и со покачен крвен притисок, сериозен ризик фактор за кардиоваскуларни настани.
Покрај тоа, загадувањето на воздухот може да го наруши автономниот нервен систем, влијаејќи на срцевиот ритам и зголемувајќи ја веројатноста за аритмии. Ранливите популации, како што се постарите лица и поединците со веќе постоечки кардиоваскуларни состојби, се особено подложни на негативните ефекти од загадувањето на воздухот. Научниот консензус ја нагласува важноста на строгите регулативи за квалитетот на воздухот и интервенциите на јавното здравје за да се ублажи влијанието на загадувањето на воздухот врз кардиоваскуларното здравје. Како поединци, усвојувањето одржливи практики и намалувањето на изложеноста на загадувачи на воздухот може да придонесе за заштита на кардиоваскуларната благосостојба. Нешто што секој од нас може да го направи:
- Да го лимитираме времето кое го поминуваме на загаден воздух
- Да користиме маска против аерозагадување
- Да избегнуваме физичка активност и подолг престој на отворено
- Да го лимитираме проветрувањето на нашиот дом
- Да го следиме степенот на загаденост