fbpx

Што да направиме при убод од пчела?

tonus

Пчелите се инсекти кои нѝ се од голема корист, нам, но и на целата природа.

Тие вршат огромна корисна работа за растенијата и екосистемот, односно го помагаат процесот на размножување кај растенијата (го вршат опрашувањето). Дополнително, нѝ ги даваат и најразлични вкусни видови мед.

Сепак, особено во летниот период, пчелите често знаат и да нè боцнат. Убодите знаат да бидат навистина болни, непријатни и да предизвикаат отоци на местото.

"“Online”/

Во најголемиот дел од случаите, луѓето оставаат раната самата да помине во период од неколку дена. Во меѓувреме, постојат доста природни начини преку кои можете да си помогете при ваква ситуација.

Секако, доколку сте алергични на оси или пчели, можен е анафилактичен шок, што е живото-загрозувачка состојба, па веднаш треба да посетите лекар. Симптомите на алергиската реакција се ширење на отокот далеку над местото на убод, појава на пликови на кожата, губење здив, повраќање, бледа кожа, забрзана срцева работа, отоци на грлото и јазикот, преинтензивно чешање итн.
Решението за ваквата ситуација е т.н. епинефринска инекција (EpiPen). Епинефринот е хемиска компонента која ги проширува крвните садови и ги отвара дишните патишта на белите дробови.

Исто така, доколку сте каснати на повеќе места во исто време, задолжително треба да посетите лекар.

Во продолжение, ќе наведеме неколку совети околу тоа што вие самите можете да направите за да си олесните при убод од пчела.

1) Поставете мраз на местото на убод

Веднаш откако ќе ве касне пчелата, измијте го местото со ладна вода и извадете го заостанатото осило кое содржи токсини. Тоа можете да го направите многу внимателно со некаков остар предмет, при што нежно ќе го гребете местото на убод. Немојте да се обидувате со пинцета или прсти, бидејќи така би можете да го истиснете остатокот од отровот во кожата.

Откако ќе го направите ова, поставете мраз на отеченото место и држете неколку минути. Можете да го повторувате ова додека чувствувате дека ви помага. Немојте директно да поставувате од мразот на кожата, нека има нешто помеѓу нив (кеса со мраз, замрзнат зеленчук итн.).

Ладното го намалува отокот и ја забавува циркулацијата на местото, со што токсините потешко се шират.

2) Мед

Медот поседува и одредени лековите дејства. Содржи компоненти кои можат да се борат против воспаленијата и на тој начин да го намалат отокот.

Антибактериските својства на медот пак, можат да превенираат од дополнителни инфекции на местото и да го забрзаат лекувањето на раната. Заради овие причини, многу често лекарите препорачуваат мачкање на мед на местото на убод.

Не го правете ова надвор, бидејќи мирисот на медот знае да ги привлече пчелите.


3) Есенцијални масла

Најголемиот дел од есенцијалните масла поседувааат одредени антисептички, антибактериски или антифугални својства.

Иако нема конкретни и јасни научни докази дека тие можат да помогнат при убоди од пчели или оси, сепак претходно споменатите дејства се можната причина зошто тие со векови се користат како природен лек при каснување од пчели или оси. Имено, антибактериското дејство може да превенира од инфекции и да го забрза лекувањето на раните.

За оваа цел се користат масло од рузмарин, лаванда, темјан, чајно дрво итн. Пред да ги нанесете ваквите масла на кожата, најдобро е да ги помешате со неутрално масло, како маслиновото на пример. Соодносот треба да биде една капка есенцијално масло на секои четири капки маслиново.

Важно е да се каже дека некои од овие есенцијални масла, кај некои поединци можат да предизвикаат и алергиски реакции.

4) Паста за заби

Некои луѓе тврдат дека пастата за заби може да помогне во неутрализацијата на отровот поради нејзината алкална средина. Отровот од пчела има кисела средина, па имајќи предвид дека сите имаме дома паста за заби, вреди да се обидете. Намачкајте тенок филм од пастата на отеченото место. Немојте да ја оставате повеќе од 30-тина минути, бидејќи се можни и несакани ефекти.

Сепак, при убоди од оса, ова дефинитивно нема да функционира, бидејќи нејзините токсини се со базна средина.

5) Јаболков оцет

Се смета дека јаболковиот оцет може да помогне во неутрализацијата на отровот од осилото. Ваквото дејство е утврдено искуствено, а не од науката. Но, оцетот е ефтин и секој го има дома, па можете да се обидете, шансите од можни несакани ефекти се минимални.

Потопете го во јаболков оцет местото на убод, а ако тоа не е можно тогаш ставете оцет на памучна крпа и потоа нанесете го на отеченото место. Држете најмалку 15-тина минути.

6) Сода бикарбона

Некои луѓе веруваат дека содата за готвење може да го неутрализира отровот од осите и пчелите и да нѝ ја олеснат непријатноста. Сепак, ваквите тврдења се само искуствени и немаат некаква заснованост на факти.

Дополнително, натриум бикарбонатот е силно алкален, што може да предизвика оштетувања на кожата. Заради овие причини, лекарите избегнуваат да го препорачуваат овој ,,домашен лек”.

7) Алое вера гел

Алое вера гелот е растителен препарат кој ја прави кожата помека и похидрирана. Според една студија од 2015 година, екстрактот од алое има силни антивоспалителни и антибактериски својства.

Нанесување малку од алое гелот на местото на убод, може да го намали отокот и да превенира од инфекции.

Медикаменти:

хидрокортизонски креми – намалување на црвенилото, отокот, чешањето и болката.

антихистамини (орална употреба) – намалување на црвенилото и чешањето

одредени аналгетици и антивоспалителни лекови – намалување на болката и отокот,

*лековите применувајте по задолжителната консултација со лекар.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор