Одредени студии прогнозираат дека во наредните 10 години, речиси половина од светската популација може да има прекумерна тежина, секако доколку не се превземат сериозни превентивни мерки. Но, факт е дека прекумерната тежина за многумина претставува товар и може да влијае на расположението и менталното здравје. Меѓутоа, нездравата опсесија со тежината како бројка може навистина негативно да влијае на секој аспект од секојдневието. Во продолжение ќе зборуваме зошто бројката, односно тежината не е главното нешто на кое треба да се фокусираме кога се обидуваме да слабееме.
Дебелината – меѓу најзастапената здравствена состојба на денешницата
Прекумерната тежина е дефинирана како состојба кога телото има абнормални, односно прекумерни резерви и наслаги од масти. BMI (Body mass index) е еден начин на кој лесно може да се провери нашата моментална состојба во поглед на телесната тежина. Секако, поради својата едноставност, ваквиот метод е доста општ и не секогаш целосно прецизен и објективен.
Во светски рамки, САД е на првото место како држава со најголема гојазност. Но, се проценува дека во периодот од 1975 па до денес, на глобално ниво, прекумерната тежина кај популацијата е за три пати позастапена. Таа исто така претставува најпревентабилна причина за предвремена смртност. Истата е поврзана и со бројни други заболувања, како што се: дијабет, кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар и др.
Во 2016 година, повеќе од 1,9 милијарди возрасни луѓе (над 18 години) ширум светот, имале прекумерна тежина.
Загрижувачки е што ваквиот пораст е забележан и кај децата и тинејџерите. Едно истражување покажало дека гојазноста кај оваа група е зголема за 10 пати од 1975 година до денес. Во 2016 бројот на деца и тинејџери со прекумерна тежина бил 124 милиони, наспроти 11 милиони во 1975.
Зошто бројката на вагата не треба да биде единствениот приоритет при слабеењето?
Иако бројот на вагата често е нajследена и најопиплива мерка за напредок во слабеењето, од клучно значење е да се препознае дека постојат бројни други показатели за успех кои можат да бидат подеднакво или уште позначајни од бројот на килограмите.
Еден особено важен параметар е самата физичка состојба и структура на телото, односно пропорцијата на масно ткиво, мускулно ткиво и останати параметри. Дури и ако вагата не покажува значително намалување на тежината, подобрувањата во составот на телото, како што се намалување на процентот на телесните масти и зголемување на мускулната маса, може да значат позитивни промени во здравјето и кондицијата.
Дополнително, подобрувањата во физичката кондиција и издржливоста, воочливи преку параметри како зголемена сила, флексибилност и кардиоваскуларна кондиција, се важни индикатори за напредок и чекор кон целосно подобро здравје и благосостојба.
Останати „споредни“ придобивки се можеби подобрениот квалитет на сон, зголеменото ниво на енергија, подобрено расположение и ментална благосостојба, зголемена самодоверба и подобар севкупен квалитет на живот. Ваквите параметри се далеку позначајни од една обична бројка која ќе ја видите на вагата. Секако, тие се постигнуваат со усвојување на поздрави навики, како: здрава и балансирана исхрана, редовно движење и физичка активност, контролирање и менаџирање на стресот, регулирање на хигиената на спиење и сл. Покрај воочувањето на овие „индиректни“ придобивки, важно е да се насочиме кон реален, одржлив пристап кон регулирање на телесната тежина, односно да усвоиме навики кои можеме долгорочно да ги одржуваме и истите да прераснат во своевиден нов, поздрав начин на живеење.
[Поврзано: Зошто КАЛОРИИТЕ не се најважни при СЛАБЕЕЊЕТО?]