fbpx

Како ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ може да помогне кај лицата со нарушена ТИРОИДНА функција?

tonus

Често зборуваме за придобивките од редовната физичка активност на нашиот блог, а денес ќе се задржиме на една проблематика која многумина ги засега, а тоа се проблемите со тироидната жлезда. Ќе дискутираме зошто и како физичката активност може да биде корисна и препорачлива за лицата со одредено нарушување на функцијата на тироидната жлезда.

 

Зошто е важно да сме физички активни?

Редовната физичка активност, покрај здравата исхрана, е можеби една од наједноставните, а сепак најефикасни алатки за одржување на нашето здравје и виталност. Како здрава навика, вежбањето може значително да допринесе кон подобрување на нашето физичко, но и ментално здравје.

Дел од придобивките кои физичката активност ги дава се:

"“Online”/
  • Одржување на телесната тежина – физичката активност помага да ја одржиме, па и намалиме телесната тежина, бидејќи таа ја зголемува потрошувачката на калории. Било кој тип на активност, во било кој период може да ви помогне да потрошите неколку дополнителни калории.
  • Подобрено срцево здравје и намален ризик од заболувања – вежбањето е добар начин да се регулира „лошиот“ LDL холестерол, а да се подобри нивото на т.н „добар“ холестерол. Редовната физичка активност го намалува ризикот за: мозочен удар, срцев удар, хипертензија, тип 2 дијабет и сл.
  • Подобар и поквалитетен сон – физичката активност е еден од најдобрите начини за да го подобриме квалитетот на нашето спиење. Повеќе на оваа тема може да прочитате во една од нашите претходни статии, која можете да ја најдете тука.
  • Подобрена физичка подготвеност, градење ново мускулно ткиво и поздрави и посилни коски.
  • Подобрено расположение – вежбањето и движењето доведуваат до лачење на одредени хормони – ендорфини, адреналин и сл. Тие се сметаат за заслужни за ефектот на подобрување на расположението кој го има физичката активност.

 

Како влијае физичката активност на функцијата на тироидната жлезда?

Редовното вежбање може да  има важна улога во функцијата на тироидната жлезда. Научните докази сугерираат дека вежбањето може да има позитивни ефекти и на хипо- и на хипертироидните состојби. 

Во случаи на хипотироидизам, кој се карактеризира со недоволна активност на тироидната жлезда, се покажало дека физичката активност ја подобрува чувствителноста на тироидните хормони, што би значело поефикасна функција на веќе создадените хормони. Исто така, вежбањето се смета дека го стимулира производството на протеини вклучени во транспортот и метаболизмот на тироидните хормони.

За лицата со хипертироидизам, кој се карактеризира со хиперактивна тироидна жлезда, редовното вежбање може да помогне да се регулира вишокот на произведени тироидни хормони преку промовирање на општ, подобрен хормонален баланс. Покрај тоа, вежбањето се асоцира и со намалување на воспалителните маркери поврзани со автоимуни заболувања, како што е на пример Хашимотото. Иако видот и интензитетот на вежбањето треба да се приспособат на индивидуалната здравствена состојба, инкорпорирањето на добро заокружена и редовна рутина за физичка активност може да придонесе за подобрување на функцијата на тироидната жлезда, но и за целокупната благосостојба кај лицата со проблеми со тироидната жлезда. Дополнително, физичката активност знаеме дека е еден од најдобрите и најефикасни начини за контролирање и одржување на здрава телесна тежина, што пак, е чест проблем кај лицата со нарушена функција на тироидната жлезда. Физичката активност ја подобрува и енергичноста, кондицијата, квалитетот на спиење и расположението – проблеми кои се добро познати при оваа здравствена состојба. Значи, физичката активност може да се асоцира со директни, но и со индиректни придобивки кај лицата со проблеми со тироидната жлезда.

Сепак, секој треба да се консултира со својот доктор пред да започне одредена посериозна физичка активност, особено доколку се присутни и одредени други здравствени состојби. 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор