fbpx

Здрави намази од модар патлиџан

tonus

Постојат бројни рецепти за подготовка на вкусни и здрави зеленчукови намази. Тие може да бидат одлична опција за комбинирање со парче интегрален леб и да послужат како додаток во рецептите за појадок или вечера. Еден ваков намаз е токму намазот од модар патлиџан кој има повеќе разни имиња низ светот. Кај нас е познат како малиџано, во делови од Азија е познат како баба гануш итн. Без разлика на името, постојат бројни начини да се подготви намаз од модри патлиџани, а сите претставуваат вкусен и здрав оброк кој има бројни примени.

 

Зошто е здраво да се јаде модриот патлиџан?

 

"“Online”/

Летото е период кој се карактеризира со повеќе различни зеленчуци, но можеби еден од најпознатите и најкористените на нашите простори е токму модриот патлиџан.

Билката на модриот патлиџан се одледува со векови низ Медитеранските простори – Блискиот исток, северна Африка, Италија, Франција, Шпанија, но и кај нас, на Балканскиот полуостров. Во нашата традиционална македонска кујна, изобилуваат рецепти кои го подразбираат и модриот патлиџан. Постојат различни типови, облици и големини, но и кај нас најпознат е оној долгнавестиот и темновиолетов модар патлиџан.

Неговата широка примена во различните кујни се должи на уникатниот киселкаст , но пријатен вкус, кој исто така може да има и горка нота. Неговата сјајна темновиолетова боја, извонердната конзистенција (структура) и секако неговата богата хранлива вредност, се исто така дел од причините за популарноста на овој зеленчук.

 

Во 100g подготвен или сварен модар патлиџан се содржат:

33 калории

9g јаглехидрати

0,8g протеини

0,2g масти

2,5g растителни влакна

▫ 122mg калиум

▫ 11mg магнезиум

▫ 3mcg витамин К

▫ 14mcg фолна киселина (витамин Б9)

 

Дополнително, содржи и помали количества на витамин Ц, бакар, ниацин, тиамин, манган и низа други фитохемикалии. Ваквиот состав го прави модриот патлиџан исклучително нутритивно сконцентрирана храна.

 

Рецепт за баба гануш

 

За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 70 минути (60 за печење) и истиот е доволен за околу 6-8 лица.

 

Потребни намирници:

  • 2 средно големи модри патлиџани (околу 900g)
  • Маслиново масло
  • 2-3 големи лажици таан (паста од сусам)
  • 2 чешниња лук, ситно исецкани
  • Половина мала лажичка кумин
  • Сок од еден лимон
  • Сол и мелен црн бибер
  • Малку свеж, исецкан магдонос

 

 

Начин на подготовка:

1 . Модрите патлиџани боцнете ги со вилушка на повеќе места и исечете ги на половинки – надолжно. Премачкајте ги половините со малку маслиново масло и ставете ги да се печат во тавче со хартија, на 200 степени. Печете со исечената страна надолу, околу 35-40 минути. Потоа извадете ги од рерна и оставете ги да се оладат.

2 . Извадете ја срцевината на модриот патлиџан со лажица и ставете ја во сад. Додадете ги: лукот, маслиновото масло, таанот, куминот, сокот од лимон и зачинете со сол и бибер. Фино промешајте. Текстурата на смесата треба да е мазна и кремаста, но сепак да се задржи дел од текстурата на модриот патлиџан.

3 . Оставете ја смесата дополнително да се олади до собна температура, а потоа дополнително додадете сок од лимон, сол и бибер по вкус.

4 . Послужете со пита лебче, крекери, тост подготвен од интегрално лебче и сл.

 

Пикантен намаз од модри патлиџани

 

Потребни намирници:

  • 2 средно големи модри патлиџани
  • 1 црвена пиперка
  • Малку маслиново масло
  • 1-2 свежи домати (може и домати од конзерва)
  • 1 мала главица кромид, исецкана
  • 2 чешниња лук, исецкани
  • Малку сол и црн бибер
  • Малку сув и мелен кумин, кориандер и останати зачини по желба
  • 1 чили пиперче или малку чили сос
  • Сок од лимон
  • Малку свеж, исецкан магдонос

 

Начин на подготовка:

1 . Измијте ги модрите патлиџани и црвената пиперка. Исецкајте ги на коцкички и префрлете ги во тавче со хартија за печење. Премачкајте ги со малку маслиново масло. Печете на 170 степени, околу 25-30 минути. На половина печење, промешајте ги со лажица.

2 . Вака печените зеленчуци префрлете ги во блендер и додадете ги доматите, кромидот, лукот, солта, чили пиперчето (или чили сосот) и зачините. Блендирајте неколку секунди, додека не добиете смеса со фина, кремава структура. Сепак не претерувајте со блендирањето и оставете малку од текстурата која ја дава модриот патлиџан. Додадете сол по вкус.

3 . Префрлете ја смесата во фрижидер и оставете ја да се олади пред да послужите.

4 . При послужувањето додадете малку сок од лимон и свеж магдонос. Ваквиот намаз оди одлично со интегрално парче леб, крекери, тост и сл.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор