fbpx

ОРЕВИТЕ го намалуваат холестеролот – нова студија

tonus

Долгорочното, секојдневно консумирање на половина чашка ореви, низ новите студии повторно се покажува како одличен начин за намалување на нивото на LDL холестеролот, добро познат уште како ,,лош” холестерол.

Вакви податоци повторно се презентираат во едно поново истражување, објавено во познатиот научен журнал Circulation. Во него се додава и дека редовната употреба на оревите поседува потенцијал да го намали и вкупниот број на LDL честици, како и малите LDL партикули кај здравите, повозрасни лица.

 

[Поврзано: Липиден профил, или народски кажано – МАСНОТИИ во крвта. Што треба да знаете?]

"“Online”/

 

Оревите се одличен растителен извор на омега 3 масни киселини!

Оревите се богат извор на омега 3 масни киселини (алфа-линоленска киселина), нешто што се покажува како особено корисно во однос на целокупното кардиоваскуларно здравје.

 

[Поврзано: Што треба да знаете за омега 3 масните киселини и за нивниот ,,однос” со нивните омега 6 роднини?]

 

Претходните истражувања конзистентно покажуваат дека генерално честата употреба на јаткастите плодови, вклучително и на оревите, се поврзува со пониски нивоа на срцеви заболувања и мозочен удар.

 

Една од главните причини за ваквиот ефект на јатките, се смета нивниот потенцијал да го намалат нивото на LDL холестеролот. Споменатата нова студија укажува и на зголемување на квалитетот на LDL честиците.

 

Не е важно само нивото на холестеролот

 

LDL честиците се присутни во различни обеми. Истражувањето покажува дека малите, густо пакувани LDL честици се оние што почесто се поврзуваат со атеросклерозата, односно со формираните депозити (масни или од калциум) што се таложат во крвните садови. Заради овие причини, истражувачите одат чекор понатаму, па не ја испитуваат само врската на јадењето ореви со нивото на LDL холестеролот, туку и врската помеѓу оревите и LDL композицијата, како и врската со сите останати липопротеини, сè со цел добивање на една комплетна слика.

 

[Поврзано: Во зависност од возраста, што треба да правите за да имате поздраво срце?]

 

Нешто повеќе околу студијата

 

Истражувањето е спроведено од мај 2012 до мај 2016 година, на 708 испитаници, со возраст помеѓу 63 и 79 години. Се работи за индивидуалци што потекнуваат од Шпанија и од јужниот дел на САД. На почетокот од студијата тие се во добра здравствена состојба.

 

За потребите на истражувањето, волонтерите биле поделени во 2 групи. Едната консумирала околу половина чашка ореви секојдневно, во склоп на вообичаената исхрана, додека другата група била контролна и воопшто не внесувала ореви. По две години, евалуирано било нивото на холестерол кај испитаниците, а дополнително биле спроведувани и испитувања за големините на липопротеинските молекули со специјална технологија (магнетна резонантна спектроскоија). Оваа техника им овозможува на истражувачите попрецизно идентификување на липопротеинските карактеристики што се тесно поврзани со ризикот од кардиоваскуларни болести.

 

Липопротеинските анализи на испитаниците поттикнуваат неколку главни заклучоци:

 

  • По две години, волонтерите што редовно јаделе ореви, имале понизок LDL холестерол – во просек за 4,3mg/dL. Пониско било и нивото на т.н. вкупен холестерол, за 8,5mg/dL во просек.

  • Секојдневната употреба на оревите го намалила бројот на вкупни LDL партикули за 4,3% и на малите LDL честици за 6,1%. Ова намалување е значителен индикатор за намален ризик од кардиоваскуланите заболувања.

  • Во текот на 2-те години од истражувањето и IDL холестеролот исто така доживеал намалување. Станува збор за прекурсор на LDL холестеролот.

  • Кај мажите LDL холестеролот се намалил за 8%, додека кај жените за 2,6%.

  • И покрај масната содржина (здрави маснотии) на оревите, испитаниците што ги јаделе редовно, не покажале зголемување на телесната тежина.

 

Иако намалувањата на LDL холестеролот не се драматични, важно е уште еднаш да се напомене дека на почетокот на истражувањето сите учесници биле во релативно добра здравствна состојба, барем во однос на најчестите состојби поврзани со ризик за срцеви заболувања.

Затоа истражувачите нагласуваат дека позитивните ефекти од јадењето ореви во однос на холестеролот, би требало да бидат значително поголеми кај лицата што страдаат од нарушен липиден профил, односно од висок холестерол и маснотии. Впрочем, ваков ефект се покажува во повеќе претходни истражувања на темата.

 

 

Јатки за здраво срце

 

Споменатото истражување е само причина плус да вклучиме повеќе јатки во исхраната.

 

Почестото консумирање јаткасти плодови, вклучително и ореви кои се доста  типични за нашето поднебје, претставува еден едноставен начин за поттикнување на подобро здравје на срцето. Ова јасно го укажува и Американската асоцијација за здравје на срцето.

 

Многу повеќе за бројните здравствени бенефити од редовното јадење ореви, прочитајте во една од нашите претходни статии: Зошто да јадете ореви секој ден?

 

 

Извор:

 

,,Effects of Walnut Consumption for 2 Years on Lipoprotein Subclasses Among Healthy Elders: Findings From the WAHA Randomized Controlled TrialCirculation, 30.08.2021

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор