fbpx

Дијабет тип 2 – Првични симптоми што не треба да бидат игнорирани

tonus

На глобално ниво, се проценува дека секој единаесетти човек страда од дијабет, односно над 400 милиони луѓе. Дополнително загрижувачки е што ваквата енормна бројка е во постепен, благ раст. Секоја година бројот на дијабетичари се зголемува и може да се каже дека дијабетот е една од посериозните болести на денешницата. Постојат бројни фактори кои се заслужни за појавата на дијабетот, меѓу кои е и генетиката, но секако не можеме да го исклучиме и нашиот начин на живот како фактор. Доколку дојде до појава на преддијабет или рана фаза на дијабет тип 2, важно и неопходно е да се препознаат и воочат раните знаци и симптоми на болеста, а токму околу ова ќе зборуваме во продолжение на денешната статија.

Што претставува дијабетот?

Дијабетот претставува состојба кога телото неправилно ја искористува и се справува со глукозата која е присутна во крвта. Ова најчесто е поради недоволно количество или поради не ефективност на хормонот – инсулин. Тој е одговорен за правилно регулирање и искористување на глукозата од крвта. Со негова помош таа успешно навлегува во клетките каде се искористува како извор на енергија.

Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, преддијабетна состојба, како и гестационален дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчестите се: генетски, прекумерна телесна тежина, возраста, слаба физичка активност, останати здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.

"“Online”/

Покрај лекарствата кои може да помогнат при третирање на било кој тип на дијабетна состојба, промени во животните навики исто така може да имаат исклучително позитивен ефект. Регулирање на телесната тежина, поредовна физичка активност, добра хигиена на спиење, избегнување и контролирање на стресот и секако здрава исхрана се дел од најчестите препораки за подобро справување, па дури и превенција на дијабетот.

Доколку дијабетот веќе се јавил, посветување внимание на исхраната е еден од првите чекори кои го превземаат луѓето. За намирниците и ужинките кои се пожелни и безбедни за дијабетичарите веќе имаме пишувано во претходни статии и за нив може да прочитате тука, додека намирниците кои треба да се избегнуваат може да ги најдете тука.

Што претставува дијабетот тип 2?

Дијабетот тип 2 претставува состојба каде телото неправилно и отежнато се справува со шеќерот во крвта. Тоа претставува хронична состојба и резултира со покачено ниво на шеќер во крвта. Ваквиот проблем се смета дека се јавува главно поради 2 причини. Прво, панкреасот не произведува доволно инсулин, а како втора причина се смета намалената сензитивност, односно влошениот и ослабнат одговор на клетките кон инсулинот. Ова доведува до неефективно дејство на инсулинот со што клетките внесуваат помалку шеќер во себе од потребното.

Дијабетот тип 2 се асоцира со повозрасната популација, но нажалост, денешниот начин на исхрана и сè почестата застапеност на прекумерната телесна тежина кај популацијата, доведува до појава на овој тип на дијабет и кај помладата популација.

За дијабетот тип 2 не постои конкретен лек, но се смета дека регулирањето на телесната тежина, здравата и балансирана исхрана и редовната физичка активност може да помогнат болеста да се одржува под контрола.

Кои се раните знаци и симптоми за појавата на овој тип дијабет?

Знаците и симптомите на оваа болест се појавуваат доста бавно и често луѓето живеат подолг период без воопшто да се свесни дека имаат дијабет тип 2. Затоа е важно да се препознаат и воочат раните симптоми кои може да ни помогнат да го провериме нашето ниво на шеќер во крвта и рано да ја дијагностицираме ваквата состојба.

Дел од почетните симптоми на тип 2 дијабетот се:

  1. Зачестено мокрење – се јавува како резултат на зголемениот обем на работа на бубрезите кои се обидуваат да го исфрлат вишокот шеќер од крвта.
  2. Зголемена жед – ваквиот симптом се поврзува и со зачестеното мокрење, односно потребата на организмот побрзо и во поголема мера да ја филтрира крвта со цел да го исфрли вишокот шеќер од крвта.
  3. Редовно чувство на глад – лицата со дијабет најчесто не добиваат доволно енергија од храната која ја внесуваат. Глукозата која е присутна во крвта, не доаѓа ефективно и во доволни количини до нашите клетки, а тоа значи дека можно е да се јави константно чувство на глад.
  4. Чувство на замор – поради недоволната искористенот на шеќерот, се јавува и одреден недостаток на енергија кај лицата со дијабет. Тоа може да предизвика константно чувство на замор.
  5. Заматен вид – вишокот шеќер кој е присутен во малите крвни садови во очите може да предизвика одредено заматување на видот. Тоа може да се јави во едното или двете очи и може да е привремено и ретко.
  6. Чувство на пецкање или болка во дланките и стапалата – високот ниво на шеќер во крвта може да доведе до оштетување на нервите, а со тоа да се јави и чувство на пецкање или непријатност, особено во дланките и стапалата.
  7. Бавно заздравување на рани и исекотини – високото ниво на шеќер во крвта ги оштетува нервите и крвните садови што доведува и до намалена циркулација. Поради тоа, повреди од типот на рани и исекотини заздравуваат побавно и ризикот за инфекција кај нив е зголемен.

Препознавање на раните симптоми може да значи и порана дијагноза, а со тоа и навремен третман и лекување. Тоа може значително да го смени текот на оваа здравствена состојба, а и да го заштити и подобри целокупното здравје. Доколку не се третира, дијабетот може да доведе до сериозни проблеми како: срцеви заболувања, мозочен удар, оштетување на нервите, оштетување на бубрезите, нарушен вид, па дури и смрт.

 

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор