fbpx

Студија: со правилна исхрана, шеќерот може да се врати во нормала!

tonus

Дијабетот е една од најчестите теми на нашиот блог, а денес накратко ќе зборуваме за една студија која јасно покажува како начинот на живот и нашите навики влијаат врз нашето здравје, а поконкретно, врз дијабетот.

 

Што претставува дијабетот?

Дијабетот претставува состојба кога телото неправилно ја искористува и се справува со глукозата која е присутна во крвта. Ова најчесто е поради недоволно количество или поради не ефективност на хормонот – инсулин. Тој е одговорен за правилно регулирање и искористување на глукозата од крвта. Со негова помош таа успешно навлегува во клетките каде се искористува како извор на енергија.

Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, преддијабетна состојба, како и гестационален дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчестите се: генетски, прекумерна телесна тежина, возраста, слаба физичка активност, останати здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.

"“Online”/

 Покрај лекарствата кои може да помогнат при третирање на било кој тип на дијабетна состојба, промени во животните навики исто така може да имаат исклучително позитивен ефект. Регулирање на телесната тежина, поредовна физичка активност, добра хигиена на спиење, избегнување и контролирање на стресот и секако здрава исхрана се дел од најчестите препораки за подобро справување, па дури и превенција на дијабетот.

Доколку дијабетот веќе се јавил, посветување внимание на исхраната е еден од првите чекори кои го превземаат луѓето. За намирниците и ужинките кои се пожелни и безбедни за дијабетичарите веќе имаме пишувано во претходни статии и за нив може да прочитате тука, додека намирниците кои треба да се избегнуваат може да ги најдете тука.

 

Што претставува дијабетот тип 2?

Дијабетот тип 2 претставува состојба каде телото неправилно и отежнато се справува со шеќерот во крвта. Тоа претставува хронична состојба и резултира со покачено ниво на шеќер во крвта. Ваквиот проблем се смета дека се јавува главно поради 2 причини. Прво, панкреасот не произведува доволно инсулин, а како втора причина се смета намалената сензитивност, односно влошениот и ослабнат одговор на клетките кон инсулинот. Ова доведува до неефективно дејство на инсулинот со што клетките внесуваат помалку шеќер во себе од потребното.

Дијабетот тип 2 се асоцира со повозрасната популација, но нажалост, денешниот начин на исхрана и сè почестата застапеност на прекумерната телесна тежина кај популацијата, доведува до појава на овој тип на дијабет и кај помладата популација.

За дијабетот тип 2 не постои конкретен лек, но се смета дека регулирањето на телесната тежина, здравата и балансирана исхрана и редовната физичка активност може да помогнат болеста да се одржува под контрола.

 

Студија: здравата исхрана и начинот на живот може да помогнат дијабетот да премине во ремисија (да се „излекува“)

Третирањето на дијабетот преку начинот на исхрана и начинот на живот е добро познат на науката и впрочем е основата на нашиот принцип на работа. Тоа претставува најефикасен начин за справување, но и за превенирање на појавата на дијабет. Една нова студија го проучувала ефектот на исхраната – поконкретно употребата на здрави, минимално процесирани намирници. Исто така, акцентот бил ставен на исхрана која е главно базирана на растителни намирници. Во истражувањето биле вклучени околу 60 испитаници, на просечна возраст од 71 година. Биле следени нивните параметри во подолг временски период, а сите од нив имале тип 2 дијабет. Како што напоменавме, тие следеле претежно растителна исхрана, со здрави, минимално процесирани намирници. 

Резултатите покажале дека сите испитаници имале подобрување во контролата и менаџирањето на шеќерот во крвта, а дури 37% од нив имале ремисија, односно враќање на шеќерот во оптималните, здрави граници. Исто така, со придржување до ваква исхрана, испитаниците користеле помалку лекарства за намалување на шеќерот. Истражувањето покажало дека намирници богати со растителни влакна, кои не содржат многу масти, како што се растителните намирници, може особено да помогнат кај лицата со дијабет тип 2. Интересно е што истражувањето е доста невообичаено, бидејќи испитаниците не биле ограничени со внесот на калории и не следеле конкретен временски период или шаблон за распоред на оброците. Исто така, наизменичното постење не било задолжително. 

Ваквите резултати уште еднаш ја потврдуваат важноста на исхраната кај лицата со дијабет, а особено ја нагласуваат моќта и неопходноста од употребата на што е можно повеќе растителни намирници. Тука ги вбројуваме: полнозрнестите житарки, мешунките, овошјето и зеленчукот, семињата, јаткастите плодови и сл. Овие намирници се препорачливи впрочем за сите, а не само за лицата со дијабет.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор