fbpx

Како влијае ТОПЛОТО ВРЕМЕ на КРВНИОТ ПРИТИСОК? – Кој треба најмногу да ВНИМАВА?

tonus

Моментално имаме силен и долг топлотен бран кој навистина го отежнува секојдневното функционирање. Важно е во вакви екстремни периоди да внимаваме и на нашето здравје, а тоа особено важи за лицата кои веќе имаат некаков здравствен проблем. Поради тоа, денес накратко ќе се задржиме на ефектите на топлото време врз крвниот притисок и ќе зборуваме зошто лицата со низок притисок треба да се особено внимателни.

 

Зошто високите температури може да бидат опасни?

Од сите екстремни временски услови, топлотните бранови, каков што моментално има во нашата држава, се заслужни за најголем број смртни случаи ширум светот. Топлото време влијае на телото на повеќе различни начини. Нашето тело, преку потењето се бори со високата температура, крвотокот се зголемува, срцето бие побрзо и крвните садови се шират. Особено е опасна комбинацијата од висока температура и висока влажност. При висока влажност, потта многу потешко испарува со што телото не може ефективно и брзо да ја „изгуби“ топлината преку испарувањето на потта. Тоа би значело дека при поголема влажност, ризикот од топлотен удар е значително зголемен.

 

Како високите температури влијаат на крвниот притисок?

Потењето е главниот механизам на организмот за намалување на телесната температура. Но, обилното потење може да доведе и до дехидрираност, а со потта се губат и низа на минерали. Ваквата комбинација може да доведе до намален волумен на крв и промени во крвниот притисок. Крвните садови се шират на топло време, а тоа доведува и до пад на крвниот притисок. Доколку станува збор за лице со хипертензија или со крвен притисок кој е природно во високите граници на нормалата, ваквиот ефект на топлото време не би требало да е загрижувачки. Но, за лицата чиј притисок е природно низок или пак користат терапија за намалување на притисокот, топлото време, во комбинација со обилното потење може да доведе до нагло паѓање на притисокот. Поради тоа, важно е овие лица да пијат навистина повеќе течности со цел одржување на добро ниво на хидрираност, но и внес на минерали.

"“Online”/

Како и за сите останати, препораките при ваквите екстремно топли бранови се:

  • Доколку сте во можност, престојувајте во разладени простории или пак престојувајте во најразладената соба во вашиот дом
  • Останете хидрирани – пијте повеќе течности, а доколку имате периоди на обилно потење, а имате природно низок притисок, може да се напиете и електролитски раствор или сличен напиток
  • Избегнувајте активности на отворено во најтоплиот период од денот. Активностите и обврските завршувајте ги рано наутро или приквечер.
  • Избегнувајте интензивна физичка активност, или пак правете ја во најладниот период од денот – рано наутро
  • Доколку сте на отворено, престојувајте под сенка, пијте повеќе течности и носете лесна и широка облека
  • Носете шешир или капа со цел да ја заштитите главата од силното сонце, а внимавајте и на вашата кожа – користете крема со заштитен фактор

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор