fbpx

Кои секојдневни НАВИКИ може да го загрозат ЗДРАВЈЕТО на нашиот МИКРОБИОМ?

tonus

Се проценува дека цревната микрофлора или т.н и микробиом брои над 100 трилиони бактерии. Тие имаат незаменлива улога во нашето здравје, а нивното целосно влијание константно се проучува и секојдневно се откриваат нови здравствени аспекти кои во голема мера зависат и се поврзани со здравјето на микробиомот. Поради тоа, од огромно значење е овој богат и разновиден систем да го одржуваме здрав. Од друга страна, нашите навики, потреби и исхрана може да влијаат и негативно и да го загрозат здравјето и функцијата на микробиомот, а токму ова ќе биде темата за која ќе зборуваме во продолжение.

 

Зошто е важно здравјето на цревната микрофлора?

Некои научници проценуваат дека за секоја човечка клетка постојат 10 клетки на микроорганизми во нашето тело. Други научници го поставуваат ваквиот сооднос на 1:1. Во секој случај, очигледна и јасна е застапеноста и важноста на микроорганизмите за нашиот организам. Тие се присутни во огромен број и имаат низа на функции. Голем дел од микроорганизмите ги колонизираат цревата, каде се навистина неопходни и незаменливи.

Ваквата микрофлора во гастроинтестиналниот тракт е уникатна и различна кај сите луѓе. Таа е дом на микроорганизми кои заедно имаат околу 3 милиони гени, односно таа е 150 пати генетски поразновидна од човековото тело. Поединечниот и уникатен состав на микрофлората може да одреди како еден човек ќе ја дигестира храната, ќе се справува со инфекции и болести и сл. Ваквите микроорганизми во цревата имаат и незаменлива улога кога станува збор за искористување на нутриентите од храната. Бактериите помагаат да се разложат сложени соединенија кои се наоѓаат во повеќето намирници, до попрости соединенија кои телото може да ги искористи. Микрофлората е вклучена во дигестијата на сите три макронутриенти – липиди, протеини и јаглехидрати. Здравата цревна микрофлора може да го заштити организмот од размножување на непосакувани и штетни видови на бактерии. Разновидноста на храната значи и  поразновидна микрофлора, а токму тоа ја прави и поефикасна, подобра и поздрава. Како што споменавме, речиси и да нема аспект од нашето здравје кој не е под влијание на функцијата на овој комплексен систем од микроорганизми, па така редовно се истражуваат различни здравствени аспекти и секојдневно науката ја увидува важноста и моќта која микробиомот ја има врз нашето целокупно здравје. 

"“Online”/

 

Кои секојдневни навики може да го загрозат здравјето на миркобиомот?

1 . Недоволна разновидност во исхраната

Генерално гледано, здравјето на миркобиомот во голема мера зависи од неговата разновидност. Слаба разновидност значи и слаб микробиом, а тоа ќе се одрази и на здравјето. Доколку внесуваме разновидна храна, ние всушност ќе ги задоволиме потребите на сите присутни бактерии, а со тоа ќе го стимулираме нивниот раст и размножување. Еднолична исхрана би резултирала со голем број на бактерии од еден сој или вид, а сосема малку од друг. Под разновидна исхрана мислиме на секојдневен внес на разно овошје и зеленчук, полнозрнести житарки, мешунки, риба, семиња, јатки, помалку масно месо и сл.

 

2 . Недостаток од пребиотици во исхраната

Пребиотиците едноставно кажано се храна за микробиомот. За пребиотици главно се сметаат растителните влакна кои нашето тело не може да ги искористи, но бактериите во цревата можат. Бидејќи се одлична храна за микробиомот, растителните влакна промовираат раст и разновидност, зајакнувајќи го здравјето и функцијата на овие корисни бактерии. Како храна богата со пребиотици се сметаат сите намирници богати со растителни влакна – овошје и зеленчук, житарки, мешунки, јатки и сл. Фиброгелот е исто така одличен пример за пребиотик, а повеќе на таа тема може да прочитате тука.

 

3 . Недоволно физичка активност

Покрај огромниот број придобивки од физичката активност, науката ја проучува и поврзаноста меѓу оваа здрава навика и здравјето на микробиомот. Зголемен степен на физичка активност се поврзува и со зголемени нивоа на одредени соединенија (бутират и други кратко-верижни масни киселини) кои се важни за здравјето, но и за микробиомот. Една студија покажала дека професионални атлетичари играчи имаат поразновидна микрофлора и двојно поголем број на бактериски колонии во споредба со контролната група на испитаници. 

 

Други негативни влијанија врз здравјето на микробиомот може да бидат:

  • Премногу стрес
  • Недоволен и неквалитетен сон
  • Употреба на антибиотици
  • Преголем внес на алкохол
  • Пушење 
  • Одредени хронични заболувања

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор