fbpx

Никотин – главниот виновник зад зависноста од цигарите

tonus

На нашиот блог постојано зборуваме за штетноста и ризиците кои ги носат цигарите и пушењето. Како еден вид на кампања, веќе имаме пишувано на повеќе различни теми, секоја подеднакво важна. Бидејќи живееме во земја каде преовладува загрижувачка и алармантна статистика и каде над 30% од младите и над 50% од возрасната популација се пушачи, сметаме дека подигнување на свесноста за темата е неопходна.

Во претходните статии говоревме за штетните ефекти кои пушењето ги има врз нашето кардиоваскуларно здравје, респираторен систем, бубрези, крвен притисок и сл.

Денес ќе зборуваме за главниот виновник позади ваквата статистика, односно за она што не’ прави цигарите толку зависни. Секако, станува збор за никотинот, а за неговиот ефект, начинот на кој ја гради зависноста и последиците кои ги остава по нашето здравје ќе зборуваме во продолжение.

"“Online”/

 

Што се содржи во чадот на цигарите?

Чадот од цигари кој е добиен преку палење на самата цигара е сложен систем од хемиски соединенија. Овие соединенија се прикачени на т.н аеросоли, односно многу ситни честички, а постојат и како слободни – како гас. Проценките на научниците се дека во чадот од цигарите има над 7000 различни хемиски соединенија.

Ваквиот процес на согорување е само-одржувачки и ќе трае се додека ги има потребните состојки да гори, а тоа се тутун и кислород. Високите температури при ова согорување, кои можат да достигнат и до над 800℃, се причина за промените кои настануваат кај тутунот, пришто тој согорува и се испуштаат многубројни штетни соединенија.

Процесот всушност е доста сложен и протекува низ повеќе фази и повеќе региони, но во суштина комбинацијата од висока температура, кислород и тутунот како гориво, доведува до ваква сложена реакција и продукција на низа штетни компоненти.

Се смета дека од тие 7000 различни соединенија, околу 69 се познати како канцерогени, а и голем број од нив се и токсични. Присуството на ваквите соединенија во различни продукти е секогаш нагласено и потрошувачот е предупреден и информиран за можните последици. За цигарите вакво предупредување не постои.

Како дел од овој огромен број соединенија е и никотинот, можеби најзаслужен за штетноста и градењето на зависноста од цигарите.

 

Како никотинот создава зависност?

Никотинот е главната состојка на цигарите и е причина поради која пушачите имаат потешкотии со откажувањето. Имено, во нашиот мозок постои т.н систем или центар за награда. Кога практикуваме некоја активност што ни се допаѓа или ни претставува некакво задоволство, нашиот мозок создава допамин. Допаминот претставува невротрансмитер и е заслужен за начинот на кој осеќаме задоволство.

Никотинот го користи или може да кажеме – злоупотребува ваквиот систем. Со внес на никотинот во телото, тој многу брзо стигнува до мозокот и предизвикува создавање на допамин. Но, количеството на допамин кое се создава е многу поголемо во споредба со секојдневните активности, како на пример јадење на некоја омилена храна. Ова е воглавно начинот на кои се создава зависност од никотинот и би било донекаде погрешно доколку пушењето го наречеме „навика“.

Со текот на времето, количеството допамин кое се создава станува се помало, а потребата за цигарите расте со цел да се задоволат потребите за допамин. Ова се смета за еден од главните механизми кој се јавува кај сериозните пушачи и за нивната редовна потреба од нова цигара.

 

Кои се ефектите на никотинот врз нашиот организам?

Никотинот претставува исклучително опасно соединение кое како што споменавме, создава силна зависност. Честата и повторлива изложеност кон никотин, влијае врз функцијата на мозокот и начинот на кој се справуваме со стрес, само-контрола, учење и помнење на нови информации. При неговиот внес во организмот, доаѓа до лачење на адреналин, со што доаѓа до зголемување на пулсот, крвниот притисок и забрзано дишење.

Дополнително, после неколку часа, доаѓа до целосно метаболизирање на никотинот, па поради тоа се јавува потреба за нова цигара. Ваквата зависност и потреба од никотинот е она што им го отежнува процесот на откажување на пушачите. Доколку нагло запрат со пушење, сериозните пушачи може да имаат траги од никотин во нивната урина и крвоток дури и после 2 недели.

Ваквата зависност која ја создава никотинот е она што најмногу го прави опасен и штетен по здравјето. Како што рековме, цигарите покрај никотинот содржат илјадници други соединенија, а голем дел од нив се далеку поштетни од никотинот. Никотинот воглавно може да создаде главоболки, зголемен ризик за голем број заболувања, забрзан пулс и сл. Никотинот може да се внесе и во прекумерни дози и може да предизвика никотинско труење.

Симптомите за овој тип на труење се: конфузија, покачен крвен притисок, лошење, аритмија, тахикардија, тресење, повраќање и сл.

Никотинот е исто така особено штетен за помладите и може да има сериозни ефекти врз развојот. Особено е опасен за развојот на мозокот и когнитивните функции кај адолесцентите и помладите лица.

 

Откажувањето не е едноставно, но за истото никогаш не е доцна

Откажувањето на цигарите не е лесно, но е секогаш правилната одлука за вас. Никогаш не е доцна за откажување на цигарите, а доколку не успевате во тоа, побарајте помош од вашиот лекар. Постојат и бројни помагала (никотински фластери, мастики и сл.) и суплементи кои може да ви помогнат во ваквата одлука. Со откажувањето на цигарите, вашиот ризик за појава на разни заболувања, драстично и брзо опаѓа. Ќе се чувствувате подобро, поенергично и вашиот квалитет на живот ќе се подобри.

[Поврзано: Непријатни симптоми по откажувањето на цигарите – Како да си помогнеме?]

 

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор