fbpx

Два исклучително лесни рецепти за подготовка на печена риба

tonus

Во медитеранската кујна, рибата има централно место и се смета за една од најздравите намирници. Без разлика дали е морска или слатководна, таа се употребува често и во комбинација со многу зеленчуци. Препораките се риба да се консумира барем еднаш до два пати неделно. Рибиното месо е одличен извор на комплетни протеини, витамини и здрави, незаситени масти. Исто така, рецептите со риба се најчесто многу лесни за подготовка и не подразбираат подготовка која трае со часови. Затоа, во продолжение ќе ви издвоиме и предложиме два вкусни рецепти за подготовка на риба на медитерански начин.

 

Рибиното месо е нутритивно, а сепак нема премногу калории

 

Од повеќето типови на риба присутни на нашите пазари, да ја издвоиме пастрмката како можеби најпознатиот и најчесто користен тип на риба.

Пастрмката е исклучително популарна на нашите простори, а тоа можеме да кажеме дека делумно се должи на нејзиниот умерен, пријатен и неутрален мирис и вкус. Таа се смета за релативно ниско калорично месо, содржи само 119 калории/ 100g.

"“Online”/

Од макронутриентите на 100g пастрмката содржи:

 

  • 0g јаглехидрати
  • 3,5g вкупни масти, од кои – 0,7g заситени, 1,1g мононезаситени и 1,2g полинезаситени
  • 20,5g протеини

 

Од витамините, ги содржи повеќето витамини од Б групата (Б1, Б2, Б3, Б5, Б6, Б9 и Б12) и витамините А, Д и Е.

Пастрмката содржи и многубројни минерали – фосфор, селен, калиум, магнезиум, манган, калциум, цинк, бакар, железо и натриум.

Ваквиот нутритивен профил, особено во поглед на макронутриентите, ни дава сосема очигледна порака – пастрмката е добар извор на протеини, здрави масти, но и на витамини и минерали.

Доколку немате пастрмка на располагање или преферирате друг тип на риба, слободно заменете ја наместо пастрмката во рецептите кои следат.

 

Печена пастрмка со лимон, лук и магдонос

 

Овој рецепт е исклучително едноставен и лесен за подготовка и за него ќе ви бидат потребни околу 30 минути. Истиот е доволен за околу 2 порции.

 

Потребни намирници:

  • Половина килограм пастрмка (две помали парчиња)
  • 400g компир, исецкан на коцкички
  • Маслиново масло
  • 5 чешниња лук, ситно исецкани
  • Свеж магдонос, исецкан
  • Сол и мелен црн бибер
  • Сок од лимон

 

Начин на подготовка:

  1. Обложете тавче во кое ќе ја печете рибата со хартија за печење. Ставете ги парчињата риба и пропрскајте со малку маслиново масло.
  2. Распространете го компирот околу рибата. Внатрешноста на рибата наполнете ја со малку мешавина од лук и магдонос. Зачинете го компирот и рибата со сол и мелен црн бибер.
  3. Печете околу 15 минути на температура од 190-200℃, односно додека рибата фино не зарумени, а нејзиното месо не омекне.
  4. При послужувањето, пропрскајте го сокот од лимон врз парчињата риба.

 

Тава од риба и зеленчуци

 

За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви бидат околу 40 минути и истиот е доволен за 4 порции.

 

Потребни намирници:

  • 1 лимон
  • 1 црвена пиперка, исецкана на тенки ленти
  • 1 зелена пиперка, исецкана на ленти
  • 1-2 домати, исецкани на покрупни парчиња
  • 2-3 компири, исецкани на коцки
  • 1 кромид, исецкан на тенки кругови
  • Маслиново масло
  • Околу 1kg пастрмка, поделена на 3-4 парчиња
  • Свежо оригано, сол и мелен црн бибер

 

Начин на подготовка:

  1. Тавче за печење обложете го со хартија за печење. Поставете ги црвената и зелената пиперка, доматот, кромидот, компирот и фино зачинете ги. Пропрскајте ги и со малку маслиново масло. Печете го зеленчукот на 200℃ , околу 20 минути.
  2. Во меѓувреме, промијте ја фино пастрмката и вишокот вода впијте ја со хартија. Ставете неколку тенки парченца лимон во внатрешноста од рибата и фино посолете ја и зачинете ја. Премачкајте ја со малку маслиново масло.
  3. Извадете го тавчето во кое се пече зеленчукот. Ставете ги парчињата риба во тавчето, а зеленчукот размешајте го со цел подеднакво да се испече. Вратете го тавчето во рерна и печете дополнителни 20 минути, односно додека рибиното месо не омекне.
  4. Послужете со малку лимонов сок и крупна морска сол.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор