fbpx

Кои се ПОСЛЕДИЦИТЕ од ПРЕМНОГУ СОЛ?

tonus

Речиси секој од нас повремено јаде некој тип на процесирана храна. Можеби поради недостаток од време, енергија или пак чисто поради уживање – постојат голем број на процесирани намирници и т.н брза храна која добро знаеме дека е нездрава. Еден од проблемите со овој тип на храна е што често содржи огромни, нездрави количества на одредени нутриенти – шеќери, заситени масти, транс масти и сл. Но, исто така, овој тип храна е најчесто и значителен извор на сол, па така неретко се случува целиот препорачан дневен внес за сол да се внесе преку само еден оброк. Поради тоа, денес ќе зборуваме за ефектите и промените што се случуваат во телото после еден оброк богат со сол. 

 

Што велат препораките?

Готварската сол, позната и како натриум хлорид претставува соединение кое секојдневно се внесува преку исхраната. Солта е еден од главните извори за натриум, минерал и елемент кој му е неопходен на нашиот организам. Имено, тој има повеќе различни функции: учествува во спроведувањето на нервните импулси, контракцијата на мускулите и ја одржува рамнотежата на вода и минерали во организмот. Потребите од натриум за овие функции се релативно мали и се смета дека само половина грам дневно е доволно. Но, често се случува да се внесува премногу сол, а со тоа и премногу натриум преку исхраната. Ваквата прекумерност во нивоата на натриум доведува до повеќе различни промени – покачување на крвниот притисок, задржување на водата во телото (потеченост), оптеретување на бубрезите итн. Покрај ваквите проблеми, неколку студии го поврзуваат прекумерниот внес на сол и со покачување на телесната тежина.

Здравствените препораки ширум светот велат дека внесот на сол треба да е лимитиран до околу 2,3g или 2300mg на ден. Оваа количина соодвестува со околу 1 израмнета мала лажичка сол, количество кое е често прекорачено несвесно. За луѓето со хипертензија, се препорачува внесот на сол да биде и под 1,5g или 1500mg на ден.

"“Online”/

 

Што се случува во организмот при прекумерен внес на сол?

Ефектите од прекумерен внес на сол може да се поделат на краткорочни и долготрајни. Краткорочните ефекти од прекумерно количество сол, најчесто се: задржување на вода, покачување на крвниот притисок и зголемена жед. Главниот краткорочен ефект на солта е задржувањето на вода. Тоа се случува како резултат на работата на бубрезите кои се обидуваат да одржат одреден, оптимален сооднос на вода и натриум во телото. Поради прекумерното количество на внесен натриум, тие ја задржуваат водата со цел да компензираат. Ова ќе го забележиме преку благо отекување, особено во рацете и стапалата, како и околу очите. Поради ваквото задржување на вода, доаѓа и до покачување на крвниот притисок, бидејќи низ крвните садови сега ќе циркулира поголемо количество на течност. Но, науката покажува дека не секој реагира исто, па така кај некој ќе се јави поголемо покачување на притисокот, додека кај некој можеби сосема малку да се покачи. Ова главно се должи на останати фактори како генетика и хормони. 

Долгорочните ефекти од прекумерен внес на сол се: хипертензија, зголемен ризик за кардиоваскуларни компликации, зголемен ризик од карцином, формирање на бубрежни камчиња и сл. Доколку константно се внесува прекумерно сол, притисокот ќе биде постојано покачен, односно ќе дојде до појава на хипертензија. Токму поради тоа, лицата со веќе дијагностицирана хипертензија треба особено да внимаваат на внесот на сол. Проблемот дополнително се усложнува кога луѓето немаат доволно информации или пак воопшто не ги читаат етикетите. Со внес на разни процесирани намирници, исклучително е лесно да се надмине дневниот препорачан внес. Исто така, солта е често „скриена“ и се наоѓа во големи количини онаму каде што не би ја очекувале. Повеќе на таа тема, може да прочитате тука!

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор