Ако го следите нашиот блог, веројатно досега повеќе пати сте прочитале дека пиењето кафе и пиењето чај може да има извонредни ефекти по нашето здравје.
[Поврзано: Чај, јаболки и бобести овошки против деменција?]
Повеќе различни истражувања го поврзуваат кафето со намален ризик од различни заболувања, како деменција, срцеви болести итн. Истото е случај и за разните типови чаеви. Во продолжение, нешто повеќе за една студија која испитува дали пиењето и на двата пијалоци во текот на денот, може да направи одредена позитивна промена плус.
[Поврзано: Добри вести за љубителите на КАФЕТО!]
Кафе или чај? И двете!
Истражувачите од споменатата студија утврдиле дека оние што пијат 2-3 шолји кафе и 2-3 шолји чај во текот на денот, имаат за 30% помал ризик од мозочен удар и за 28% помал ризик за развивање деменција во однос на тие што не пијат.
[Поврзано: Зошто е подобро кафето да се пие ПОСЛЕ, а не пред доручекот?]
Навиките за пиење чај и кафе се навистина многу застапени низ нашата популација. Затоа дури и најмалите потенцијални здравствени импликации поврзани со кафето или чајот, можат да бидат исклучително важно прашање за јавното здравје!
Синергистички ефект
Како што веќе споменавме, бројни студии се занимавале и покажале значителни здравствени бенефити од умереното консумирање на кафе и чај одделно, но досега не бил детално испитан нивниот ефект кога се пијат ,,заедно” (во текот на истиот ден, а не измешани).
Истражувачите ги анализирале податоците на над 365 илјади лица од Британија во однос на навиките за пиење кафе и чај, а анализиран бил и ризикот од развој на мозочен удар и деменција.
[Поврзано: Мозочен удар – како да го препознаете, што да преземете и зошто е важно брзо да реагирате?]
Во текот на следењето на испитаниците (во просек 11,4 години), 2,8% од нив доживеале мозочен удар, а 1,4% развиле деменција.
Што велат добиените резултати?
По направените пресметки и анализи, ризикот од мозочен удар кај лицата што пиеле половина до една чаша кафе на ден, бил за 10% понизок од тие што не пиеле. Кај оние што консумирале повеќе од 2 шолји кафе дневно, ризикот бил за 8% помал. Лицата пак, што пиеле повеќе од 2 шолји чај дневно, покажале 16% помал ризик од мозочен удар.
Но што е најзначајно да се каже? Испитаниците што пиеле и кафе и чај во текот на денот, имале најголемо намалување на ризикот! Дури 32% кога пиеле 2-3 кафиња и 2-3 шолји чај! Слично, ризикот од деменција бил намален за 28%!
Кафето и чајот не се добри само во превенцијата!
Во ова истражување, кафето и чајот се покажале и како одлични и кај лицата што веќе искусиле мозочен удар. Пиењето 2-3 шолји кафе се поврзува со 20% помал ризик од деменција по веќе доживеаниот мозочен удар. Дополнително, пиењето чај во комбинација со кафето во текот на денот, се поврзува со неверојатни 50% помал ризик од деменција по доживеан мозочен удар.
[Поврзано: Како треба да живеете ПОСЛЕ преживеан срцев удар?]
Ова истражување не наоѓа поврзаност помеѓу консумирањето кафе и чај и хеморагичниот мозчен удар.
Краток заклучок
Добиените податоци од истражувањето се исклучително позитивни за љубителите на кафе и чај.
Имајќи предвид дека кај нас постои традиција за пиење кафе и чај, оваа студија е уште една одлична причина да ја задржиме ваквата традиција. Тоа особено важи за повозрасните лица, бидејќи имаат многу позначаен ризик и од мозочен удар и од деменција.
[Поврзано: 7 причини зошто чајот се пие и на лето!]
Сепак, кафето содржи кофеин, а неретко се ,,збогатува” и со доста шеќери. Затоа, внимавајте на испиените количества и не додавајте премногу шеќер во кафето!
[Поврзано: СТЕВИА – 300 пати послатка од шеќерот!]
Извор:
,,Consumption of coffee and tea and risk of developing stroke, dementia, and poststroke dementia: A cohort study in the UK Biobank” November 2021, PLOS Medicine