fbpx

АЛКОХОЛОТ го зголемува РИЗИКОТ за премин на ПРЕДИЈАБЕТОТ во ДИЈАБЕТ?

tonus

Една од најчестите здравствени состојби на денешницата – дијабетот, доаѓа со своевиден „жолт картон“, односно предијабетот. За предијабетот да не премине во дијабет треба да превземеме повеќе превентивни чекори, а речиси сите се поврзани со начинот на живот. Денес, ќе зборуваме за консумацијата на алкохол како ризик фактор за премин на предијабетот во дијабет.

 

Што претставува предијабетот?

Поголемиот дел од луѓето знаат, но да потсетиме: Крвниот шеќер расте по оброците, а хемискиот ,,гласник” или хормонот инсулин се излачува од панкреасот, како одговор на тој раст. Инсулинот има за цел да го намали глукозното ниво во крвта, преку интензивирањето на влезот на шеќерот од крвта во клетките, кои понатаму го употребуваат за енергија.

Дијабетот тип 2 е дијагноза при која клетките стануваат резистентни, односно отпорни на инсулинот или кога панкреасот не може да создаде доволно од овој значаен хормон за да ги задоволи потребите на организмот.

"“Online”/

Ако имате предијабетес, вашиот крвен шеќер е повисок од нормалните граници, но не доволно висок за да може да се дијагностицира дијабет. При предијабет, најверојатно е присутна и инсулинската резистентност или панкреасот има проблеми со продукцијата на доволно инсулин.

[Поврзано: Инсулинска резистентност – сè почест проблем!]

 

Дали постојат предупредувачки знаци?

За жал, вообичаено не се јавуваат некакви предупредувачки симптоми кои би можеле да ни укажат дека имаме проблем со предијабетична состојба. Во поретки случаи, можни се некои поблаги симптоми, како потемнувања на кожата во пределот на вратот или под пазувите, понекогаш проследено и со ситни израстоци на кожата.

Токму заради овие причини, според одредени истражувања, дури од 80 до 90% од лицата со предијабет воопшто и не се свесни дека го имаат!

Па, како да знаеме дали имаме и да си помогнеме во превенирањето?

Одговорот тука е јасен, преку свесноста за ризик-факторите за предијабет, нивното контролирање преку здравиот начин на живеење и редовните контроли на шеќерот.

 

Дали алкохолот го зголемува ризикот за премин на предијабетот во дијабет?

Консумацијата на алкохол има сложени ефекти врз лицата со предијабетес, значително влијаејќи на нивниот ризик од транзиција во дијабет. Додека умереното консумирање алкохол е поврзано со потенцијални кардиоваскуларни придобивки, прекумерното пиење носи значителни метаболички ризици, особено за оние со предијабет. Хроничниот внес на алкохол може да ја наруши хомеостазата на глукозата со тоа што ја нарушува инсулинската сензитивност, односно води до инсулинска резистенција, а со тоа ја влошува веќе постоечката неповолна состојба. Дополнително, метаболизирањето на алкохолот може да предизвика оксидативен стрес и зголемено воспаление, што резултира во влошена функција на β-клетките на панкреасот и нарушена синтеза на инсулин. Високиот внес на алкохол е исто така поврзан со зголемувањето на телесната тежина и масните наслаги (особено во пределот на стомакот) – две состојби кои се утврдени ризик фактори за развој на дијабет. 

Покрај тоа, добро знаеме дека алкохолот сериозно го оштетува и влијае негативно на здравјето и функцијата на црниот дроб. Зголемен внес на алкохол може да доведе до состојби како што е алкохолно замастување на црниот дроб, што пак може да ја влоши веќе постоечката инсулинска резистенција и дополнително да го наруши метаболизмот на глукозата. 

Генерално гледано, зголемената или прекумерна консумација на алкохол често го придружува нездравиот начин на живот – нездрава и калорична храна, седечки начин на живот, пушење и сл. Целокупниот ваков начин на живот значително и гарантирано го зголемува ризикот за премин на предијабетот во дијабет, но и појава на низа други здравствени проблеми

Како заклучок, евидентно е дека зголемената консумација на алкохол ќе влијае негативно на целокупното здравје, а особено зголемува ризикот и за премин на предијабетот во дијабет. Иако повременото, умерено консумирање алкохол не може значително да го зголеми ризикот кај лицата со предијабет, сепак треба да сме внимателни за количината и зачестеноста при пиењето на алкохол. Доколку сакате да прочитате за корисните придобивки кои ги носи умереното пиење на црвено вино, кликнете ТУКА.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор